Сите сме “оштетена роба”
Полесно е да се љуби на млади години. Младоста носи дрскост сама по себе, правејќи не’ да сме посамоуверени, поотворени за други луѓе, полесно се впуштаме во релации и исто толку лесно излегуваме од нив. Можеби боли, но таа болка е како прашинка која ја зачистуваме од рамениците и тадаааам, нов ден осамнал. Оние кои на младост стапуваат во брак или врска не знаат што ги чека, но учат попатно и полесно се приспособуваат на заедничкиот живот. Кој имал среќа да си го најде сродното парче душа на младост, алал да му е. Но, денешнава колумна не е за нив, туку за оние кои биле и излегле од долга врска или брак, минале сито и решето, боледувале тешко и подолго време и еве, им се случува да се најдат со некој. Оставете ги настрана филмовите во кои двајца позрели се наоѓаат, па демек изградени личности се, па се разбираат еден со друг (оти нели возраста си носи и мудрост). Врска нема! Ама сериозно нема врска, оти едно е да се градите заедно и кога сте помлади, полни со надеж и елан, а сосем друго е кога средбите се кога трпението и толеранцијата ви е сведена на нужните работи за кои мора да правите компромис и со себе и со партнерот.
Има вистина во тоа дека со растењето/стареењето стануваме “оштетена роба”, со лузни и стравови, ѕидови кои се високи, порти затворени пред нашите срца и ај што се заклучени, туку имаат и онакво резе со синџирче како дополнителна заштита. И кога си видел се’ и сешто, оди да те видам имај тестиси и отклучи вратата, сруши ѕидот и предај се некому во име на љубовта. Прекумерното мислење и анализите секогаш се присутни...дали е тоа-ТОА, дали вреди, дали пак ќе го кркам, дали ќе трае, дали ќе боли. И колку и да си го тапи чоек умот, одговор никогаш нема да најде, додека или не собере храброст да си каже “налет, ќе пробам”, или да се повлече. Уште покомплицирано е што и другата страна ги има истите дилеми. Знам мажи и жени кои се спремни на полесната варијанта, запознај се, имај секс и не очекувај ништо. Еднаш пишував за очекувањата и ставот не ми се има сменето. Тврдам дека секој од нас има очекувања, па дури и оние кои инсистираат да нема ( нели и тоа е очекување?). Уште полошо е кога се преправаме дека ги немаме, па се наоѓаме ускратени за чувства (нека ми простат циниците, ама јас навистина верувам дека секој човек има потреба од љубов).
Жално е кога оштетените стануваат луѓе-камен, па низ годините умешно научиле да ги блокираат сите емоции и да не дозволат никој да допре до нив. Замислете, запознавате некого кој е прекрасен соговорник, интелигентен, елоквентен, башка ве привлекува и физички и спремен е да ви даде само ноќ, две-три, неколку, оти си ставил брана на душата и одбива да дозволи да влезете во неговиот свет. Чаре? Или да бидете стрпливи што е малку измачувачки и на овие години (40+) поприлично оди на нерви, или да кажете “чао, мене овој луксуз не ми треба, малку сум стара за играње брканица”, што од немање волја, што од реума. Да, ситуација во која не сте ни ваму ни таму, оти тој карши вас колку и да инсистира на површен однос, гледате дека има нешто подлабоко. Сака контакт, ве бара, споделува, ама пусто никако да стави точка на играта која ја игра години наназад и да проба. И кога велам да се проба, го мислам баш така. Нема гаранција дека ќе трае, можеби ќе е една недела, можеби месец, година или две, ама барем да биде со срце и душа внатре. И не е дека не разбирам, оти сама сум многу долго време и знам што значи да се затвори човек и да се убеди себе дека е поарно да е полужив по свој избор, отколку да страда од тага ако не успее. Ама па налет таквиот живот, налет се’, оти штетата која сами на себе си ја правиме е секако многу поголема од ризикот за да се впуштиме во нешто.
