Сите сме гости на овој свет

Добивај вести на Viber

Забораваме колку сме кревки, колку сме смртни. Забораваме на некои основни работи, за кои верувам дека сите сме ги слушале од дома. Забораваме или се преправаме дека сме изумиле колку е потребно да се остане човек во секоја ситуација. Веќе ми се потсмачува и подзгадува кога читам се’ и сешто, па се трудам што е можно помалку да бидам на социјалните мрежи. Честитам родендени, објавувам песни, пишувам колумни и комуницирам со тие неколкумина кои ми се најблиски и се разбира, со секој што ќе ми пише за што и да е. И да, читав за венчавката во која младоженецот е скоро 50-тина години постар од својата избраничка и ме обзеде истиот оној блуткав вкус во устата кога на тапет беше Макрон со сопругата, за кои некои обожуваа да ја нарекуваат дека му е мајка. И си велам...што е она што секој, ама секој еден пат не’ тера однатре да прокоментираме и нормално, исплукаме нешто што се случува околу нас. Лично, ич не ми е гајле кој со кого се венчава и разликата во години колкава им е, а најмалку дали истата е во корист на мажот или жената. Како граѓанин на оваа држава ме интересира оние кои се на власт како тераат и дали по дифолт е тоа дека ако си на власт, крадеш или имало и поинаку. Ме засега дали некој во состојба на криза и ваква ситуација се заканува со откажување послушност заради верски обреди (било чии да се, да се разбереме дека уште ја немам заборавено литијата во Струга), а ич не ме интересира со кого дели постела. Уште кога беа бомбите, бев згрозена со каква сласт се следеа одредени интимни разговори. И да, уште тогаш кажав дека секоја битка (па и политичка) има правила и кодекс.

И не ми е јасно, а веројатно и нема да ми се разјасни зошто секогаш постои потребата нашето ценето мислење да го изнесеме за се’, а најмногу за она што не не’ засега. Сите имаме мислење и став за нешто, но не секогаш е баш ептен важно да го плеснеме некаде. И да, онаа наша насушна потреба да ѕирнеме барем малку во животите на другите. Онака де, ако се може. Зошто? Па онака....не дека нешто ќе се смени во нашиот живот, ама чисто од љубопитност.

Кој со кого има секс? Кој со кого се гледа, разговара, расправа, разведува, швалерисува. Не дека тоа има директно влијание врз нашиот живот, јок. И да, социјалните мрежи се убавина од измишљотина за ваквите апетити. Може да се логирате на било која социјална мрежа, форум, што и да е, да си одберете име (се викало никнејм модерно) и да блуете па и јадете фекалии за секој што ќе ви дојде на памет. Убавина, каков совршен систем за нашите ситни души. Па, можете да изнајдете се’ што ќе ви падне на ум за некого. И ќе дознаете за некоја фаца буквално се’, дури и она што таа сама не го знае за себе. Од тривијални работи со кого се дружи, до сензационални нешта како што се дали задникот и’ бил природен или вештачки и дали е спонзоруша. Уф, каков бљак.

Бљакот е уште поголем заради една многу посуштинска работа, а тоа е следнава. Зошто кога се тераат таквите муабети, сите се кријат зад лажни профили, туѓи имиња, имиња кои се измислени, никнејмови? Па ако е некој толку храбар за да си го дозволи правото да њушка по нечиј живот, да изигрува детектив, да дели правда, да се издигнува себе на ниво на суд и да суди и осудува, зошто не е храбар тоа да го стори чесно и со исправена глава.

Имам напишано 4 книги, за кои никогаш не сум рекла дека се поезија. Веќе трета година пишувам за Женски Магазин, со кој кликнавме на прв поглед, имам напишано и 2 детски книги. Не го кажувам ова за некој да ме погали по глава и да каже “браво бе Ано”, туку да кажам дека се’ што сум чкртнала тука и во тие 4 книги, сум била јас и стојам зад секој збор. Дали биле арни или не, публиката кажува. Дали некој ќе каже дека го бендисало или не, негово право. Дали ви се допаѓа она што некоја наша актерка, пејачка, новинарка, пишувачка го сработела во нејзината кариера е ваше право. Впрочем, вкусови се во прашање. Може да се дебатира, да се оценува за или против....но, дотука.

