СЕ РАСПЛАКАВ НА МОИТЕ ПЕСНИ ПРЕРАБОТЕНИ ОД ЏИЈАН: Хуан Аткинс пред концертот во Охрид
Американскиот техно-музичар Хуан Аткинс заедно со македонската Филхармонија ќе одржи концерт на 2 август, во Античкиот театар во Охрид, од 22 часот. Новите аранжмани на музиката на Аткинс ги направи Џијан Емин, познатиот музичар и диригент.
Гостинот од Детроит денеска беше во Скопје, на прес конференција во Македонската Филхармонија.
Џијан Емин со Хуан Аткинс, Огнен Узуновски од „Излет мјузик“, директорот на Филхрамонија Виктор Илиевски и актерот Висар Вишка на пресот
„ Ми дојдоа созли на очи, се расплакав кога слушнав како оркестарот ја свири мојата музика, на пробата вчера. Тоа веќе се цели песни, ти благодарам Џијан, си направил фантастични дела“, рече Аткинс.
Според Огнен Узуновски од „Излет мјузик“, кои го организираат концертот, овој настан е значаен како оној во 2014 година, кога концерт на истото место одржа Дерик Меј со Филхармонија, со оркестрација на Џијан Емин.
„Историјата ја преточуваме во иднина. Џијан ја збогати музиката која Хуан ја правел пред дваесет години“, изјави Узуновски.
„Ова за мене е предизвик и значаен проект исто како со Дерик Меј и со нашиот оркестар. Многу се радувам“, изјави Џијан Емин.
Актерот Висар Вишка, како претставник на Министерството за култура кој го поддржува проектот, рече дека во Македонија, втори август е како втора Нова година. „Ќе уживам на концертот заедно со мојот петгодишен син. Ова за него ќе биде одмор од сите видео игри и јутјуб канали. За концертот верувам дека ќе биде вистинско прочистување, затоа што освен загадување на воздухот, постои и музичко загадување“, објасни Вишка.
Од „Излет мјзуик“ со гордост најавија дека со истиот проект на 23 август гостуваат во Грузија. Инспирација за овој концерт им е диџејот Џеф Милс, кој истата вечер ќе има свој сет на плажата кај хотел „Парк“.
М.Џаровска