Се омажи водителката Јана Серафимова: Свадба ќе правиме следното лето, без многу адети
Водителката Јана Серафимова, која речиси секое утро ја гледаме во емисијата
„Магазин“ на „Сител“ го живее својот најсреќен период.
Јана на почетокот на јули се омажи за својот сакан Горан Петровски, а свадбата како што ни раскажа ќе биде следната година. Јана засега не сака да објавува никакви детали за свршувачката која се случи кон крајот на мај, ниту за венчавката. Таа кусо ни изјави дека е многу среќна.
-Многу сум среќна. Свадба ќе правиме следното лето, без многу адети. Сакаме да биде убава журка, „корона фри“, се надеваме“, ни рече Јана.
Таа одвреме навреме објавува фотографии со Горан на социјалнирте мрежи од заедничките излети и викенди, а на симболичен начин ги извести Фејсбук пријателите дека се омажила. Објавувајќи слика од Охрид, гушната со својот сакан, таа само кусо напиша: „Маж и жена“ и доби многубројни честитки од пријателите.
Јана важи за една од најубавите и најдобрите ТВ лица кај нас. Таа беше дел од оние кои од срце му го честитаа успехот на таеквондистот Дејан Георгиевски, кој на Летните олимписки игри во Токиоосвои сребрен медал.
Водителката, која по струка е дипломиран музичар, објави снимка од нејзино претходно интервју со Дејан, додека работеше во ТВ 24, и напиша:
-Ретро. Среќна сум што Дејан и неговиот тим ги познавам лично одамна, успесите нивни сум ги забележала - очигледно, навреме. Честитки Дејан, честитки на тимот, наскоро ве чекам во нова емисија што ми носи голема радост, со историскиот медал што го освоивте! Нè направивте среќни и горди! Така се прави тоа, а и така се бранат боите на Македонија!“
Претходно, Јана во Женски магазин зборуваше за својата нега и убавина.
-Негата на косата мене лично ми е најтешкиот дел, од причина што имам сува и виткана коса, што редовно ја фенирам, а топлината баш и не е пријател на косата. Затоа за нега на коса имам и најмногу препарати“, рече Јана за негата на косата и додаде:
-Ретко сакам нешто конкретно да прикријам со шминка, можеби неизедначеност во тенот на лицето, без тоа не би имала добра подлога за комплетна шминка. Имам сини очи, па најчесто нив ги истакнувам при шминкањето....“
М.Џаровска