Секој почеток е тежок

Добивај вести на Viber

Прв ден од новата година, таман и понеделник. Од една страна еуфорија и сладок умор, а од друга страна помислата како ли ќе се изврви месецот кој од финансиски аспект е најдолг и најтежок. За ова второво мислам дека се испраксиравме да бидеме спремни дека ќе треба да го потстегнеме каишот (само се прашувам до кога и уште колку ќе ни треба дур не се скине). Нејсе, секој почеток е тежок, па дури и кога се во прашање убавите работи.

Почнувате нова љубовна врска? Неизвесност, прашалници каде ли ќе тера односот, дали сме го направиле вистинскиот избор. Менувате работа? Сите околу вас велат да биде за арно и за убаво, а вам колку и да ви е предизвик новата позиција, сепак ве јаде јанѕата дали ќе се вклопите добро во новата средина, како ќе ви оди со колегите, дали ќе успеете да ги исполните очекувањата. Се родило бебе? Првичната радост е секогаш пропратена со облак од грижи како ќе се снајдете во новата улога, да не утнете нешто или да не направите некоја белја несакајќи.

Како што ми се чини, секогаш се очекувањата тие кои кои ги прават почетоците да бидат помалку или повеќе стресни. Искрено, мене ми е буквално мака до повраќање кога почнувам нешто ново. Не дека луѓето со кои работам/соработувам или се дружам имаат преголеми очекувања од мене, туку ме мачат токму оние кои сама на себе си ги наметнувам. Пред ден-два, седнав да направам една ретроспектива на животов што го терам. Далеку сум од тоа дека имам за што да се пожалам. Јас, здрава и права (со попатни епизоди на анксиозност, панични напади и повремени падови на системот што од умот, што од вируси ама греота е да се жалам кога луѓе се соочуваат со се’ и сешто), дете таман со неизбежните епизоди на судири меѓу нејзиниот пубертет и мојот климакс, родители добри со седум децении зад себе, сродни души кои (фала му на Бога/Универзумот) се тука и за арно и за лошо.

И веднаш помислувам што се’сакам да стокмам во овие 366 дена. И тоа оди вака некако....ахам, да ги симнам тие 7-8 килограми вишок (кои ми се поверни од некои партнери кои сум ги имала и кои никако да ми раскинат), да не си наоѓам глупави изговори за вежбање, да ги доиспрочитам книгите кои ми се наредени до креветот, да направам неколку испитувања кои ги одложувам (ќе ви раскажам некој друг пат како си качувам пулс до 130 кога треба да направам едно обично ЕКГ), да се социјализирам повеќе (ова “повеќе“ значи повеќе од ич), да си ги организирам промоциите на книгите кои се при крај со лектурата, да бидам похрабра, поистрајна, да се научам да немам грижа на совест кога ќе испердашам некој што заслужил, конечно да сторам нешто со тие куп фотографии кои ги имам изначкрапано низ годиниве....да ова, да, она....

И застанав. Застанав оти ова што го напишав досега е само дел од очекувањата кои си ги наметнав. Застанав оти сфатив дека оваа година иако има еден ден повеќе од претходната, сепак нема доволно денови за да исполнам баш се’ што намислив. И знам дека секаде ќе прочитате дека треба целите и замислите да си ги ставате на хартија и да си се потсетувате дека треба да се држите до нив. Дури гледав и едно видео со една повозрасна жена (мислам дека е од Америка, ја најдов на инстаграм) која вели како треба да манифестирате да ви се случува тоа што го сакате. И сето ова е убаво, дури и повеќе од убаво ако животот сам по себе не е една многу непредвидлива работа. И да, ќе беше сосем ок ако нема работи кои знаат едноставно да се случат и да ве треснат од земја, па да не знаете каде ви е главата а каде ви е задникот. Доволно е некогаш само еден настан, малку да се скршне и хоооооп, ништо од тоа што сте го наумиле да не оди по план. Проблемот настанува тогаш кога токму тоа скршнување ќе ви се одрази психички, со чувство на неуспех. И да се разбереме. Не велам оти човек треба да живее само од денес за утре, секако дека треба да имаме визија за да сме подобра верзија од себе (знам, знам...звучи излитено и клише ама па така е), но не по секоја цена. Не по цена да паднеме со духот ако не сме совршени според сопствените критериуми.

