Сашко Коцев: Приказната за Сара не трогна сите

Добивај вести на Viber

Следната изведба од хит- претставата „Не се клади на Енглези“ на 11 ноември во МНТ, ќе биде со хуманитарен карактер. Парите од продадените билети, МНТ и продукцијата на „Не се клади на Енглези“, ќе ги донира за Сара Настеска, 15 годишна девојка од Охрид, на која итно ѝ е потребна  трансплантацијата на коскената срж. 

Еден од тројцата главни актери во претставата, Сашко Коцев вели дека се нашле пред многу одговорна задача.

„ Не е прв ваков гест, нашата продукција да донира за хумани цели. И многу е тешко и неблагодарно да се одлучиш за кого да направиш добро дело, во време кога на многу луѓе им е потребно. Особено што сумата е голема. Друго е кога на некој му требаат 30 или 60 илајди евра, а на Сара ѝ се потребни 200.000 евра само за операцијата, а каде е закрепнувањето потоа? Не трогна таа приказна, па се решивме дека парите ќе ги подариме за неа, и затоа билетот е покачен на 500 денари, но и поради тоа што ќе се игра на мала сцена, која има помал капацитет“, ни изјави Коцев. Тој додава дека уште една лична причина го натерала помошта да оди токму на адресата на младата охриѓанка. 

„ Блиски пријатели од градот на Сара, Охрид, ни побараа помош, па првично сакавме да организираме стенд-ап во Охрид, но се решивме дека изведбата во МНТ е подобра опција. Директорката на театарот, кога ѝ ја раскажавме нашата идеја, прифати во две секунди“, додаде Коцев.

Актерот ни раскажа дека хуманата мисија на „Не се клади на енглези“ започнала уште за време на поплавите во скопско, летото во 2016 година. Тогаш за поплавените семејства, тие донирале околу 7 илјади евра.

На 11 ноември, ќе се игра 97 изведба на популарната претстава. Премиерата се одржа во март во 2014 година, а заедно со Сашко играат и Оливер Митковски и Александар Микиќ. Режисер е Синиша Ефтимов. 

„ Некаде околу Нова година, здравје, ќе ја играме јубилејната, стота претстава“, додаде Коцев.

М.Џаровска