Што НЕ се прави во изолација!

Добивај вести на Viber

Ок, ова трае и ќе потрае уште некое време. Нормално е да не’ фаќа сафра, особено што времево се стоплува и дури е и безобразно колку е убаво. Ме тешат прогнозите дека од денес (понеделник) малку ќе залади, па ќе врне, или во превод, ќе е полесно за седење дома, а со самото тоа и ќе е полесно да се избегнува правење глупости.

О да, изолацијава некако сама тера на опуштање и забегување. Баш се смеев кога читав на социјалниве мрежи дека сите сме си исчистиле по дома, дека сме си нашле се’ што сме мислеле дека е неповратно изгубено, па прередување алишта, преперување по неколку пати на цела зимска и летна гардероба. Мене важно оставата ми е џам, откако се’ живо извадив од неа и сфатив дека сум имала работи за кои сум немала поим ни кога ни како сум ги купила.

И откако ќе мине таа еуфорија со чистење, редење, прередување, останува да се прави она што НЕ треба и НЕ смее да го правиме. Или:

1.  Не, не се менува боја на коса во услови кога не работат фризерски салони. Односно, или ја одржувате онаа боја која веќе ја имате, или си турате марами и се правите авангардни додека не ве прими фризерката за да си играте и експериментирате со бојата. Не, не треба да шетате ко што шетав јас, пред Биба-Нирвана (само Биби околу мене) да ми фрли фарба преку врата. Да, малку личевме ко да правиме некоја незаконска зделка-таа мене под рака фарбата, јас на неа парите. Најважно е што не сум црвенокоса со портокалов корен (сум била и во полошо издание, но тоа сега не е тема за муабет).

2.  Не, не се потскратуваат шишки. И не, не е воопшто така лесно како што ви изгледа. Верувајте ми, знам. Еднаш од пуста желба да си ги израмнам шишките (а имам свиок кој секогаш, ама баш секогаш знае како да излезе на виделина), се направив касапница и морав да чекам 3 месеци за да заличам на чоек. И не се залепуваат на чело за да се исечат во нивото на веѓите. И на крајот...НИКАКО не се гледаат оние туторијали во кои шишките се вртат, па се сечат за да ја добијат онаа неодолива заоблена форма. Не прашувајте од каде знам дека не излегуваат такви (има веројатно некоја финта која ја знаат само добро упатените).

3.  Не, не е изолацијата и седењето дома изговор за да се јаде, јаде, јаде....не! умот на сите ни работи исто. Демек, кога ќе се најадам се осеќам смирено. Не е тоа смирување, туку отапување, оти крвта од мозокот оди во стомакот за да ја свари храната. Храната не е само уживање, туку и градежен материјал. И онака седиме по дома. Ако имате сила и волја, вежбајте (јас почнав и запрепастена сум колку сум труп и немам кондиција, па после 15 минути дишам ко да сум трчала до Водно) и внесувајте овошје и зеленчук. Тоа залежувањето покрај тв, лаптоп е толку примамливо што ретко кој може да одолее. Пробајте да сте колку толку физички активни и да јадете барем онолку колку што сте јаделе и претходно.

4.  Не, не е ниту едно време совршено време за да бидете самоуки како се чупаат веѓи со конци. Конците оставете ги на оние кои си ја знаат работата и користете ја онаа прекрасна, старомодна чупалица која ќе заврши работа. Не експериментирајте, особено не на лицето, со нешто што не го владеете добро. Мамицата, ама секогаш изгледа толку просто и лесно кога се гледа на нет. А јас, ко да сум родена со 2 десни раце. Значи, чупалица и завршена работа колку да не се вадите од памет сами од себе кога ќе се видите во огледалото.

5.  Не, не и НЕ за поривот да има се јавите на бившите и барем човечки да ги прашате како се! Кого лажете?! Мене сигурно не. Значи, со самото тоа што некој е сместен во фолдерот бивша љубов, треба таму и да остане. Сигурно има кој да му го бере гајлето како е и дали се чува или не. Не е сега идеално време за правење глупости и навраќање на нешто што минало. Ако сте го завршиле односот пријателски, тогаш и двајцата знаете дека ако има потреба другиот ќе се јави и ќе бидете тука еден за друг, но не како љубовници. А ако сте се разделиле со горчина, неверство и останати гадинки, седете си мадро, оти секоја непотребна активност може на душата да ви остави модро.

