Сѐ што лета не се јаде
Измина 2020-та. Вака-така сите со душа чекавме
да си оди и таа нулата на крајот да ја замениме со 1, како некаков предвесник
за нов почеток. Новите почетоци знаат да бидат болни, конфузни, но даваат надеж
за подобри времиња. А не дека не ги заслуживме. Ги заслуживме и тоа како, со
сиот минат страв, тензија, ограничувања. 2020-та не’ научи да не го земаме здраво за готово денот и
животот, не’ научи дека е доволно мало невнимание за да е
тешка и полна загуби. Не’ научи и дека се’ што лета не се јаде (ова излезе точно во буквална
смисла на зборот). Мене лично ме научи да бидам стрплива со себе и оние околу
мене, да сопрам малку со мојата вечна еуфорија дека сакам се’, сега и одма, дека не треба да се форсирам онаму каде
што навистина може да олабавам. Ми даде сила да се соочам со сопствените демони
и да се преиспитам од каде е оној страв од луѓе и паничните напади од гужви и
непознати. Не дека тоа не ми помогна да го преживеам полесно карантинот, ама на
крај кога и мене ми се јави желба за кафана и непознати лица, можам да замислам
како им било на оние кои се дружељубиви, кои едноставно не можат без друштво.
Сепак, фала и’ на годината што измина што ме поштеди од загуби на блиски луѓе, иако ме пресече на неколку пати кога мои драги заболеа (за среќа, го минаа вирусот без проблеми), кога на неколку пати минавме фамилијарни тестирања заради бронхопневмонија која не беше предизвикана од короната. Фала и’ за тоа што ми даде сила за која не знаев дека ја имам во себе, за колку толку да останам со позитивна мисла и велам “ќе мине, мора да мине и се’ ќе биде во ред”. Не бев поштедена од грижи, онаа психолошка состојба после секое пазарење да се преслушувам дали можеби случајно сум била невнимателна. Фала и’ што не’ свести дека треба повеќе да внимаваме на себе, блиските, па и на оние кои не ги познаваме, ама доста беше, нели? Значи, 2020-та, чао и пријатно и да не ни се повториш никогаш. Како за памет, трпение, лекција....доста е, научивме и свесни сме. (Не кажувам фала дека наместо да купуваме парфеми, купувавме етанол и дезинфекциони средства и се гушевме под маските, сепак до толку немам разбирање за годината што измина).
Годинава што следи, со она единичето на крај кое ме асоцира на “почнуваме одново, со позитивна енергија и поголема свест” ми е многу симболична. Дури и времево деновиве, полно сонце (колумнава ја пишувам на 2-ри јануари- нели велат дека она што ќе правиш денес, ќе правиш цела година, па иако не сум суеверна сепак решив да пишувам денес, па ако има некаква вистина во тоа нека тера годинава со писанија) ми дава надеж дека најлошото го оставивме зад себе. Сега е време за нови планови, за нови почетоци, за нови радости. Сите си посакавме здравје, оти веќе е сосем извесно дека без него ништо не бива, си посакавме љубов и среќа, оти и здравјето само по себе не е сосем доволно.
Што сакам оваа година?
Ќерка ми да е среќна и своја, да расте онака како што расте, целата своја и бунтовна тинејџерка која не се откажува од она што навистина го сака. Да ме изненадува секој ден со некоја мудрост која ми била пред очи, ама не сум ја приметила и да продолжи да се бори за она во што верува. Колку и да е копија на мене во табиетот, си има свој правец до кој се држи. Не сакам адаптирани деца кои се плашат да кажат НЕ и да се навидум од оние послушните. Таквите деца после си патат во животот оти дозволуваат секакви ајвани, од партнери до шефови да им приредуваат стресови. Тука, во оваа желба ги ставам и моите родители, кои ми се столб и поддршка, да се живи и здрави уште долго и да прават планови за иднината (нема ништо поубаво од желба за нови доживувања кај повозрасни луѓе. Желбата за живот е најважна и единствен поттик за одење понатаму).
Да ме служи телото на кое му должам повеќе вежбање за да биде во топ форма (се тешам со она дека ако не се здебелила ич за време на пандемија, тогаш не е токму!). Во план ми е теретана (секако во согласност со мерките на заштита и по протокол), оти сум мрза и тотално неодговорна. Да, признавам. Ќе почнам дома да вежбам, ќе си навлечам воспаление на мускулите и демек да одморам 2-3 дена и минале 3 месеци. Ќе пешачам повеќе, ама не да се пентарам на Водно...јас сум за да ме пушти чоек на прав пат, така можам до Гостивар да стасам. За качување по планини не ме бива ич и веќе не се терам да правам она што не сакам, туку да го засакам она што можам и да не се самосожалувам и казнувам за тоа што не ми оди.
