Секојдневно се вложува на Клиниката за детски болести: Интервју со д-р Сара Алексовска

Д-р Сара Алексовска е приватен специјализант на Клиниката за детски болести. Она што го забележува и што мисли дека е за пофалба е дека здравствениот систем секојдневно вложува во условите за работа на Клиниката за Детски болести. 

* Дали отсекогаш знаевте дека Вашата професионална определба ќе биде доктор?

- Од кога знам за себе како личност, знаев дека освен медицината ниедна друга професија не би била мое поле на интерес. Во овој животен подвиг влегов со многу љубов, хуманост и трудољубивост. И покрај сите реални објаснувања дека професијата е тешка, напорна и стресна, не постоеја никакви пречки што ќе ја променеа одлуката за мојата професионална определба.

* Која година сте на специјализација по болничка педијатрија и што Ве привлече да ја одберете токму оваа специјалност?

- Прва година сум на приватна специјализација по болничка педијатрија и веќе четврти месец сум на Клиниката за детски болести. Ме инспирира работата со деца, тие за мене претставуваат вистински предизвик и со самото тоа што се вистински борци и херои за своето здравје и веруваат само во убави нешта дополнително ме мотивираат да им пружам повеќе. Нивната позитивна енергија и ведрина што секојдневно ја шират без разлика со која болест или состојба се соочуваат, за мене претставуваат стимул во секојдневната работа. 

Како сте задоволна од почетокот на специјализацијата, што од работата Ве прави среќна?  

- Секој нов почеток и секоја промена на работната средина се тешки. Она што го забележувам и што мислам дека е за пофалба, е дека здравствениот систем секојдневно вложува во условите за работа на Клиниката за Детски болести, од воведување на новитети во терапијата за хронично болните,  до капиталните нови инвестиции од типот на апаратури, како и реновираните делови во детската Клиника, но и комплетното создавање на удобен амбиент за децата, се со цел да им се олесни престојот тука. Секојдневно работиме со помислата дека нема поубава награда и благодарност за еден педијатар од насмевката на детското лице. Со многу љубов кон работата секој сон може да се исполни. Тоа дополнително ме поттикнува да работам на себе и професионално да се надоградувам и да се едуцирам за еден ден да ја остварам својата цел. 

Кој посебен момент би го издвоиле од пристапот кон педијатриската група на пациенти?

- Пристапот кон педијатриските пациенти е многу поразличен и поспецифичен од возрасната група.  Децата се нежни и осетливи организми кон кои треба многу смирено, внимателно и нежно да се пристапи. Не можат да ви кажат каков проблем имаат и се многу поспецифични за соработка од возрасните. Првичниот однос и контакт лекар-пациент е од есенцијална важност во педијатријата. 

* Како си задоволна од соработката со колегите?

- Соработувам со одлични колеги, сите сме еден голем тим и секојдневно заеднички се бориме и придонесуваме за здравјето на најмалите. Поискусните од нив ми помогнаа полесно да се прилагодам во работата, заедно се едуцираме и несебично си ги предаваме своите знаења едни на други. Нашите прогресивни идеи, труд и работа во комбинација со искуството и неизмерното познавање на специјалистите и професорите на Клиниката за детски болести, резултира со секојдневен напредок на оваа специјалност.

* Кои се Вашите идни планови?

- Имам цел да останам во мојата земја и да придонесувам за развојот на ова општество. Со многу труд и работа времето поминува брзо, па се гледам себеси во идно време како специјалист педијатар со многу успешни приказни зад себе и насмеани детски лица. Желба ми е еден ден медицинската професија да се издигне на врвот на најценети професии како што е насекаде во светот, а полека но сигурно се движиме напред со повеќето нови мерки кои се преземаа во изминатите година, две. Се надевам дека и здравствениот систем во нашата држава и во иднина ќе се стреми да препознава и вработува исклучително квалитетен медицински кадар.