Секакви нé има (за жал или за среќа)
Баба ми Дана (на татко ми мајката) секогаш
велеше дека “поголемо ла*но од чоек нема”. Ја немав таа среќа дедо ми од мајчина и баба ми од
таткова страна да си дочекаат правнуче, бидејќи и двајцата си заминаа рано. Но,
ја имав таа среќа да растам со баби и дедовци чија мудрост ми била после како
патоказ за многу ситуации во кои сум се нашла. Така некако, од мали нозе бев
подготвена на тоа дека луѓето знаат да те излажат, изманипулираат, остават на
цедило. Не дека немав сознанија оти има и луѓе алтани кои се како благослов и
иљач секојпат кога само ќе ги видиш и ќе им ја почувствуваш топлината, ама бев
на штрек од оние другите, злите. Никој од нас не е апсолутно лош или апсолутно
добар, ниту пак некои се светци а други ѓаволи, ама многу е важно кој како
одбира (да, да....одбира) да го помине векот. И кога сме веќе кај изборот, да
знаете оти на крајот од денот човек секогаш одбира дали ќе е добар или лош,
дали ќе е милозлив или суров, дали ќе е со манири или без нив. До одредена
возраст сите сме производ на семејството, но со растењето и нашето влегување во
светот на возрасните, со сите сознанија кои ги имаме во рака, со сето искуство
собрано попатно, сепак, сами одлучуваме на која страна ќе ни натежне кантарот.
Ако не поднесувам нешто, тоа е простотилак во било каква форма, од плукање на улица до перфидно однесување и фаќање сеир. Особено сега, со климаксов станата сум ептен осетлива на немањето манири и отсуството на добро воспитување. Пред неколку дена бев со ќерка ми во театар на Мојот маж. Многу сакав да ја гледаме заедно претставата, особено што сметам дека е од огромно значење да им се даде на децата сенс за уметност кој ќе го негуваат сиот живот понатаму. Да знаете нешто за мојот однос со театарот. Израснав во Драмски театар, немаше претстава која не сум ја гледала, а некои и по неколку пати. Кога бев мала и кога мајка ми или татко ми ќе ме прашаа што сум на мама/тато, како од пушка велев “цинце, момонце и гумица”. Ова “цинце” беше синче, а и ден-денес сум “синко” што нема никаква врска со полот. Мислам дека мајка ми како влаинка “цинче” си го подразбирала и како синче, ама и како цинцарче, ама тоа сега не е важно. “Момонце” беше бонбонче, а “гумица” верувам дека веќе претпоставувате оти е глумица.
Бев ѕвезда во семејството како мала, со пеење, играње, имитирање. Кога дедо ми од Битола ме носеше во домот за стари лица каде што беше директор, обожував да одам по соби и да ги забавувам луѓето кои беа таму сместени. Дома се враќав со полни џебови бонбончиња и сеќавања на нивната радост кога ќе ме здогледаа. Но, со растењето станав дивтар и интроверт, ништо не бидна од глумицата во мене. Ми остана само споменот и посебната љубов кон театарот и филмот (филмот не толку многу). Нејсе, имам голема почит кон секоја професија, ама баш кон секоја. Ниту една не е за потценување или потсмев, ако се работи со чесност и достоинство.
Во четвртокот бев сведок на една магија, која ме остави без здив. Феноменално поставена претстава, сите до еден фантастични до болка. Влегуваш како еден човек, излегуваш како друг. Мојата забрана за плачење (за која си имам проблем со сама себе) беше како однесена со рака. Не само што се изнаплакав, туку се здробив, односно здробивме со Нина. И сета таа брилијантна изведба под рефлектори и без клима. Низ телата и лицата на актерите течеше пот, но тие два часа (и нешто ситно) одиграа не претстава, туку претставиште. Да сме некаде во некоја друга земја, којзнае дали би се одржала претстава во услови во кои беше одржана оваа. Веројатно одма би се вмешале синдикати, па разни здруженија за заштита на секакви права. Кај нас тоа го нема, оти нели, ние сме сиромаси. Но, ако ви се чини оти во другите земји се разгалени, еве ви една поинаква паралела. Таму луѓето не одат да си прават муабет меѓу себе на претстави, ниту пак одат да си истераат телефонски разговор (патем речено, госпоѓата седеше во прв ред). Никој никаде не оди да си ја храни душата со убавини, за некој друг да му го расипе чувството. Актерите на неколку наврати почекаа да си домуабетат посетителите, почекаа да се заврши телефонскиот разговор и сето тоа со неверојатно трпение и насмевка на лицата. Дури и прашаа дали може сега да ја продолжат претставата!!!