Баталив списоци и се’ што си наметнав за да биде мојот живот скоро совршен. Ниту сум јас совршена, ниту ќе ми е животов таков. Искрено, не ни сакам да бидам најдобра во се’, па дури ни во рамките кои сама си ги ставив. На едно предавање каде што говорев за мојот однос со ќерка ми-тинејџер, посочив дека не само што не сум совршена мајка, туку немам ни амбиција да бидам. Оти во моментот кога ќе се убедам самата себеси дека сум совршена во нешто, тука престанува мојот раст и развој. Дури нема ни предизвик во совршенството, освен болната амбиција да се одржи тој имиџ кој не е реален.

И сега, ако веќе зборуваме за новите почетоци и за тоа како ја замислувам годинава која почнува би рекла вака некако:

Нека биде се’ како што треба да биде и нека има баланс. Нека се случуваат убави работи кои ќе ни дадат сила и поттик, ама да сме свесни оти ќе има и лоши падови од кои вака или онака, сепак нешто ќе поднаучиме. Нека ни е патот прав и светол, ама сепак да имаме по едно ситно камче во кондурите кое ќе не’ потсеќа оти и премногу арно не е на арно. Предизвиците се тие кои не’ челичат и кои ни даваат крилја и ветар во грб. Да не се плашиме од тоа што ќе ни донесе денот, оти секогаш ќе сме во грч дека нешто нема да ни е по терк. И вистината е таа, никогаш нема се’ по терк. Да сме само живи и здрави, да се пазиме едни со други повеќе и да имаме поголема човечност во себе. На крајот од денот, на секој од нас во даден момент му треба подадена рака. Да не заборавиме дека среќата и несреќата се синџир во кој сите сме алките кои го чинат. Не може да ми е долгорочно убаво и да ми одат работите на арно, ако на луѓето околу мене им е лошо.

Не си ставајте премногу товар на душите. Не мора да направите баш се’ годинава. Во некои работи ќе успеете 100%, во некои 50% а во некои ич. Успехот некогаш лежи и во силата да се обидете, па макар и да не успеете. Не се камшикувајте себеси, оти дури и таму каде што ќе налетате на ѕид, ќе соберете некое искуство кое секако ќе ви се најде за понатаму. Мојот список сега е сведен само на основните работи, кои ви ги сакам и вам...убав почеток на годината, здравје и к’смет.

Да сте ми живи и здрави, отсега секој понеделник со колумната ќе ви подарувам нова песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

За себе љубов да имаш

Токму онака како што знаеш

На другите несебично да ја дадеш

Ете така кон себе нежна биди

И душата да си ја галиш

Како детето покрај тебе што спие

Како чоекот кому срцето си го дала

За себе љубов секогаш да најдиш

Колку и да ти си чини

Оти животот силата ти ја потрошил

И дека ништо во тебе не останало

Дека си само лушпа празна

Во која некогаш вкусен плод се криел

За душа да заслади со мерак

За себе љубов да имаш

И тогаш кога се’ удолу ќе тргни

И кога сакаш силно да врескаш

Та ти иди и да си ја влепиш една

Од страв, од бол, од немоќ

Оти не си она што другите сакаат да бидеш

Оти не си она што се силиш да станеш

За себе љубов секојпат да најдиш

И изговори да не си бараш

Оти можеш и заслужуваш

Оти вредиш повеќе од сето азно

И кога најмногу во себе се сомневаш

Види се себеси во очите на тие што те љубат

Токму онаква каква што си

За себе

За себе љубов имај

И не си ставај на плеќите товар

Кој твој не е и не ќе биде

Нека не те камшикува туѓиот збор

И ич да не го заушуваш оти неважен е

За себе биди таква

Каква што несебично знаеш за сите да си

Милозлива и нежна

Кротка и мека

Полна разбирање за сечија мака

Распослана со зборови нежни

И прегратки кои иљач се

За себе

Да научиш за себе љубов да сплетиш

Која ќе ти го грее срцето

И која сила ќе ти дава

За сите искушенија кои идат

За себе драга моја

За себе љубов биди

Оти љубов си...за навек