Отсутно вртејќи или модерно кажано, скролајќи низ фејсбуков, наидов на пост на кој се навратив и тоа не еднаш туку неколку пати. Мојот пријател Љупчо Љупа Ангелов (за кој верувам дека не ви треба објаснување или појаснување кој е) секогаш знае одвреме навреме да ги разбуричка луѓево со (навидум) некоја смешка или кратко прашање, кое ниту малку е смешно или кратко ако се задлабочите. И цитирам “Прашање за женскиот пол, кое вечно го мачи машкиот: Што е пресудно при и зборот на вашиот партнер, ама најискрено!”. И оздола гледам коментари кои во секоја секунда се зголемуваат. До овој момент (сабота, 09.30 часот) бројот на коментари достигна 383, што е импозантна бројка, особено што навистина беше интересно и да се читаат. Нема да ги коментирам кажаните работи, ниту да цитирам заради почитување на приватноста (колку да сме на чисто, од Љупа добив дозвола да го искористам неговиот пост за колумнава), но мора да признам дека многу ме замисли.
Имаше една шега која кружеше по нетов, а која одеше вака некако:
“Што сме ние?”
“Женииииииии”
“Што сакаме?”
“Не знаемеееееееее”
“А кога сакаме?”
“Веднаааааааш”
И имајќи го предвид тоа дека сум ем жена, ем со гадни мензиси, ем со терсене ПМС, ем полека одам накај климактериум, си реков дека не само што прашањето за жениве е сосем на место, туку и нужно сами на себе да си дадеме одговор. Па ќе почнам од тоа дека потребите се менуваат со годините, зрелоста секако дека ги менува и критериумите по кои токму тој, еден маж станува центар на нашиот свет. И еве, се враќам наназад и гледам дека скоро сите во 20-тите години сакаме “лоши момци”, за кои знаеме дека на мајките би им се кренала косата на глава ако им ги однесеме дома на запознавање. Веројатно тоа е онаа бунтовна фаза во која и сами за себе си бараме некаква потврда дека сме опасни женски, бунтовнички без причина и фраерки. Тоа го објаснува и моето вљубување во Денис Родман (ви текнува? За оние кои не го знаат, тој беше кошаркар во Чикаго Булс, еден злочест афроамериканец со пирсинзи, тетоважи и менуваше боја на коса како ќе му се ќефнеше). Кога и’ го покажав на мајка ми на слика, жената се прекрсти и само нишна со глава, па ми рече “да имаш ќерка, да си дочекаш”. Имам ќерка, прости мајко на стресот тогаш!
Со растењето, или одраснувањето се менуваат и потребите, желбите, афинитетите, па со тоа и критериумите за избор на партнер. Жените сакаат сигурност, тоа знам. Тоа ни е вкоренето од раѓање, како повеќе да бараме маж кој го гледаме каков ќе е во иднина како татко на нашите деца, отколку што водиме сметка за она што навистина го сакаме. Многу бракови се склучени од тој порив. Како да имаме списоче на кое штиклираме: не пие, не брка жени, домаќин е, добар татко. Тешка глупост, извинете вака. Прво, како што одраснуваме ние, таков е процесот и кај мажите. И никој не знае на каде ќе оди тој процес. Познавам мажи кои во младоста буквално биле се’ за што мајките ни зборувале “аман, подалеку од овој”, а потоа станале мажи кои да ти е ќеф да ги гледаш. Да, уште знаат да заседнат во кафеана, уште го имаат оној шмек на bad boy, ама се мажи за пример. Исто, знам и онакви кои на младост биле тутуле бале, а на повозрасни години се “повампириле”, оти неминовен е процесот да се изживеат одредени нешта. Па така, тие мажи кои биле обожувани од семејството на жената, сега се оние за кои нејзината мајка вели “ах, што му стана”. Па како да ви кажам, му стана она што пропуштил заради Х причини да го проживее кога му било времето. Ние жените имаме потреба да сме обожувани од страна на партнерите и да сме таа-една, единствена, прва, незаменлива итн. Е па, време е да се подразбудиме малку. Секогаш во битието на човекот е да сака повеќе и повеќе. И ако сте некому од неговите рани 20-ти прва...бидете спремни дека нема да сте и една и единствена, а па за незаменлива ич да не зборувам. Значи, тие митови тргнете ги од главите.
Мене ако ме прашате, сакам маж со солидно искуство со жени, кој го поминал периодот на себеиспитување кој е и што сака. Не сакам да сум некому првата (иако заради годиниве кои ги имам, тешко остварлива таа работа), туку сакам маж кој согласно своето искуство со другите жени, ќе знае зошто токму мене ме сака до себе. Од муабети со мои блиски, на чисто сум и за тоа дека жените бараат маж кој ќе го почитуваат, не само како човек, туку буквално и како маж. Кој ќе знае во одредена животна ситуација да подметне грбот и да каже “вака ќе направиме, ќе го минеме ова заедно”. Не сакаме плачковци (не мешајте емотивец со плачко, ви се молам) кои кога ќе згусти ќе кршат прсти и ќе чекаат да им го сервираме решението пред нос. Е сега, од друга страна сакаме да бидеме и прашани што мислиме за некој проблем и да ни биде уважено мислењето. Малку заплеткано, нели? Па после сакаме силен маж, кој ќе е неизмерно нежен, па љубовник кој ќе не’ почести со неколку оргазми, па ваков, па таков.
