Што има „таа”, а немам јас?!
“Додека смртта не не’ раздели” не е само реченица која ја слушаме по филмови. Таа опфаќа се’ она што значи брак, па и не само брак. И во добро и во зло, нели? А кога е добро, сите знаеме како треба, односно знаеме како да го уживаме доброто. Но, што кога работите ќе станат не толку добри, или како што вообичаено се вели, што тогаш кога автомобилот ќе тргне удолу, а сопирачките не работат? И сеедно е дали станува збор за долга врска која не е озаконета или за брак (врска со тапија), суштината на “во добро и зло” е иста. Е сега, прашање е колку се и двајцата спремни на мускули да го сопрат автомобилот и не само тоа, туку и да го искачат по угорницата. Најлесната опција е да се кренат раменици, да се стават рацете в џеб и да се накриви капата. Најлесно е да се каже дека така требало да биде или дека не било пишано. А што ако проблемите кои ги имаме сите кога функционираме во пар се само тест на нашата љубов, посветеност и желба за борба? Нејсе, не сум за тоа да се остане заедно кога еден од партнерите (или двајцата) повеќе не чувствуваат љубов. Знаете дека за мене разводот не е табу тема, оти го имам поминато, ниту е нешто од што човек треба да се срами. Секако дека е многу подобро да се стави крај на една агонија и да се ослободат и двајцата за да можат да си ја најдат среќата на друго место.
Ова не е колумна во која ќе говорам ЗА или ПРОТИВ разделување. Ова ама ич нема да биде колумна за да дискутирам околу исправноста на ставањето точка кога нема место за три точки, па да се бориме. Ова ќе биде колумна за оставање право на избор на партнерот да знае што другиот чувствува и дали сака надвор од бракот или врската, односно, дали сака да стисне пауза па да се проветри малку. Во принцип, се’ е работа на договор. Но, договорот значи дека двете страни треба да се сложат и да се ок со решението. Правото на избор никој никому не смее да му го одземе. Или во превод, ако ти треба простор за да се издуваш, имам право да знам што точно значи тоа. Дали е тоа привремена разделба во која секој од нас ќе се преиспита за чувствата и ќе решиме заеднички што понатаму, или просторот за издувување значи дека има некој трет во односот. Не сум за модерниве времиња во кои open relationship е нешто сосем нормално. За среќа или за жал, моногамна сум и истото го очекувам од партнерот. Сакаш излети? Ок, ама да знам дека тоа ти треба и да ми се остави право на избор дали тоа ќе го прифатам или не. Најмногу што мразам е криење и секако, правење магаре или магарица од партнерот. Знам дека ова звучи старомодно, нека не сум “cool”, дека сум можеби и заостаната во сфаќањата, ама па сега допрва немам ниту намера, ниту желба да станам до толку слободоумна.
Зошто цело време го потенцирам правото на избор? Прво, затоа што кога се функционира во заедница треба да се води сметка за емоциите и за достоинството на тој што е наспроти нас. Второ, да му се одземе правото на избор на партнерот е поигрување и лажење, а тоа е во најмала рака некоректно. Трето, затоа што ако сум доволно храбра за да изневерувам, треба да сум доволно храбра да го кажам тоа пред да го направам, а не да ме “фатат” или да го спомнам откако ќе биде завршено. Бидејќи си живеам во мојот свет-меур, во кој има одредени правила кои не се почитуваат во овој модерен свет, јасно ми е дека ова што го зборувам има знак равенство со утопија. Затоа, врие од бракови и врски во кои меѓусебно се изневеруваат и што е најинтересно функционираат сосем добро. Проблемот е кога во еден таков однос ќе се погоди некој или некоја ко мене, а од другата страна има особа која не размислува така.
Можеби грешам, ама од она што досега го имам видено, чуено и доживеано, кога жената ќе се вљуби во некој друг или ќе го отсака партнерот си оди (освен ако не е до тој степен економски зависна, па да мора да остане во заедницата). Од друга страна, сведок сум била дека многу мажи (секоја чест на исклучоците, оти ги има) си приуштуваат излети надвор од бракот или врската, но сепак изборот им е да останат со жената со која веќе имаат оформено семејство. И еден ден, излетите се откриваат и нема веќе назад и лажење. Првиот удар е ЗОШТО? Ако некој не бил задоволен или бил несреќен, нели треба за тоа да се зборува и да се види каде е проблемот. Вториот удар е ШТО ИМА ТАА, А НЕМАМ ЈАС?! Односно, рушењето на самодовербата како жена и партнер, рушење на сликата која жената ја имала во главата за тоа кој е и каков е нејзиот сакан, преиспитување на сопствената женственост. А вистината е следна...ТАА не е апсолутно во ништо подобра од тебе драга моја. Дури имаше и една статија од психолози за која имам одамна читано дека најчесто љубовницата наликува физички на сопругата, се разбира само во некаква помлада верзија. Не е таа ниту попаметна, ниту поубава, ниту посекси. Таа е само ново лице, ново тело кое е неоткриено, нова дразба. А дразбите скокоткаат до моментот кога се демистифицирани. После и таа новата ќе пројави особини кои секоја од нас ги има. Не е до неа, не ставајте на кантар која е подобра. Кога сум била изневерена од партнер сум се изнемоштувала од прашања на кои не сум нашла одговор. Само знам дека некоја таму не ми е за ништо виновна и дека не ми е таа проблемот. Проблемот бил тој до мене и нашиот однос. Проблем е неискреноста, токму она одземање на право на избор да кажам “ахам, сакаш да пробаш со некоја друга. Прифаќам (или не прифаќам)”. Таа некоја си таму е лик со кој жената која е изневерена нема никаква врска, ниту проблем. Оти да не била токму таа, ќе била некоја друга. Но, таа е жената која нема ама баш никаква претстава за тоа каков е твојот партнер. Не ни може да знае, затоа што во моментите кога се гледаат, тоа е набрзина, кратко и слатко. Таа нема претстава за неговите навики кои некогаш и не се за фалење. Пред неа сигурно не ги пројавува своите лоши особини, нема прдење и ждригање, нема расположенија кои се тмурни. Таа е тука за да му се восхитува, да го велича и да има потполна илузија за тоа дека тој е совршен. Ама ти знаеш дека не е, нели? Ти му ги знаеш сите негативни особини, му ги знаеш маните, го познаваш од времето кога не знаел ни мрсулите да си ги забрише без твоја помош. Ти го знаеш дека е беспомошен на 37.2 температура, дека мљацка додека јаде, дека срка супа и дека има киселини од тесто.
