Се подмладувам со крвна плазма: Данијела Мартиновиќ специјално за „Женски магазин“

Насмеана и расположена на разговор, Данијела Мартиновиќ е со ист темперамент и енергија и приватно, каква што ја знаеме на сцената. Хрватската поп-ѕвезда деновиве е на гости во Скопје за да го промовира концертот во Македонкиот народен театар кој ќе се одржи на 14 февруари, на Денот на љубовта и виното.

Специјално за „Женски магазин“, Данијела (48) даде и неколку совети со помош на кои ја негува својата убавина и младешкиот дух.

„Има само една посебна работа во мојата нега, а тоа дека откако почнав да се шминкам, не сум заспала со мејкап. Никогаш не ми било тешко да ја извадам шминката од лицето и тоа е круцијалната работа што треба да ја прави секоја жена. Целиот свој живот сум континуирано негувана, но сепак потребите се менуваа со текот на годините. Со промената на кожата, на лицето и на телото со годините, ги менував препаратите за нега и кремите. Негата кај мене е секогаш подложна на промени, но е постојана“, ни раскажа хрватската ѕвезда.

Данијела вели дека пред сѐ го почитува природниот изглед, но се согласува со корекции и третмани до одредена граница.

„Денес, кога сите тие третмани за убавина ни се достапни, не можам да речам дека не можеме да им парираме на светските ѕвезди. Понекогаш правам пилинг со крупна морска сол, и имам своја докторка, дерматолог која што десет години се грижи за моето лице. Но, јас сум најмногу вљубена во крвната плазма и имам искуство со неа. Секоја година правам по една тура од неколку пати која се повторува. Се вади вашата крв, тоа е вашата плазма, плазмата се одвојува и потоа на неа се додава хилаурон, кој се ставаат под кожата, за да може самата да се соедини со природниот колаген на кожата“, ни откри Данијела.

Дваесет и пет години, Мартиновиќ е во врска со нејзиниот колега Петар Грашо, за кој ретко зборува во јавноста.

„Најубавата работа за Петар е тоа што животот со него е неподносливо лесен, тој има прекрасен карактер. Тој не е зломаптило, тој не се лути долго, лутината брзо му поминува, тој и јас можеме за сѐ отвоерно да зборуваме. Она што ќе го споделам со вас, а го имам советувано на сите мои пријателки е: Започнете ја врската од пријателство. Прво остварете пријателски однос со личноста, а потоа ако од пријателството се роди љубов, тогаш е тоа тоа!“, ни изјави хрватската поп-ѕвезда.

Уште многу нејзини интересни приказни и дел од песните во живо ќе можете да слушнете во емисијата „Еден на Еден“ со Жаре, на 26 јануари, од 18.30, на Канал 5 Телевизија.

М.Џаровска