Се’ минува...и арно и лошо
Секогаш, кога и да се случеше нешто убаво што ќе ми
предизвикаше еуфорична радост или кога се чувствував дека никогаш нема да
престане чувството на празнина и болка, баба ми велеше “ќе мине...и арното минува и лошото минува”. Мене малку не ми беше јасно, оти нема зошто убавото
да минува, ама отпосле многу работи ми се разјаснија (откако потпораснав).
Научив дека е сосем сеедно дали ќе се потресувам за нешто или некого, оти
секако ќе мине чувството после извесно време, дека она што ми изгледа како
трагедија ќе добие друга димензија после извесно време, а она пак што сум
идеализирала ќе биде изедено од реалноста. Единствено што не научив, е како тоа
да го изведам. Да, знам дека и кога денот ми е од оние “немисестануваодкреветимисеумиранееднаштукутрипатизаедно” и кога е “лелелелелелелелеситевесакамнајвишенасветбезусловноибезрезервно” ќе помине и ќе си изврви сакала јас или не, ама
пусто, секогаш и едното и другото ми се гледа на суратот, без оглед што сум
свесна оти се’ ќе е поинаку уште од утрешниот
ден.
Деновиве имав еден муабет за врски, брак, љубов од аспект на разликата меѓу она што го сакаме, ни треба и ни се случува. За жал, не секогаш она што го сакаме е и она што ни треба и обратно, а некаде помеѓу овие две заплеткани работи се провлекува она што реално ни се случува, без оглед дали го сакаме или ни треба. Ако ме прашате како би сакала да функционираат овие работи, без двоумење би рекла дека идеалната комбинација е да ми треба она што го сакам и да ми се случи. Уште ако е сега, веднаш и одма би било остварување на сите мои соништа. Наивно, нели?
Е сега, особата со која разговарав е со сосем поинакви гледишта од моите, во смисла дека на крајот секогаш работите завршуваат исто, љубовта умира и врз сето тоа уште и дека можеби не вреди да се бара нешто што и онака ќе треба да се закопува и кое предизвикува болка. На ова веднаш се најдов испровоцирана да се истопорам со тоа дека и животот секогаш завршува со смрт, ама дека тоа не значи оти треба да чекаме да мине без да мрднеме со мал прст и да се изнауживаме во него. Дека од моментот на раѓање до моментот на фрлање земја врз ковчегот има нешто што ни било дадено како привилегија, со аманет од Универзумот да го изживееме најдобро што знаеме и умееме.
Да, не секогаш успева и брак и врска, има моменти кога ти иде да го задавиш тој карши тебе или кога му гледаш во очи дека така слатко би ти ја “врзал” една од што му газиш на нерви, има моменти кога човек си вели “што ми требаше овој луксуз”, има и моменти кога ти доаѓа да си заминеш и никогаш да не се завртиш....ама луѓе, нема бре поубаво чувство од сродност, припадност, хемија и љубов. Кој што сака нека каже со сите аргументи и факти зошто е поарно да си сам (не зборувам за тоа да сте со некој по секоја цена, туку самотија како заштита од емоции и бегање од повредување), ама да си ем свој ем да си со некој и во сета таа мешаница да има и разбирачка и страст е нешто за што веднаш би се откажала од мојата самотија. Се разбира дека ќе има кошкање, лаење, расправии и низа од оние помалку убавите работи, ама вреди. И тоа вреди толку многу, што без око да ми трепне....земам ако ми е на дофат.
И да, ќе мине почетното чувство на пеперутки во стомакот. Не сум ни јас до толку забегана за да мислам дека работите нема да се сменат, но не секогаш тоа значи дека ќе се сменат на полошо. Впрочем, сум ви кажала дека не сум човек кој ужива во почетоците на врска. Тој стрес и притисок на неизвесност ми е бљак, па едвај чекам да си дојдам на себе за да почнам да уживам. Знам парови кои како поминуваат повеќе време заедно, имаат поквалитетна врска. Познавам и такви кои почнале со воздржаност и скепса, па останале заедно. А знам и парови кои како да биле совршени еден за друг, додека еден ден не пукне тиквата. Муабетот ми е дека нема правила, нема калап. Калапот ќе е онаков каков што ќе го измоделираат двајцата. Арното можеби ќе помине, ама па можеби ќе е поарно. Исто како што лошото може да значи дека ќе е полошо, ама и не мора. Не можам да прифатам дека она што било како неубаво искуство во моето минато, ќе биде дефиниција за мојата иднина. И ич не ми е гајле ако не успее повторно, оти ако почувствувам дека сакам да се обидам, ќе влезам цела внатре и со сиот ризик дека ако се’ отиде по ѓаволите, тие неколку луѓе кои се тука ќе треба да ме составуваат како да сум од лего коцки. Единствено нешто што ме плаши, не е дали ќе сум повредена или дали ќе ме боли повеќе од минатиот пат, туку дека нема да ми се случи. Не ми се старее како огорчена жена која одбила да љуби само затоа што и’ било страв како ќе го преживее тоа, ако (претпоставка заради која сами се ускратуваме од многу работи) не успее односот.
