Што ја убива љубовта?

Добивај вести на Viber

Најмалку што ни паѓа на ум кога ќе се вљубиме, а потоа и кога ќе научиме што е љубов е дека истата може некогаш да заврши. Горе-долу, сите сме со идејата дека ќе биде “додека смртта не не’ раздели”, ама за навистина тоа да се оствари потребно е многу работа на односот и труд. И тоа е така на почетокот, иако работата на односот и трудот си доаѓаат некако спонтано, па и не е напорно да се одржи љубовта, оти е уште во фаза на градење. Но, што кога ќе минат години и кога веќе се знаеме доволно со партнерот, па си имаме веќе одредени навики кои сакале или не, полека го нагризуваат она што било полно магија на почетокот. Знам дека никогаш не е исто на почеток на врска и после Х години. Јасно ми е дека ни станува на сите удобно, дека како да сме улулкани во тоа дека никој нема никаде да си оди и дека она што сме го изградиле ќе трае за век и векови. Но дали е тоа навистина така и кои се тивките убијци на љубовта? Дали ако е вистинска љубов ќе успее да се одржи и покрај сите сопки и предизвици кои се појавуваат во заедничкото живеење? Верувам дека може да се одржи љубовта на едно високо и солидно ниво, можеби без пеперутките кои се присутни на почетокот, но секако со голема страст.

Каде и зошто кикснуваме?

Прво, токму заради она погоре што го спомнав...убеденоста дека никој нема никаде да замине. Голема грешка, знам луѓе кои имаат раскинато брак после 20 или 30 години заедничко живеење, што е многу воочлив показател дека останувањето заедно оти нема кој кај да оди е неточно. Особено е ова изразено кај оние кои веќе се во 5-тата или 6-тата деценија од животот. Зошто ако не сум среќна би останала со некого, без оглед дали имам 20, 50 или 65 години? Заради децата кога се мали? Не, се разбира. Секогаш сум велела дека децата имаат право да бидат среќни и дека ќе се посреќни доколку родителите се разведени, отколку да живеат во кавги и стресови. Оние од 50 и 65 треба да останат заедно оти е срамота на “стари” години да се разведуваат?! Глупости, а уште поголема глупост е ко ќе кажат “ајдееее, се разделија, а внуци имаат”. Кај пишува дека внуците се тие кои ги држат бабата и дедото заедно и ако го пишува тоа некаде, веднаш да се избрише. Секој од нас, без оглед на годините треба да е среќен онаму каде што е и со тој/таа со кој/а е.

Второ, замирање на муабетот. Додека се свежи работите, зборуваме за се’ и сешто. Филм, музика, изложби, споделуваме искуства, впечатоци и секогаш имаме што да си кажеме. Во голем дел од врските или браковите стануваме полека како близнаци кои гледаат исти филмови, одат заедно на концерти кои некогаш и не се баш она што и двајцата го сакаат, ама сепак се оди за атер на другиот. Така, муабетите полека стивнуваат и стануваат само рутинско дрдорење за проблеми на работа, што фали во домот и што треба да се испазари и грижата за децата. Ок, има решение, нели? Зошто да престанам да гледам филмови кои мене ме интересираат и зошто да се топорам на концерт или изложба ако не ме интересира? Наместо секој да си остане индивидуа која ќе си има свои интереси, стануваме сенка еден на друг. Та и не мора заедно се’ да правиме, отпосле ќе си прераскажеме доживување, случки, како сме доживеале нешто и што размислуваме. Свежината на муабетот е свежина во односот.

Трето, љубомора...која ми е некако врзана со станувањето близначиња. Од пусти страв да не сретне нашата втора половина некој/а поинтересен или поинтересна, се врзуваме ко црева едни за други. Ако треба да се занимавам дали партнерот на претстава на која не сум јас до него, ќе сретне некоја која ќе ме замени мене во неговиот живот, налет и врската, налет и бракот. Нели треба да има доверба, или е тоа само флоскула до која слепо се држиме теоретски? Да се биде сам и кога сме во пар е сосем нормална работа. Сум излегувала сама, а кога велам сама мислам на скроз сама за да пишувам, да се напијам каде некаде и да го пуштам умот на пасење. Зошто да правам проблем ако партнерот има таква потреба? Доколку му верувам, тогаш неговата потреба за самотија ќе ми е нормална, исто ко што ми е и мојата потреба за самотија нормална, потребна и лековита. Тоа не значи дека не го сакам, не значи дека не ме сака. Башка, секој од нас треба да си има и сопствени пријатели кои не се заеднички. Е сега ова социјалниве мрежи малку ги избуричкаа работите, па веќе не се знае при допишување кој е навистина пријател, а кој е за флерт. Ама стојам на тоа дека без взаемна доверба и почит, џабе е ако сме лепенки. Оној кој сака да направи нешто, ќе најде начин, секогаш.

Четврто, сексот. Да, минале години и фазите на експериментирање. Сега, после деценија заедно и едно, две деца, сексот станува рутина. Но, рутината може да е само оној преубав момент кога двајцата се уиграни па можат да имаат оргазам во ист момент. Предиграта секогаш може да биде различна. Купување долна облека која заведува, романтичен момент, заведување во јавност (секако без многу егзибиционизам) може да ја разгори страста. Убиец на сексот е прескокнување на истиот. Ме боли глава, чекај децата, имам проблеми на работа итн итн. Кој сака и колку сака некој нека ми зборува за блискост, ама ако нема редовен секс кој ќе биде зачинет со страст, игри и нешто ново, односот меѓу двајца умира, полека ама сигурно. Одбегнувањето физичка блискост е само показател или аларм дека нешто подлабоко не е во ред. Згора на се’, најтажно ми е кога ќе видам парови отсабајле како се поздравуваат кога едниот го носи другиот на работа. Бакнеж во образ ми е ко да се возат роднини, а не двајца кои делат иста постела.

