Се вакцинирав со трета доза, ќе ми треба за патување: Караванот си замина, заинтересираноста само од корист
Караванот за вакцинирање против Ковид-19 што од 21. март го организираше Министерството за здравство, помина во 14 населени места низ Македонија. Целта на здравствените власти во земјава секако беше поголем опфат на вакцинирано население против корона вирусот, но бројките кажуваат дека заинтересираноста кај граѓаните не беше на посакуваното ниво. Најголем број заинтересирани лица за примање на вакцината беше меѓу оние кои веќе се два пати вакцинирани, па во овој период ја примаат третата доза. Велат ќе им треба за патување, иако не веруваат цврсто во нејзината 100 прозентна заштита од вирусот.
-Минатата недела ја примив третата доза пред се зошто имам бизнис релации со Грција и треба да патувам. Првите две дози ги примив во јули минатата година, а во ноември се заразив со Ковид-19. Се покажа дека вакцините го немаат оној ефект кој сите го очекувавме, и граѓаните и лекарите, па дури и самата наука. Не знам, можеби да не примив во јули ќе завршев и во болница, но и покрај двете вакцини, болеста не ја поминав најлесно. Сега еве по трет пат се вакцинирам, но мојот интерес е пред се заради патувањата кои ми претстојат. Треба службено да одам во Грција, а секако планирам и приватни патувања во текот на летото. Главно ми е да го имам дигиталнит ЕУ сертификат во телефонот, вели наш сограѓани од Скопје.