“Сингл” или не

Добивај вести на Viber

Каде е проблемот меѓу жените кои се во врска/брак и жените кои се сами? И едните и другите како да имаат доза на сожалување кон оние од спротивната страна, која се граничи со презир или натпреварување која е посреќна или нагаѓање која е понесреќна. Со оглед на тоа што сум била и од двете страни, одговорно тврдам дека среќата и несреќата на едно човечко битие ич не зависи од тоа дали има партнер или не, освен ако не сака себе да се залажува. Среќата и несреќата си ги носиме со себе, без оглед дали е тоа во кревет со дупла постелнина или единечна. Тоа ривалство ми е како она “што е постаро, кокошката или јајцето”. Од една страна тука се оние со бурмата на прстот, кои си го направиле својот избор во животот и кои едноставно нешто однатре ги тера да сакаат сите да ги спарат и вдомат и не ретко тоа го прават многу нетактично. Од друга страна тука се сингл девојките/жените кои одлучиле дека сакаат да тераат сами и попатно го изгубиле разбирањето за оние кои едноставно имаат потреба да бидат во пар. Од каде сето недоразбирање? Кој е каменот од кој се сопнуваме и едните и другите за да бидеме изгубени во преводот и да се разбираме меѓусебно?

Сите сме различни по табиет, потреби, соништа. Има жени кои од мали сонуваат за тоа каков ќе им биде венчалниот фустан, во главата ја имаат целата церемонија, со нетрпение го чекаат денот кога ќе ја најдат својата сродна душа со која ќе формираат семејство. Тоа не значи дека не се амбициозни, дека немаат свое мислење и став, туку дека нивните потреби се да функционираат во заедница во која ќе можат да блеснат во сиот свој сјај. Таквите жени сакаат себе да се искажат преку водење домаќинство, грижа за семејството, подигнување деца и сите обврски од тој вид ги чувствуваат како благодет. Има жени кои од мали себе се гледаат како успешни деловни жени кои патуваат и кои не се врзуваат за место на живеење. Таквите жени себе се искажуваат преку работата која ги исполнува толку многу што не ни помислуваат на мајчинство или маж. Дали нивното е исправно или погрешно и кој всушност одлучува за тоа? Кои се критериумите преку кои се оценува улогата или вредноста на жената? Дали жената која одлучила дека не сака семејство, туку да се посвети на кариерата и себе има право со потсмев да ја гледа онаа жена која повеќе сака да седи в кујна цело попладне, месејќи кифли и колачи? Или еве поинаку, односно обратно...дали оние дами кои се во врска или брак имаат право да ги осудуваат жените кои се сингл и кои одлучиле дека не сакаат семејство, брак, деца, ставајќи ги на тапет дека не ги бива или дека се себични. Како во сето тоа никому не му текнува дека не се работите само црни или бели, туку и дека има една сива зона?!

Изборот кој го правиме околу чувствителното прашање да се биде сам или не, е избор кој мора да се почитува без да се коментира. Секој коментар создава гнев меѓу оној кој го дал и оној кому му бил наменет. Идентитетот не се губи со бурмата, исто како што не се стекнува со вадење на истиот. Тој е нешто што го имаме или немаме без оглед дали сме со партнер или сами. Одењето од крајност во крајност дека мажените се во принцип стуткани домаќинки кои немаат право на глас, додека оние кои не се мажени се за греота оти не се реализирани како сопруги и мајки, е во најмала рака смешно и недоветно. И реализираноста не е нешто што е ставено на парче хартија, па со пенкало само штиклираме дали се исполнети условите. Спокојот кој секоја една од нас треба да си го чувствува е најголемиот показател дали сме реализирани и дали живееме согласно нашите убедувања и желби. Мажачката заради години, социјален статус, статус во општеството (за кое треба да се согласиме дека е на страната на оние кои се со пусулче од матично) е чиста глупост која или ќе доведе до раскин на бракот или до потполно незадоволство и фрустрација која ќе расте од година во година и ќе биде пренесена и на децата. Останувањето сама заради докажување дека можам сама или страв од врзување е подеднакво иста глупост како онаа погоре и не, не докажува дека сме силни.