Сите сме на свој начин и посебни и терсене. Како старееме, сите особини ни се продлабочуваат, исто како и брчките на лицето. Тешко е некогаш сами себе да се истрпиме, а не па уште некој кој си е своја приказна, со свој табиет и фалинки. Да, ако гледате отстрана самотијата е преубава, исто како што за некого е преубаво да е човек во заедница. Вистината за тоа како е, е некаде помеѓу двете состојби. Сфатив дека сега и на овие години, можам да функционирам како да сум сама, па макар била со некого. Знам да соопштам дека ми треба тајм аут, немам чувство на грижа на совест со тоа што ќе си кажам дека ми е потребно да сум сама оти не правам ништо лошо и дека тоа не значи оти не ми е грижа или дека ми е здодевно. Знам да ја почитувам туѓата потреба за самотија и повеќе не скокам демек “штом не сакаш да сме 24/7 заедно, ти мене не ме сакаш”.
Некогаш, љубовта за некои луѓе е полесна на повозрасни години. За некои, тоа е онаа која им се случила во младоста, а некои пак одлучуваат дека им е преголем залак од кој не сакаат ниту да ризикуваат. И првото и второто и третото се сосем ок, ако ви прават ќеф, ако ве држат спокојни и ако е она што го сакате. Секогаш сум за тоа дека луѓето треба да ги одберат работите, а не да дозволат да тераат по линија на помал отпор. Да се љуби или не е избор, а секој избор си носи одредена одговорност кон сам себе. Не сум спремна да ја заклучам таа врата зад себе, без оглед дали ќе ме тресне по нос или не. Можеби ќе вреди, а можеби и не. И во едниот и во другиот случај, ќе мине и еуфоријата и болката. Ќе остане само чувството со кое ќе треба да живеам, а тоа е дали сум била доволно храбра да го живеам она за што сум пишувала...па макар после пишувала за љубов која згаснала или со копнеж за онаа која ја имаа баба ми и дедо ми или можеби некоја сосем нова книга ќе излезе, која дури и мене ќе ме изненади. Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Ајде една игра да играме
м?
што велиш?
ајде да играме игра
во која ќе победи оној кој прв ќе каже
ТЕ ЉУБАМ
оној кој прв рака ќе подаде
и другиот во прегратка ќе го земе
или еве
кој прв ќе тргне кон усните на другиот
м?
што мислиш?
мислиш дека сме кадарни за една таква игра
за игра во која не требаат карти
ниту коцки требаат
за игра во која се игра со чисто срце
кое баботи и чука небаре ќе замине некаде
ајде
ајде да играме игра во која љубов ќе водиме
дур’ телата можат да ни издржат
дур’ еден по друг како волци ќе завиваме
дур’ моите нокти не ти избраздат пат на грбот
пат кој до моево срце ќе води
а твоите загризи како скап накит ќе ги носам
и кришум под фустанот ќе ги гледам
како трофеј
како скапоцен дар
ајде
ајде нешто ново да направиме
наместо да се надмудруваме
и време бадијала да арчиме
ајде да се сакаме
ајде
ајде љубов да водиме
дур’ не осамне
и дур’ денот во ноќ не згасне
дур’ здив во себе имаме
заплеткај ми се во косата
и силно држи ме
како да никогаш повеќе да не ќе се видиме
што велиш?
една ваква игра да изиграме
која или ќе нè збогати
или скапо ќе нè чини
ама барем ќе нè оживее
и во очите сјај ќе ни даде
игра во која болка ќе нема
ниту победник
ниту поразен некој ќе остане
дур’ не научиме во исто време да дишеме
и во исто време „те љубам“ да кажеме
оваа игра која низ животот ја забораваме
а еве
Универзумот сторил сè за да се потсетиме
да се љубиме
да се чуваме
оваа чудесна игра да ја играме
дур тука сме
дур живи сме
ајде
ајде да си играме игра во која ти ќе си јас
а јас со твоето ти ќе се будам
во мир
во љубов