Сè што ми се случи ми помогна да бидам тоа што сум сега: Искрено со Данијела Мартиновиќ

Добивај вести на Viber

Темпераментната и динамична Данијела Мартиновиќ знае да ги направи луѓето среќни каде и да запее, а така беше неодамна и во Скопје. Шарматната пејачка од Сплит, на новогодишната забава на „Кроација осигурување“ ја испеа химната на оваа компанија „Једну за љубав“ и уште многу други нејзини хитови. 

За Женски магазин, Данијела искрено зборува за нејзиното семејство, за  вербата во луѓето, за она што ја води во животот, и за нештата кои ѝ се случиле, а ѝ помогнале да стане посилна личност. 

*Неодамна ни бевте на гости во Скопје, како си поминавте на новогодишната прослава на компанијата „Кроација осигурување “, што го направи овој ваш настап посебен?

- Многу ми е мило да кажам дека уживам во секој настап, на секој концерт. Во Македонија се чувствувам како дома. Луѓето со големи и со топли срца, и знаат толку убаво да возвратат на емоциите, а потоа љубовта само се множи.

Она што е секогаш посебно е пеењето пред група луѓе кои се како мало (големо) семејство, кои работат како едно и слават како едно. Да се ​​биде сведок на нивниот деловен успех и да се слави прекрасна година е неописливо.

Морам да признаам дека ми е длабока чест и сум трогната што мојата песна „Jednu za ljubav“ е химна на оваа компанија.

*Токму во време кога светот стана поинаков, кога луѓето работат и комуницираат онлајн, со вашата нова песна „Им верувам на луѓето“, вие испраќате поинаква порака. Колку искрено им верувате на луѓето и дали има ситуации кога сте страдале или сте изгубиле пријатели поради таа верба?

- Би рекла дека светот не станал поинаков, туку дека сме нашле други начини на комуникација и гледам дека многумина сè повеќе се посветуваат на своите љубови, хоби, семејства, на сето она што понекогаш го забораваме во нашите забрзани колосеци.

Затоа мојата порака до луѓето, верувам, е вткаена во сè што правам, а сега и во оваа песна. Верувам дека секогаш можеме да научиме од сè, и дека во сè можеме да најдеме можност за раст и заедништво. Дури и кога е тешко, секогаш можеме да си пружиме рака на утеха, помош и сочувство.

*Знаете да објавите фотографии од вашите родители на социјалните мрежи, и искрено да кажете дека сте миленичка на вашиот татко . Колку од тоа дете остана во вас, како го поминувате времето со вашите најблиски во овие празници?

- Божиќ е лично мојот омилен празник во годината и времето кое секогаш го поминувам со тесен круг на мои најмили луѓе. Така беше и годинава.

Сите што ме познаваат знаат дека сакам да добивам подароци и да давам, но не сакам на Божиќ да се обрнува премногу внимание на материјалните работи и затоа подароците на мајка ми отсекогаш ми биле омилени. Секоја година ми подарува пижами кои секој ден ме потсетуваат колку сум среќна што ја имам поддршката и љубовта од моето семејство.

*Освен здравје, среќа и љубов, што си посакавте за себеси и за другите во наредната година, и која е вашата мотивација и цел за 2023 година?

- Па, што можеш повеќе да му посакаш на некого од тоа да биде сакан, да сака и да биде здрав и да има мир. Мислам дека ова е она кон што сите ние вистински се стремиме, дури и кога мислиме дека има некои работи што можат да нè направат среќни.

Мојата цел за 2023 година, како и секоја друга, е да го работам она што го сакам, да пеам, пишувам, создавам и поминувам што повеќе време во кругот на најблиските и во природа. На сите им посакувам да го работат тоа што го сакаат, и да бидат присутни во секој момент, бидејќи секој момент е единствен и неповторлив.

- Дали постои особина што не ја сакате кај себе, нешто што сакате да го промените и дали има некои животни одлуки за кои жалите што сте ги донеле и за нешта што се случиле?

- Мислам дека животот ни е даден токму за да растеме, и да им помогнеме на другите да растат заедно со нас. Затоа мислам дека секоја особина со која сме се родиле или развиле на патот, служи за да научиме нешто од неа. И навистина уживам во учењето и растењето. Кога би можела нешто да сменам, ништо не би сменила, бидејќи сè што ми се случи ми помогна да бидам токму тоа што сум сега, а тоа не би го менувала за ништо.

Милица Џаровска