СКОПСКО ЛЕТО СО ЕЛЕНА И СО ЈЕЛЕНА: Томашевиќ на концерт во МОБ
Српската поп-пејачка Јелена Томашевиќ со Елена Ристеска како гостинка, утревечер (23.06) од 21 часот ќе одржи концерт во МОБ. Томашевиќ ќе пее во придружба на оркестарот на Македонската опера и балет, а концертот е во рамките на „Скопско лето“.
Елена Ристеска, за Женски магазин изјави дека се радува што ќе пее со нејзината драга соработничка и пријателка.
Се запознавме во една ТВ емисија пред многу години, од тогаш се дружиме и соработуваме.- Јелена и Елена
„ Со Јелена често приватно се гледаме, на секоја наша средба со други колеги организираме дружба, и си ги пееме нашите омилени песни на седенки, со гитара. Таа е ретко добра и позитивна личност, еден од најдобрите вокали на Балканот според мене. Ја почитувам приватно и професионално“, ни изјави Елена Ристеска за својата колешка од Белград. До сега, Елена и Јелена заедно пееле на многу настани во регионот. На скопскиот концерт утревечер, ќе ја испеат „Живот у коферима“, песна која што авторката Александра Милутиновиќ ја напишала за Елена, а потоа Томашевиќ ја снимила наменски, за проект во Србија.
„ Се запознавме во една ТВ емисија пред многу години, од тогаш се дружиме и соработуваме. На последниот нејзин настап во Скопје настапивме заедно. Јас пеам придружни вокали на три песни од нејзиниот нов албум“, додаде Елена. Со Јелена, ги спојува и соработката со ист автор и продуцент, Дарко Димитров.
Јелена со сопругот, актерот Иван Босиљчиќ
„ Драго ми е што на мојот прв солистички концерт во Скопје ќе пеам во придружба со оркестарот на операта и балетот“, напиша Томашевиќ на својот фејсбук профил. Концертот е насловен по нејзиниот голем хит „Океани“, а билетите чинат 500 денари. Јелена Томашевиќ му е сопруга на познатиот актер Иван Босиљчиќ кој неодамна одржа концерт во МОБ, и ја имаат шестгодишната ќерка Нина. (М.Џ.)