Оти секој муабет почнува со здраво и како си, чувај се и дрндрн...па после ќе се чудите од каде излезе муабетот за тоа колку било убаво дур сте биле заедно. СТОП! Да било толку убаво, ќе сте останеле заедно. Точка. Не наседнувајте и не си дозволувајте да наседнете на зголемената емотивна дразба оти се чувствувате осамени, несигурни, желни за љубов. Не одете таму, сум била и е БЉАК.

Но, има толку убави работи кои можете да ги правите во овие, вакви денови. Посветете си го она време за кое сте си наоѓале стотина оправдувања дека го немате. Направете си маска за лице од мед, опуштете се во када топла вода, средете си ги сами ноктите (побогу, па живеевме баш солидно и пред појавата на ваков или онаков маникир), читајте, пишувајте, цртајте, потсетете се што ви било најубаво да правите како мали. Којзнае, можеби ќе откриете дека се’ уште ја имате онаа дарба за цртање што сте ја имале кога ве фалеле во 7-мо одделение. Муабетете со другарките, другарите, направете си видео чет и наздравете за животот и љубовта.

Измислете некоја нова игра со вашето дете, цртајте по ѕидови....хах, барем сега, во овие времиња треба да ви стане јасно колку е неважно се’ да ви е спастрено и да ви блеска куќата. Барем сега треба на сите да ни е јасно дека после ова треба многу нешта на кои сме им посветувале време и внимание да ги оставиме зад себе. А бога ми и луѓе, не само материјални нешта. И вие кои сте сега во врски и бракови, ќе имате баш една убава прилика да видите со кого живеете и што е уште поважно, КАКО живеете и да одлучите што понатаму. Оти сега е вистинското време да се преслушате кои сте, што сакате и каде после ова. Оти ова ќе мине, ама вие ќе го направите изборот дали ќе бидете цел живот незадоволни и несреќни, или остатокот од животот ќе го минете среќни и со себе.

Ве љубам, да сте ми живи и здрави. Останува нашата петочна колумна за 5-те нешта што ќе ги правите после изолацијава. Праќајте и споделете. А денес, денес ви подарувам песна која е необјавена досега. И памтете...и ова ќе мине и ќе биде се’ во ред.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Нема збогум во љубовта

Дури и тогаш кога

Оној по кој пилето ти пеело

Одамна не е покрај тебе

Ниту ликот му е бистар во спомените

Ниту гласот му го паметиш

А мирисот избледел некаде попатно

Во љубовта

Ако љубов била

Збогум не постои

Па дури и тогаш кога

Оној кој во тебе бил

Зад себе те оставил и заборавил

Дури и тогаш ако некогаш се среќавате

А во неговото око друг лик гледаш 

На некоја која среќен го прави

Како тебе самотијата

Љубов кога имало меѓу двајца

Таа не умира никогаш

Дури и тогаш

Кога тешки зборови лебдат меѓу нив

Чие сечило не дава раната да зарасне

И болката клука во умот

За да потсети на поразот

Ете

Таквата љубов

Која љубов била

Никој и ништо не може да ја закопа

Ниту да ја смести на највисоката полица

За да не ја гледа

Ниту да ја собере во кутија

За случајно да не излезе некој ден

Таквата љубов не ја жигосува кожата

Ниту на неа загризи остава

Оти и нив ќе ги снема

Туку однатре се лепи

И во клетките се запишува

Низ крвта струи

И во месото се загнездува

Та сечи

И други љубови барај

Слушај нечиј друг глас

И туѓи раце на телото носи

Џабе е

Се’ е џабе после таквата љубов

Во кои си се родил и после раѓањето

Со која си умрел и жив си останал

Како сенка од она што си бил

И време ќе помине

Луѓе ќе дојдат и заминат

Ќе се смееш

Ќе пиеш и ќе се опиваш

Чаши ќе кршиш на онаа вашата

И солзите ќе речеш дека од радост ти се

И колку посилно ќе се кикотиш

Толку повеќе во себе ќе боледуваш

Оти таквите љубови се ретки

Толку ретки што на сета болка

И сполај ти ќе кажеш

Оти среќа си имал да ја живееш

Таквата љубов која не останала да те грее

Туку од тебе сенка сторила

Таквата љубов пиле

Писанија има

Како ова за тебе што сега го читаш

И кое можеби на некоја друга ќе го посветиш

Да ја нахраниш и напоиш

Од она што за тебе го имав

Го имам

Ќе го имам

Од таа моја љубов за тебе

Која не дише, ама не умира