ТАА или љубовницата е жената која го добива најдоброто од него, затоа што тој има потреба да се покаже себе во најдоброто издание. Тој има потреба да биде мистичен, фраер, да има покрај себе (макар и на 1 час) жена која ќе ја импресионира со банални работи. Затоа што многу од она што и’ го пласира на другата жена, кај тебе не поминува, оти го знаеш како дише. И не е до тебе, до него е. Не е вината во тебе, туку е во него. Оти ти си соборецот кој рамо до рамо со него ги поминува сите животни искушенија, дали е тоа проблем, дали е криза, дали е финансиски колапс. И секој соборец некогаш е уморен, не му е до секс, не му е до дотерување и не му е до тоа да се кикоти на шеги кои ги слуша постојано.
Таа е иста како тебе и го гледа и доживува онака како што некогаш ти си го гледала и доживувала. А тој, тој не е ни свесен дека повторно можеш да го гледаш и доживуваш така, ако малку го испоти задникот за тебе и вашиот однос, наместо да го одмара во фотељата. И да, нему не му паѓа на ум дека и ти можеш да најдеш некој кој тебе ќе те гледа со истите очи како што тој те гледал некогаш.
Ако си една од оние жени чии очекувања биле изневерени, ако си една од жените кои се чувствуваат лошо заради постоењето на друга жена во животот на својот маж...да знаеш дека таа другата нема предност ама баш во ништо. Да знаеш дека твојата вредност не се мери во грамови и дека не зависи од годините и изгледот на неговата љубовница. Ти си таа која му подарила дом, деца, спокој и љубов. Ти си таа која си била столб и бршлен кој се виткал околу него. Твојата сила и твојата вредност секогаш ќе тежат повеќе на кантарот, без оглед колку и да е другата помлада или позгодна. Затоа, главата горе и избори се за себе. Прости му или остави го, изборот е твој. Ама ако простуваш, прости со чиста душа и срце и не се враќај назад, оти само ќе се доповредиш. А ако си решена да ставиш точка, стави ја и повторно не се врти назад....оти гледајќи напред има шанси да го сретнеш мажот кој ќе те љуби и почитува онака како што заслужуваш. Каква и да биде твојата одлука, нека не е од бес, од суета и заради мислењето на околината. Процени си ја силата ЗА или ПРОТИВ и постапи онака како што ќе можеш да поднесеш и да спиеш мирно. Не е секоја од нас исто скроена и не важат истите правила или истиот праг на толеранција за сите подеднакво. Што и да одлучиш, внимавај на себе и сакај се.
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Ме уплаши староста
Како страшило под кревет на дете
Кое се појавува само ноќе
Кога сите ќе заспијат
Не сакав да ти остарам
Да се видам побелена во твоите очи
Полна линии по лицето
И со старечки пеги на рацеве
Ме уплаши таа подмолна старост
Која помоќна и од смртта беше
Оти неосетно идеше
Та ако зборуваме за гревови
Ете
Тоа ми е гревот
Што сакав млада да ти бидам
Не да сум ти убава
Туку млада да ти останам
Легнував со грутка во срцето
Дали денот нова бразда ќе ми донесе
Скарана со времето
Лута на кревкоста на моево истрошено срце
Сакав млада да ти бидам
Како оние, другите
Кои окото ти го заробуваа
Чии
лица светеа со сиот сјај на младоста
Се опседнав
Се поболев
Сите ѕидови со огледала ги покрив
Небаре човек од одразот во себе
Имал среќа да избега
Не сакав да ти остарам
Мислев така ќе те усреќам
Дека така ќе можеш да ме љубиш
Ако веќе поинаку не ме засака
“Не госпоѓо! Не може уште еден зафат
лицето ви е премногу затегнато
нема да можете да се насмевнете
ниту пак да зборувате”
Проклети доктори!
Што знаат тие за љубовта
Не сакам да се насмевнувам
Ниту да зборувам сакам
Сакам да сум млада за него!
Сакам да ме сака, ми вреска во умот
Сакам да не се плашам повеќе
Да сум раат кога ќе ги спомне оние, другите
Да се перчам со лицево
Кое веќе не го препознавам
И не ми е мака што сум несреќна
Ниту што солзиве наместо по кожа
Како по мермер лијат
Не ми е грижа што месото што го допирам
Како туѓо ми е
Оти и онака се’ што имав мое
Замина неповратно
Не сакав да ти остарам
Сакав само да ме сакаш
Сакав млада да ти останам
Како оние
Знаеш?
Оние за кои љубовта ми ја продаде
Како половна облека
Која никој повеќе не ја носи
Ама покрај тебе
Душата
Душата ми остаре