Шенка Колозова за Ѓорѓи, за пандемијата и за сличноста со Светлана Бојковиќ: Се изнаработев во животот

Пред три години Шенка Колозова рече – доста е – и го затвори актерското поглавје во својот живот.

Едно значајно поглавје беше затворено и претходно, пред 17 години, по смртта на Ѓорѓи Колозов, нејзиниот сопруг и придвижувач на приватниот театар „Колозов“, со кој тие од „Македонските народни приказни“ направија своевиден бренд во домашната продукција.

За театарот „Колозов“, Шенка, инаку дипломиран теоретичар на книжевноста, напиша бројни сценарија и драматизации на Цепенковите народни приказни. На сцените на театрите во Штип и Куманово, а подоцна и во МНТ, од каде се пензионира, одигра повеќе од 6000 претстави и над 100 премиери. Во приватниот театар „Колозов“ - уште 16 премиери. Кога Шенка ќе рече „Се изнаработев во животот“, тоа никако не е лесно изречена фраза, туку тешко спечалена вистина. 

-Ви благодарам што сте помислиле на мене. Тоа што сè уште мислите на мене е знак дека сета таа работа не била залудна – вели Шенка од нејзиниот егзил во охридското село Велестово, каде што ги минува овие пандемиски денови.

Ѓорѓи им недостига на сите

Во дворот со цвеќиња на прилагодената селска куќа, Шенка одгледува зеленчук, ги чува своите кучиња и мачки, ги храни селските кучиња и мачки, коси трева, сече дрвја и се занимава со – секојдневниот живот.

-Што да кажам јас за пандемијата? Немам право да зборувам за тоа. Јас сум пензионерка, мене вирусот не ми го смени многу животот. Што да кажат оние што одат на работа или уште повеќе оние што ја изгубиле работата? Што да кажат оние кои мора да се прилагодат и да работат од дома? Оние што имаат мали деца и што се загрижени како ќе тече новата учебна година? И како ќе ги прилагодат своите обврски и обврските на децата? – вели Шенка од својата велестовска оаза на мирот.

Во амбиентот на оваа традиционална куќа, варосана бело и со дрвени греди, баш некако природно недостига насмеаниот лик на Ѓорѓи Колозов, кој со години го гледавме во вакви идилични пејсажи во „Македонските народни приказни“. Природно се наметнува прашањето како и колку недостасува Колозов.

- Јас размислувам поинаку. На тој што е жив, ништо не му недостасува, на тој што го нема – му недостасува сè, му недостасуваат живите, му недостасуваат децата, внуците, радостите на животот. Мене ми е драго што тој и недостасува на Македонија. Не се случило да излезам негде, а да не ме запрат непознати луѓе и да не го спомнат Ѓорѓи. И секој муабет завршува со зборовите „како него – нема друг“. Ќерките ми кажуваат дека некаде на социјалните мрежи, кога беше промовиран Мостот на уметниците пред Археолошкиот музеј имало прашање зошто меѓу поставените споменици нема и споменик на Колозов. Во коментарите некој запишал: Нему не му треба споменик, Колозов е жив.

На кого личи Светлана Бојковиќ?

Можеби сте ја забележале неверојатната сличност на Шенка Колозова со Светлана Бојковиќ, толку евидентна што за миг приказната дека се сестри се чини веројатна. До душа, едната е родена во Земун, а другата во Пробиштипско, а и годината е иста - 1947.

-Не сме сестри, од каде тој муабет? Но, да, и други мислат дека личиме една на друга. Има и некои други чудни сличности, и таа има ќерка Катерина, и мојата ќерка се вика Катерина и дури се и родени на ист ден, но тука завршува секоја сличност. Често се случувало да ми речат – еј те гледавме вчера на ТВ во „Бољи живот“ (тв-серија од 1989, з.н.) или последниве години – еј те видовме во „Зоне“ („Зона Замфирова“ филм од 2002, з.н.). Нејзе сигурно тоа не и се случило. Мене никој не би ме препознал во Белград, зашто македонските продукции не си го наоѓаа толку лесно патот на тамошните програми. Размената беше еднонасочна – вели Шенка, отворајки една премолчена димензија на патиштата на ТВ и филмската продукција во поранешната заедничка држава.

Шенка и Светлана никогаш не се ни сретнале.

фото printscreen: Backstage                                   фото:Aleksandar Dimitrijević

-Македонските актерки не играа во југословенските филмови, а македонските актерите и кога играа, обично ги добиваа улогите на оние помалку умните и оние кои требаше да бидат истепани. Но, такви беа приликите. Затоа и Ѓорѓи ги правеше „Македонските народни приказни“. За да добијат луѓето домашна, македонска понуда и да не гледаат само српски серии. „Македонските народни приказни“ беа борба за почит на домашното производство и на домашите глумци. Тоа беше искуство по кое луѓето не велеа – ене го оној глумецот, туку - ене го Колозов, вели Шенка.

Дури и повеќе. Велеа – ене го царот.

Приказната на актерската и животна двојка Колозови е искрена приказна за трпението и талентот, која во секое ново раскажување открива некои нови димензии. Ново е и тоа што Шенка смета дека е многу присутна во медиумите. Затоа и ја оставаме во нејзиното велестовско царство на спокојството, заслужено по долгите години актерска работа.

Ј.Ф.