Да ме служи умот за да можам да пишувам и да го извадам од себе најдоброто што го поседувам. Еве, ја почнуваме 4-тата година заедно со Женски, книгата поезија е спремна, како ќе тераме со промоции не знам. Може да организираме онлајн журка, дотерани ко за промоциите кои сум ги правела, па да се собереме, жените со црвени кармини во знак на “своја сум и се сакам себе”, мажите спастрени (иако дел од нив доаѓаат оти мораат поради својата поубава половина). Некако повеќе сум за таква варијанта, отколку со онаа по протокол, па да не можеме да се изгушкаме. Впрочем, јас и не можам да замислам моја промоција без сите оние прегратки во знак на љубов и поддршка со кои сте ме гоштевале за да можам веќе од следниот ден да седнам и пак да пишувам. А којзнае, можеби до мај-јуни, веќе ќе имаме солуција и крај на пандемијава, па ќе се видиме на некое убаво отворено место, со музика и зборови. Ми недостасува тоа, многу ми недостасува.
И сакам љубов. Љубов меѓу луѓето за да си се наоѓаат едни на други без многу потпрашувања и стегнатост. Онаа универзална љубов која ми дава надеж дека ќе го биде светов и покрај сите неправди кои сме ги сториле на планетава и човештвото. Љубов која ќе стави граница меѓу оние кои имаат различни ставови, за да не ги бранат со навреди и понижувања. Знам дека сум идеалист, ама ете, тоа ми е желбата. Да научиме да си го кажеме мислењето без да сакаме да го наметнеме по секоја цена и да научиме да го почитуваме изборот на другиот, без осуди. Сакам секој од нас да ја пронајде или да ја разбуди љубовта во себе. Вие, кои сте во врски и бракови да ја вратите искрата ако згаснала и повторно да се присетите зошто сте се одбрале еден со друг, ние самците да си ја најдеме сродната душа (мојата е Кеану, ама тоа е друга тема и не е за оваа колумна) и да се препуштиме без да ни клука во позадина “што ако не успее”.
Сакам да изградиме годинава еден малку поинаков свет во кој ќе има повеќе убавини, среќа, насмевки, а помалку тага. Да се потсетиме дека си требаме едни на други и дека големината на еден човек е во тоа колку умее да се најде некому, без збор, без да си придава значење заради тоа и без да чувствува надмоќ. Сечија среќа е важна, сечија насмевка е лек. Да научиме дека не е флоскула “сакај го ближниот свој, како што се сакаш себе”, а притоа да знаеме како и себе да се вреднуваме, љубиме и чуваме.
Во сакам успешна година од секој можен аспект, а успехот е најмалку поврзан со пари, моќ и власт. Да сте ми живи и здрави, ве љубам.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Со песна утрото почни го
Песна однатре што ќе ечи
Која сета болка ќе ја залечи
И сите рани ќе ги зацели
Со песна во која ќе се разбудиш
И душата од длабок сон ќе ти стани
За да знаеш кој си
И колку ти вреди животот
Да не го земаш ко на шега
И мајтап со него да тераш
Да знаеш оти еден ти е
И оти само од тебе зависи
На каде ќе го тераш
Со песна станувај секое утро
И со песна денот заврши го
Биди благодарен за секој здив
И за луѓето кои околу тебе се
Не аздисувај по нешта
Кои ниту во гроб нема да ги однесеш
Оти богатството е во тебе
И во оние кои драги ти се
Со кои ќе скршиш муабет
И ќе ти олесни покрај нив
Оние чии зборови мевлем се
И чија прегратка крила ти дава
Со песна денот да ти почни
И низ него со песна да врвиш
И да памтиш оти секоја тага минува
И секоја неправда со време помалку боли
Да простиш на оние кои ти згрешиле
И прошка да побараш од оние на кои грев си сторил
Оти песната чисто срце сака
И неиспоганета уста од лошотилак
Песната мирна совест сака
И мисла како дожд свеж кој одмива
Така да ти врви животот
И секој ден кој пишан ти е
Да го славиш ко последен да е
Да дадеш љубов
И љубов да примиш
Како да ќе нема утре
Како да ќе нема после
Како да ќе нема време
Само песната да ти трае
Чиста и милна
Онака ко душата што ти пее
За љубов
За чоек
За себе