Не сум ич лесна за поднесување, ич. Инаетлива, терсене, сакам по мое (оти свикнав за се’ сама одлуки да носам), посесивна сум и љубоморна (не е за фалење, знам...ама ако е некое оправдување, не вадам душа иако сакам да сум една и единствена), самотник сум кој кога пишува, сака да се исклучи од светот и да биде во своите мисли, расположението ми се менува. И свесна сум дека со годините сите овие мои карактеристики ќе се продлабочат, исто како што сум свесна дека еден ден кога ќе сум со некој, ќе треба да се преиспитам што од сето ова што го наброив погоре ќе можам и сакам да се откажам. Не оти така треба, туку за да можам да бидам среќна и исполнета. Исто толку сум свесна дека и тој карши мене ќе е некој кој ќе си има свои бубачки, стравови, борби и инаети. Работава врвка! Ама па едно знам, а тоа е дека кога ќе засакам и кога меѓу нас ќе има љубов, тоа ќе е доволно за да знаеме што да правиме еден со друг и со сопствените демони. Не дека ќе цветаат рози и ќе црцорат птици, но знам дека ќе е поинаку и дека ќе вреди.
Дали сакам да ми се случи? Да!
Ај пак....дали сакам да ми се случи? Не!
Ајде уште еднаш...Ана, дали сакаш да ти се случи? Хммммм, секако дека сакам. Колку и да сум избезумена уште отсега дека ќе е напорно и комплицирано, колку и да знам оти ќе треба да учам заедништво отпочеток, ко дете кога заодува, спремна сум на сите ризици.
Единствено на што не сум спремна и што не прифаќам е да имам човек-камен до себе, кој ќе одбие да си ја внесе душата во НАС. За секс можеме да си најдеме и помлади, нели? Тоа барем е на тацна секогаш, ама налет па и задоволството на телото кога душата ќе остане празна. Шансите да се случи она што го сакам се сведени на минимум, не е дека сум со главата во облаци, па не гледам што се случува околу мене. Шансите и да засакам некого, а тоа да оди како подмачкано се скоро нула, ама па тоа некако не ме плаши толку, колку што ме плаши да не зацапам во длабокото со некој кој никогаш нема да е спремен да се отвори и да каже “можеби вреди, ќе пробам”.
Да се биде површен е лесно и безбедно. Без траги кои ќе болат, без спомени на кои ќе се навраќаме, ама и без лезет и спокој. А спокојот не е секогаш со знак равенство за досада. Спокојот е онаму каде што знаеш дека колку и да те изнервира, да ти гази по нерви, да те фрустрира, да сакаш со два прста да го задавиш и да ти се чини оти не можеш веќе да го поднесеш, кога ќе киниса некаде да му кажеш “јави се кога ќе стасаш, да знам дека си добро”. Или ко она “го гледам кај што спие и ми иде да го убијам, ама го покривам за да не настине говедото”. Само да не е камен, само душата да не му се скаменила....другото ќе го средиме, вака или онака. Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Од камен срце не бива
Та и мајсторски да го обликуваш
И да го издлабиш
За форма да му дадеш
Колку сакаш токми го
Мазни го со шмиргла
Пак ќе тежи оти камен е
И студено ќе е
Иако в гради го пикаш
И го стискаш за да почне да чука
Пусто не бива
Не бива од камен срце да сториш
А уште помалку со него да љубиш
Или да дозволиш љубен да бидеш
Оти велат на камен секогаш се сопнуваш
И да не дај горнион
Чоек да заљубиш
Кој наместо срце
Камен во себе носи
Оти не допираш до него
Ниту можеш ритам да му дадеш
Попусто песни ќе пишуваш
И букви во ветер ќе фрлаш
Дур зборовите значење не изгубат
Па да замолчиш
Оти друго не ти останува
И во молкот утеха да најдеш
Барем за миг
Барем за ноќта да ја минеш
Не бива
Ич не бива душо моја
Од каменот кој во себе го носиш
Срце некојпат да се разбуди
Иако го тркалаш наваму-натаму
И му шепотиш да се разбуди
Попусто и моето што ко жешка топка е
И што до твоето се лепи
Без ронка срам или страв во него да има
Иако знае оти исто ќе е
И не ме плаши мене
Што знам оти пишано не ни е
Ниту ме плаши оти моево срце
Гладно по тебе ќе остане
Оти некогаш така треба да биде
Само ме плаши на сета болка
Моево да не се поболи
И од пуста жал
Тоа во камен да се престори
Кој удолу ќе стежни
Со сета сила и тага
Која камен-срцето ја носи
Без да чука
Без повторно да зачука