Во моментот кога ќе се направи чекорот со кој од таа зона влегувате во една друга, која е ПРИВАТНА, дали сте свесни дека објавувате војна некому? Дека давате исто право и на оној кој го напаѓате да ви се наплука на се’ што имате, вклучувајќи и фамилија, работа, вас како луѓе? Затоа ли ви требаат лажните профили? Затоа ви требаат прекари? Кукавички малку, нели?

Ако сте толку безгрешни, идеални, совршени, ќе треба да се криете? Не би рекла. Од искуство знам дека оние кои најмногу јадат гурабии, покажувајќи со прст кон другите, најгрешни се и имаат најмногу ѓубре кое се збрало под тепихот. Ќе дрдорите за комшијата, комшиката, криејќи си ја сопствената мизерија во која дома се давите. Не е страшно да не ве сака никој, страшно е кога себе не се сакате. А луѓе кои за се’ имаат негативен пристап не сакаат никого, најмалку себе.

И од тие гнасотилаци во кои се давите да ве потсетам на следново. Каква ви е мислата, таков ви е животот. Додека се занимавате со тоа на другиот што му се случува во креветот, поарно свртете се околу себе и запрашајте се што имате со тоа што ќе соберете информации за туѓиот живот.

Онаа имала дете со оној, ама тој не го признавал;

Таа е спонзоруша, ми кажа братучедот на другарот на братучетка ми;

Тој? Па тој има швалерки (што повеќе, толку посочна приказна);

Со наведување детали, измислици, клеветење, плукање. Што луѓе сте бре? Зошто? Како бе спиете навечер? Па мене од убава храна ако се прејадам, ме боли желудник, а не па од јадење фекалии по цел ден за некого. Не ми е гајле кој што прави во своите 4 ѕида, дали има или нема некој, чие е детето го родиле (нивно е! ). Не ми е гајле како кој заработува додека не краде и додека редовно плаќа данок на државата. Не ми е гајле кој со кого спие, додека лично не ме засегне. Не плетам приказни за никого, не муабетам за тоа, не ме интересира и не сакам да знам. Сакам да можам да помогнам некому ако има мака, да направам некој да се насмевне. Друго не ме интересира. Си го гледам детето и животот, моите и оние најблиските за кои сум спремна се’ да сторам.

Секое вртење кон нечиј друг живот е одземање секунди од својот. А некогаш секунди се потребни за најголемите радости или најголемите трагедии.

Да сте ми живи и здрави...карма има, сакале или не. Што ќе посеете/ме, тоа ќе се врати.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Со збор не поганиш само уста

Туку и душата чоек си ја гнаси

И дамка останува

Која не се чисти

И никој и ништо на ја избелува

И секој збор

Во кој арнина нема

Се пласти на чоека

И низ годините и ликот му огрдува

Та ко ќе видиш чоек

Кој во очите смеа нема

Бегај!

Та ко ќе видиш чоек

Кој на усните мед нема

Бегај!

Ко ќе видиш чоек

Кој очи и усни стиснати има

И кој рацете во тупаници ги држи

Бегај!

Чоек во кој убост нема

И кој за убост не знај

Таквиот лут и на сенката си е

Тој заборавил како себе да се љуби

И никојпат нема да сопри

Прстот на глата да си го клај

И муцката да ја зашие

Окото да го отвори

Прстите да ги рашири

И љубов да вдиши

Бегај!

Од чоек кој чоек заборавил да биди

Од таквиот да бегаш

Оти на таквите мирот ко војна им е

Доброто ко лошо им иди

Љубовта ко омраза им е

Кај нив се’ наопаку кинисало

И лошата мисла е храна

И зборот со кој сечат е вода

И не им се лути

Грев да те фати таков чоек ко ќе опулиш

При очи-ќор за убост

При уши-глув за песна

При усни- нем за збор кој иљач ќе е

Оти таквите љубовта во себе ја убиле

А со неа и срцата си ги закопале

И ништо не им останало

Ништо освен бес во кој се дават

Дур еден ден не се удават

И на оној свет да си појдат

Неуки за да знаат оти само чоештината

Само таа е лек за умот и телото

И само во неа чоек не умира

Оти делата и после коските закопани

На овој свет остануваат

За да потсетат

За тие после нас кои идат

Да знаат оти ништо поважно нема

Од тоа чоек да бидиш

Чоек да останиш

Чоек после себе да оставиш