Сама или во врска си носи и плусеви и минуси, како и секоја друга одлука во животот. И ниту едното ниту другото не е лесно, дури и тогаш кога е од вистинските причини. Да се биде со некој значи да се работи вредно на односот, да се прават компромиси, да се простува, да се слушаат потребите и желбите и на партнерот и да се донесат вистинските решенија за сите попатни проблеми. Да се биде во врска или брак со човек кој го сакате и почитувате е огромна благодет која има своја цена, затоа што има секакви денови и расположенија. Олеснителната околност кога сте сами е дека не го носите со себе “товарот” на тоа дека секогаш треба да мислите дека не сте сами и дека одлуките кои ги носите ќе се рефлектираат и на партнерот. Најмногу ме нервира кога се спомнува слободата и тоа со тон чиниш некој со стапување во врска или брак, ви навлекол лисици на рацете (да, да...знам дека ќе помислите дека и бурмата е оков, ама па не мора да ја носите. Заветот кон еден човек не е во прстенот, туку во умот).

Слободата која секоја од нас ја има е нешто што своеволно одлучуваме да го изгубиме или негуваме, било да сме сами или не. Слободата не се манифестира преку термините сама/во врска, туку преку нашите постапки, сеедно дали сме сами или не.

Зошто едноставно не се разбираме? Дали коренот на проблемот всушност лежи во тоа дека се преиспитуваме дали сме донеле исправна одлука? Лошата вест за ова прашање е дека ќе ни требаат 2 животи за да се увериме што било исправно. Првиот за да го поминеме сами, вториот за да сме во брак. Ама тоа не е можно, нели? Добрата вест е дека не треба којзнае што да направиме за да сме на чисто со себе, освен да се слушаме себе и тоа многу внимателно. Тврдам дека не постои човек кој не знае длабоко во себе дали донел вистинска одлука за било што.

Не ми треба да ви се потсмевам вам-кои сте во брак за да се убедам себе дека сум ок сама. Не ми требало ни кога сум била во брак да ги презирам сингл жените за да се чувствувам супериорно. Одлуката за да бидам сама сум ја донела свесно и без каење, исто како што беше случај и со одлуката да стапам во брак. Не се чувствувам помоќна сама, ниту понемоќна. Се чувствувам своја и знам дека одлуките зад кои сум застанала ми донеле среќа и мир. Дали ќе донесам уште некоја со која ќе ја сменам сегашната состојба, не знам...времето ќе си каже. Дотогаш, да сте живи и здрави и оставете ги предрасудите во некое долапче. Нашата дефиниција како луѓе не е поврзана со ништо друго, освен со чистотата на нашите души.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Тој и таа

вовлечени во игра од умови

и заплеткани желби

страст еден по друг

и копнеж од кој како река

истекува сиот нивни бол

заслепени од моментот

во кој тој во нејзините очи се џари

а таа го голта секој негов збор.

Тој и таа

како грне и капаче

еден во друг пикнати

со прстите во утробата

на оној другиот заплеткани

та се мирисаат

и без да се допрат

еден од друг воздух земаат

дур ненаситно не се надишат.

Тој и таа

како огледало во кое

секој во другиот се огледува

и мориња од премолчени стравови

подготвени да препливаат

за во поинаков свет да се најдат

во дом кој како од песок

еден за друг го градат

без на приливот да помислат.

Тој

и таа

со душите сретнати во друг живот

та во овој само повторно се препознаваат

и еден кон друг се приближуваат

како отсекогаш едно да биле

во некое друго време

кога некогаш се љубеле

и не се заситиле.

Тој

подготвен кожата за неа да ја соголи.

Таа

подготвена за него повторно да се роди.

Тој и таа

во свет кој не познава граници

и во кој пишано им било

еден на друг да налетаат

со надеж дека нема да се изгубат.

Тој и таа

тие, љубов моја,

тие двајца го живеат

она што за нас јас го пишувам

и ниту ти – тој си

и ниту јас – таа ќе бидам

оти нам вака не ни било чкртнато.

Ете, само к’смет да се најдеме сме имале

без да ни се насмее небото

за да се изживееме.

Ти – тој.

Јас – таа.

Секој сам по сам

во неколку испишани редови.

Сами и осамени.