И кога ќе видите, сакаме се’! Некој со кој ќе се чувствуваме заштитени, ама кој ќе е и авантурист. Некој кој ќе ни угодува за време на ПМС, кој ќе знае кога да не’ утеши, а кога да замолчи (што е невозможно, оти кај нас секогаш тоа се менува со брзина на светлината). Па сакаме да ни е најдобар другар, па психијатар, маж, да не’ тинтра како татко да ни е, па во кревет да е најдобриот љубовник.
И сега што правиме?! Излегува дека сакаме некој кој би се трансформирал во се’ што ни треба, ама тогаш кога нам ќе ни притекне. А истото е и со мажите, па доаѓам до заклучок дека за да сме сите задоволни и задоволени во потребите и барањата, полигамијата треба да цути во светов. Е, бидејќи јас сум моногамна, решението ми е следново.
Прво и основно, да има љубов. Никој со никого не е идентичен. Да, ќе се карате, ќе викате можеби, ама ко што велеше баба ми, во постела никогаш лути да не одите и грб еден на друг да си завртите. Да, сексот е многу важен за хармонија, а и хемијата меѓу двајца. Токму хемијата и сексот знаат да ублажат многу несогласувања (само пазете, ова важи ако има љубов. Ако нема, џабе е да се парите и по 5 пати на ден, нема ефект). Од друга страна, спремноста да се прифати фактот дека сите сме различни и дека некогаш токму разликите го извлекуваат најдоброто од нас. Учете од оној карши вас, не бидете само инаетливи дека сте најпаметни. Во љубовта егото е убиствено и не треба да го има, туку да има само сознанија, спознанија и прилагодувања. Имајте предвид дека партнерот (ако сте се одбрале од вистински причини) има потреби кои можеби и не се исти како и вашите. И трпение луѓе!
Па за крај, не знам колку успеав дури и на себе да си одговорам на прашањето на Љупа. Знам само дека сите ние сакаме до нас некој за кој ќе можеме да кажеме дека ни е љубов, некој со кој ќе имаме взаемна почит и добар секс. Останатото кое ќе се појавува попатно, се решава. Онаму љубов каде што има, ништо не останало нерешено. Онаму каде што ја нема, колку и да се условите идеални, луѓето никогаш нема да среќни. И да, одвреме навреме потсетете се зошто сте го одбрале оној до вас за да чекорите заедно. И замолете го да се потсети зошто токму вие сте му љубов. Можеби ако почесто мислиме на причините ЗА, ќе мрчиме помалку на оние кои се ПРОТИВ.
И запамтете, се бира со срцето, а со умот се решаваат проблемите. Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Да те љуби
Да го љубиш
Да се љубите ко деца
Оти тие не знаат за кантар
Ниту за кусур знаат
За нив мерката е ДО НЕБО
До она кое крај нема
И кое ниту за почеток знае
Да те љуби
Да го љубиш
Сенките да ви се испреплетени
И една со друга да се потпираат
Та да не се знае неговата каде почнува
Ниту твојата каде завршува
И ко едно да ви дишат душите
Да те љуби жено
И да го љубиш тој маж
Без да сака да те стори некоја друга
Без да сакаш во калап да го ставиш
Зборот еден на друг што ќе си го дарите
Тежина во срцата да имаат
И полни медовина да се
Без осуди и пелин во себе
Да те љуби
Не оти без тебе не ќе можи
И да го љубиш
Не оти само тој на светов да е
Туку оти ти бршленот околу него ќе бидиш
А тој столбот околу кој ќе се свиеш
Та заедно едно да сте
А секој сам за себе и свој да биди
Да те љуби
Да те љуби онака за да цутиш
За очите да ти светат
И усните румени да ти бидат
И да го љубиш
Да го љубиш за плеќите да ги испрај
И уште поголем маж да стани
И во силата која ја има
Потпора да му дадеш
Да се љубите
Да се љубите на начин
Во кој секој од вас среќен ќе е
И секој ќе сака што поскоро дома да си дојди
Та постелата да ви шепоти стихови
И денот пој од птици да ви носи
А ноќта полна воздишки да ви биди
Оти само така љубовта расти
И само така корени пушта
Кога те љуби
И кога го љубиш
Онака како што сечие срце љубов бара
И во љубовта чоек да може да одмори
За себе поарен да е
И за другиот арен да биди
Да те љуби
Да го љубиш
Да се љубите
За да се чувате и сочувате
Во овој поган свет
Во кој се’ помалку љубовта ја има