Петто, грижата за децата. Да се разбереме, децата се најважни и секогаш се на прво место. Ама некогаш децата стануваат изговор и начин за двајца да се избегнуваат еден со друг. На крајот, децата кога ќе пораснат треба да ги пуштиме да си го најдат својот пат, нели? И после штама, заборавено е како да се комуницира еден со друг. Ќерка ми многу го сакаше оној филмот “Мојата голема, дебела грчка свадба”, од кој ми остана во сеќавање една реплика која беше кажана кога девојчето требаше да оди на колеџ, а двајцата родители беа 100% свртени само кон неа. Репликата беше отприлика дека пред да станеш нечија мајка, си била жена. Значи, не да се занемарат децата, туку да не се заборави дека освен родители, ние сме и мажи и жени кои имаат свои потреби. Балансот треба да се најде и да се живее. И кога веќе сме искрени, јас уште го барам балансот во себе, оти сум целосно посветена на ќерка ми, ама учам.

Шесто, соперништво наместо заедништво. Да, да, го има. Кога и двајцата се успешни во она што го работат, па наместо да си бидат грб еден на друг, полека започнува трката меѓу нив за тоа кој ќе биде поуспешен. И што е најсмешно, колку повеќе напредуваат како резултат на таа соперничка жичка која ја има во нив, толку повеќе љубовта си замира и како да се постојано на лента која никогаш не престанува да се врти. Голема е умешноста во еден однос за да едниот знае кога да отстапи еден чекор назад и да се разува на успехот на другиот и обратно. Кој го научил ова во бракот, алал вера. На крајот од денот, во постела легнуваме со човек, а не со неговата титула или паричник.

Намерно не го спомнав неверството, затоа што неверството не е ама ич тивок убиец на љубовта, туку е потрес, земјотрес, катастрофа и после тој чин никогаш повеќе не е исто.

Муабетот ми беше, ако веќе сте ја нашле љубовта на својот живот чувајте ја и негувајте ја. И таа си бара време, внимание, посветеност...без исклучок и без оправданија. И да знаете (од лично искуство) дека љубовта не вирее на секој чекор, затоа почитувајте ги нејзините потреби. Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Има луѓе по калап еден за друг правени

Или барем така на прв поглед се чини

Ги гледаш отстрана дека к’о едно се

Тој косата ѝ ја подместува

А таа костумот од трошки му го зачистува

Секое утро кафето заедно го шмркаат

И пред секој низ врата да излезе

Под совршен агол по еден бакнеж си делат

Та квечерината дома ко’ ќе си дојдат

Седнуваат на трпеза

За да си раскажат скржаво

Како денот на секој му изврвел

Да си ги почешаат јазиците со здодевни шеги

А потем

Тој весникот в раце го фаќа

А таа панталоните со утија му ги пегла

И молчат

Дур’ телевизорот на најсилно пуштен е

Та се лажат еден со друг дека слухот ги напушта

За да не се слуша тишината меѓу нив

Која баботи како на времето срцата ко’ им баботеа

Дур’ телата в постела им се потеа

И еве ги спастрени

За меѓу луѓе стокмени

Со зашрафени насмевки и запотени дланки

Тој столчето ѝ го подместува

(а напати му дошло во последен миг да ѝ го тргне)

Таа му заблагодарува дур’ забрзано со очите трепка

(а во себе помислува оти можела и подобро

да се омажи)

Еден со друг речениците си ги завршуваат

За пред другите

За брука да не пукне

И повторно молкот во срцата им се пика

Кога дома во глува тишина се прибираат

Грб со грб свртени в кревет легнуваат

И двајцата в ѕид се џарат

Без ниту една мисла еден за друг

Празни и уморни небаре уште тројца на плеќи носеле

И личат однадвор к’о да се по калап еден за друг

правени

Дур’ не се загребе по површината

Сета тага на виделина за да излезе

И како разбуден вулкан пеплосани да ги остави

А има

Ете и други, подруги има

Ах

Има и луѓе за кои да се чудиш како заедно се

Различни к’о небо и земја

И викаат еден на друг

Како кога таа во ПМС сакаше да го задави

Или кога тој сакаше косата да ѝ ја искубе

Викаат и се џавкаат

Како снаа и свекрва гласно се расправаат

Ама пусто

Еден без друг не можат

И заедно секоја ноќ во постела си легнуваат

И тогаш таа к’о мачка почнува да преде

А тој како паун пред неа да се дуе

И се љубат

Се љубат со сета сила во нив што клука

И се бакнуваат како никогаш дотогаш со усни

да не се допреле

Гладни еден по друг облеката набрзина ја слекуваат

И итаат за да се спојат

К’о никогаш да не ќе се разделат

Има луѓе

Кои едни со други среќни се

И петпари не даваат за комшиите што мислат

Оти ним арно им е дур’ се љубат

И од оние другите

Осудени едни со други да остарат

И до смртта да не се најдат

Ниту пак среќни да бидат

Едните во љубовта несовршени

А другите во глумата совршени

Дур’ завесата со трескот не се спушти

И претставата не заврши

Како животот што бадијала ќе им замине