Па кој е тој простотилак во кој живееме? Каков е тој однос кон тие осум прекрасни актери од кои буквално течеше вода додека ни ја даваа на тацна секоја нивна емоција и солза? Каков е тој однос кон уметноста и кон сиот труд кој го вложиле за да дојдат до финалниот производ, претстава која прави времето да престане да постои?
И зошто не се преземаат мерки за таков вид насилство? Да, да....насилство е секој однос во кој некој малтретира. А бевме сите малтретирани, од актери до посетители. Бевме буквално тортурирани од 2-3 особи (а салата беше полна) кои грубо ја прекинуваа претставата за да си истераат ќеиф. И со сета професионалност, глумците успеваа да се вратат назад, секој во својата улога, секој во својата болка. Алал да ви е што сé не трпите во име на уметноста.
Знаете што сум приметила? Од една страна сите имаме потреба од магија, сеедно дали е тоа театар, филм, музика, изложба или книга. Имаме потреба да влеземе во други светови, светови кои ни даваат една сосем нова димензија на животот, светови кои нé тераат да заборавиме на сите проблеми кои ги имаме и кои нé мачат. Од друга страна, постои голем дел од луѓето кои сите овие уметнички професии не ги сфаќаат сериозно, дури и се однесуваат кон уметниците како да се кловнови кои треба да ги забавуваат без да бидат наградени со почит. Да, знаат уметниците дека материјално никојпат не им се вреднува трудот онака како што заслужуваат. Знаат дека ќе работат во услови кои некогаш ќе се дури и потпросечни, знаат сé. Ама ете, одбрале професија со која се бават за да ни ја нахранат душата, оти не е животот само стани, работи, јади, пиј, спиј. И кога одиме во театар, филхармонија, кино, на промоција, одиме за да си ги наполниме сите сетила со убост. Најмалку што можеме е да покажеме почит со молчење кога треба и аплауз, оти тоа е најголемата храна за уметниците.
Ама, пак ќе ја повторам реченицата од баба ми Дана дека “поголемо ла*но од чоек, нема”.
Немојте да ме сметате за наивна кога ги пишувам овие работи, немојте да мислите дека не сум свесна оти нема ништо да се смени. Повторно ќе се доцни на настани, повторно ќе се довикува, зборува гласно, повторно ќе заѕвони нечиј телефон и повторно ќе е исто. Додека не се најде некој што ќе воведе малку поинакви правила на игра. Оти како што не смеете да аздисувате в црква и ви текнува да го намалите на минимум тонот од телефонот, така треба да сфатите оти за некои луѓе, храмови на душата им се зградата на театарот и филхармонијата. Не ги сквернавете тие неколку места во кои одиме за да излеземе поинакви, да излеземе посвесни за себе. Со еден збор, одиме за да проживееме уште еден паралелен живот заедно со оние кои се на сцена.
Мој поклон и стоечки аплауз за луѓето кои во материјалниот свет, ни ја галат душата...а без душа, не останува човек во никого.
Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Секакви нé има
Едни со души стиснати однатре
Како во побелени тупаници
Спастрени во кутивчиња од тага
Во облик на тела трошни
Други пак се како ветар
Воздушести и лесни чиниш облаци
Та душите нивни се меки ко памук
Со мирис на мајчина душичка
Секакви нé има
Едни аздисани
Други тивки и скромни
Та има и погани на јазик
А срцето топло и нежно
Има и такви со медовина зборој
Ама утробата црна ко ѓаол
Секакви нé има
Храбри чиниш карпи луѓе
Плашливи ко срни в шума
Зборливи ко часовник навиен
Молчеливи ко земја тешка
Решителни и отсечни во одлуките
Колебливи за сé и сешто
Тивки како вода без бранови
Гласни за до небо да се слушнат
Секакви сме
И секакви нé има
Шаренило од табиети
Шаренило од маки истргани
Шаренило од човечки приказни
Само едно нешто на сите
Иста боја ни е
Срцето обоено во боја на љубов
Та од неа извира сé
И во неа истекува сиот чемер
Секакви нé има
И ниту еден од нас ист ко некој друг е
Та дури и тие кои јајце на јајце личат
Никојпат исти не бива да се сторат
Оти секој човек-приказна
Секоја приказна-живот
Секој живот-пат
Секој пат- препреки
А секоја од нив ново градиво
За да се исчеличиме
За од нас луѓе саглам да стане
Секој од нас е некаков
И сите сме секакви
И во сета наша различност
Само за љубов, само за спокој исти сме