Се лажев дека успехот се мери по сметката во банка, доста е од хотели со сто ѕвезди: Ивана Кнез за својата животна промена откако е на Караџица

Добивај вести на Viber

Модната дизајнерка Ивана Кнез својот мир го наоѓа на планината Караџица, во планинарскиот дом каде што претстојува често. Ивана, која изминатиов период бележи големи успеси, особено во соработката со првата дама на Хрватска Сања Мусиќ- Милановиќ, вели дека откако е почесто на планина, сфатила дека ѝ е преку глава од хотели со сто илјади ѕвезди, и е посреќна во планинското преноќиште кое за неа значи реален живот. Кнез искрено раскажа за сето она што го научила за себеси си за животот воопшто, откако сѐ почесто се повлекува од градскиот живот и од социјалните мрежи.


-Домот е првенствено љубов на моето семејство, мојата мајка дели еден цел век на пријателство со покојниот Филип Чакаров кој заедно со неговите најблиски е заслужен за целата енергија која вибрира околу таа локација. Јас го спремав најтешкиот мој испит на факултет таму, иако морам да признаам дека мојот животен стил тогаш не се вклопуваше со животот на планина. Вујко ми е тој кој постојано се обидуваше да направи од мене искусен планинар, но некако не му успеа, единствено успеа да направи да ја засакам планината бескрајно, и сѐ поврзано со неа. Филип замина многу млад и јас некако не собрав храброст повторно да одам горе потоа, а и мојот животен стил беше далеку од искреноста на планината. После премногу години, младата фотографка Сара Митрички со која соработувам, ги поврза приказните со мене, нејзиното семејство кое со години наназад ја негува традицијата на домот и Караџица и по толку долг период ми понуди да одам горе со неа. Веројатно целата волшебност на минатото и спомените заедно со една нова поставка на генерации кои ги пронајдов таму си го направија своето. По не знам кој пат повторно се заљубив во тој дом и начинот на живот кој го бара од тебе“, ни раскажа Ивана од Караџица.


На планина, таа оди кога работните обврски ѝ го дозволуваат тоа, најчесто за викенди. Вели дека времето таму е заробено во едно стаклено ѕвоно, и сега знае што значел советот на нејзиното семејство кога ѝ велеле: „Оди бре горе Ивана, ќе запознаеш поинакви луѓе, вистински и искрени, луѓе кои се заљубени во животот и знаат како од се’ да направат лезет“.

-Знаете, ние во моментов живееме во една огромна лага наметната од социјалните медиуми и современиот животен стил, јас најдобро го знам тоа, многу долго време се лажев себеси дека успехот се мери по сметката во банка, бракот или општественото признание. Мене лично ми требаше многу време и многу падови што на приватно што на работно поле, за да дојдам до тоа да си признаам дека не е важно каде си туку со кого си, дека сите сме со рок на траење и дека најважно на светот е времето. За мене сега, мој најголем личен успех е тоа што моето време е споделено со една компанија на исклучителни карактери во кои се заљубив од моето прво чукање на врата. (Многу долга приказна, ќе ја оставам за некое следно интервју) .


„Одамна се нема случено да засакам некој на прво видување, а овие момци и девојки кои се дел од моменталното секојдневие на домот ми го заробија срцето во еден здив“, раскажа Кнез и подетално го објаснува патот до Караџица и нејзиното сместување таму.

-Со теренско возило од центарот на Скопје до горе се стигнува за два часа, постои и опција за организиран превоз доколку се искомуницира некој од момците задолжени за тоа. Самиот дом е како преноќиште, има соби со два или повеќе кревети каде се менува постелнината редовно за секој гостин. Реално е знаеш, преку глава ми е од хотели со сто илјади ѕвезди и не знам какви ресорти, на мене ми требаше вистината, онаа која не секој има храброст да ја евидентира на фотографија и да ја сподели со светот. Ни се наметна еден лажен живот, позерски, без мирис и вкус, а јас карактерно сум сосема спротивното, го сакам животот со сета негова магија, не секогаш онака како што посакувате, често и болен, но проклето волшебен и вреди да се сподели со вистинските луѓе“, открива познатата модна дизајнерка.


-Би сакала да одам почесто таму и не само таму туку и на секое место во Македонија кое и тоа како има што да понуди. Ќе сметам дека мојот живот е реализиран кога приоритет ќе ми биде посета на некоја ваква локација. Јас бев прегласна на социјалните медиуми и во оној момент кога почнаа да ме етикетираат како инфлуенсер, наместо како тоа што всушност сум, јас се повлеков. Мојата вистина е дека приватноста не е пред камерите за сите да знаат каде си, со кого си, што јадеш, што пиеш, кога стана и така натаму. Новиот начин на живот ја одзема душата на убавите моменти и направи од нас заробеници на еден светски воајерски систем, каде приоритет е туѓиот пред личниот живот. Прекрасен ми е животов и сега знам дека тоа е вистински така бидејќи немам потреба тоа да го споделам со моите следбеници. Ќе ја оставам мојата работа за споделување со очите на јавноста, а вистинскиот живот ќе им го дадам само на оние кои заслужуваат. И да, можеби понекогаш ќе им дозволам на сите да ѕирнат во дел од мојата среќа, за да споделам. Велат дека среќата се дуплира само кога се споделува“, раскажува модната дизајнерка.


И додека е на планина, Ивана вели дека е активна на секое можно поле од нејзината професија.

-Соработката со првата дама на Хрватска е постојана, таа е една прекрасна дама која точно знае кога и како треба да ги носи моите креации. Задоволна сум од текот на мојата кариера, успеав да ме нема, а да се зборува за мене, успеав жените да посакуваат да носат мои креации и да се чувтвуваат незапирливо во истите. Знаете, сета моја љубов ја дадов таму, во мојот животен сон, Drama и Lovecats. Немам повеќе амбиции да го освојам светот. Сега сакам да се освојам себеси, да научам како да уживам во секој можен миг и случување, да научам да се справувам со стресот без последици по моето здравје и да го почитувам многу повеќе тоа што го имам, најмногу семејството и моите блиски. 


Таа чорбата со ракија наутро многу значи кога ја делиш со правите каубојци, секој успех во работата во текот на денот вреди дупло“, открива Ивана за малите нешта кои го прават нејзиниот живот среќен.


Милица Џаровска

Фото: Приватна архива Ивана Кнез (Сара Митрицки)