Снаа и свекрва

Добивај вести на Viber

Кажете каква тема одбрав баш за понеделник, м? Односот за кој денес ќе си муабетиме (како да не е доволно што е ден после викенд) е однос за кој ден-денес не знам и не сум сигурна дали навистина е толку многу комплексен, или се некои митови во прашање. За „комплицираноста“ на односот снаа-свекрва осознав кога бев дете, слушајќи ги муабетите на баба ми и комшивките кои доаѓаа на колективно плетење. Да, она што ние денес си го имаме како ритуал со пиење кафе и муабет во некое кафуле го имаше и порано, ама со седење по дворови и попатно везејќи или плетејќи (или се викаше „џабе работи, џабе не седи“). Сум се изнагледала такви седенки, а бидејќи одев во Битола во лето бев сведок на големи збирање по дворови, на комшиска основа. Таман и погодено да се врват летните горештини надвор на воздух, под големиот лешник и жолтата слива од која знаев да се прејадам (помини-замини скини слива), па дел од денот да го минам влези-излези во тоалетот. Одвреме навреме ќе се пуштеше „шмркот“ за да се разлади „чиментото“, се правеа кафиња, се служеше слатко кое секоја домаќинка сама си го правеше. Некогаш се разменуваа рецепти, па следното собирање се носеа козињаци и туртиња (не е торта, туку едно специфично тесто нарекувано турте, кое од дете го немам пробано, ама го паметам вкусот како вчера да сум го изела последното парче) за да се добие преодна оценка од таа што го дала рецептот.

Нејсе, попатно од сите муабети кои се вртеа имаше два муабети кои мене ми беа особено чудни, интересни и некако нелагодни. И сите овие три доживувања кога ќе се спакуваат во едно чувство и тоа кај дете, ете го идеалниот спомен кој никогаш не испарува. Едната тема беше кога се говореше за човечки судбини, зачинети секогаш со малку мистика, доза на хорор елементи и придодавања при секое раскажување. Се везеа приказни за една што правела магии некому за да се раздели од саканата, па како тоа ѝ се вратило, па за некој брачен пар кој немал деца па биле на некој извор....јасно ви е што следи понатаму. Мене не ме ни приметуваа дека сум таму, стуткана доволно далеку за да бидам неприметлива, а сепак доволно блиску до плетачките на спомените од моето детство. Другата тема, беше со годините се’ поактуелна од првава, оти како што минуваа годините сите што имаа машки деца, стануваа свекрви. А од она што јас го паметам (не ме фаќајте 100% за збор оти се минати околу 40-тина години) скоро сите да имаа по 2-3 деца, од кои барем едно беше машко.

Она по што не се разликува многу тоа време од ова кога станува збор за семејни односи, е дека многумина живееја/живеат во заедница. Разликата е во следново. Тогаш беше срамота синот да замини да живее настрана, оти снаата беше таа која требаше да ја одмени свекрвата. Сега не е срамота (а можеби во некои средини уште е) ама сега е време на „скупе су паре“, па колку и да сакаат младите да се самостојни, условите се никакви. Башка, во тоа време скоро сите живееја во куќи кои се градеа за да можат да зберат повеќечлени семејства. Беше сосем природно и нормално да се живее со родителите на мажот, да се оди во куќата во која важат други правила, други навики. Но, колку и тоа да беше природно или колку и да беа женските деца од мали припремани дека ќе заминат во нечија куќа и/или дека ќе пречекаат снаа во својата, имаше куршлуси. Е, тие куршлуси се прераскажуваа на плетачко-муабетачките сеанси. Тогаш ми стана јасно дека секогаш дојденецот ќе е дојденец, односно дека снаата стално ќе биде на тапет. Можеби и времињата беа такви, свекрвите како да сакаа да го изживеат она што тие го минувале како млади, ама сега од другата страна, бивајќи и самите некому свекрви. Сега ми се чини дека всушност и не биле закачките од некоја лична природа, туку како последователност на тоа дека „сум била снаа и сум патела, а сега е време некоја да пати а јас да доминирам”. И тука веќе се оние муабети од кои јас и сега се грозам, а се сведувале на тоа која колку била „чиста” (демек во собата ко ќе влезеш дали мискроскопски ќе се најде зрно прашина-си мислам дека е среќа што не сум се погодила снаа во тоа време, оти ќе собирале донации за метла да ми купат), па дали ставала во манџите вакви или онакви мирудии, дали гурабиите ги правела со сало или зејтин, дали ја служела свекрвата со кафе посабајлечки и низа такви муабети од кои на секоја денешна жена ѝ се наткрева желудникот.

Денес нештата се поинакви. Тие што имаат можност да живеат сами, си се одвоиле и од неговите и од нејзините. Тие што немале таква можност, оптеретени се со низа проблеми кои ги донесе ова брзо и динамично време, па баш ги заболе дали мајката на сопругот ќе се вџаши од нередот во спалната соба (оти често мајките немаат пристап таму). Но, тоа не значи дека сѐ уште нема закачки кои спаѓаат во фолдерот снаа-свекрва, иако се чини дека сѐ повеќе и едните и другите си се свртени кон својот живот. Сега свекрвите одат во Џино на сладолед или шетаат покрај Вардар со другарките, снаите се по фитнеси, трчаат околу децата, помагаат со домашните задачи. Секој си има свој живот, но не ретко си се оговараат едни со други. Тоа како да е на листата „за што муабетиме со другарките”, па и на таа тема да се удри една штикла дека е помината. Се разбира дека никогаш нема да го љубите својот сопруг како што го љуби мајка му. И фала Богу што е така, оти е малку неарно и нездраво да го сакате мажот како да ви е дете или (пупупу, скраја да е) мајка му да го сака како да му е сопруга. Никогаш нема да научите да ја правите сармата како мама, што ако поубаво размислите и не е лоша работа. Ќе одите кај неа на ручек и нема да виткате сарми, нели? Мама секогаш ќе знае како најдобро се симнува температурата на синчето (кое патем речено, по години му доаѓа дека кај и да е, ќе омажи ќерка или ќе ожени син), која е неговата најомилена манџа, како најдобро треба да му се испеглаат кошулите.

И знам дека овие работи нервираат, ама нервираат до мигот кога ќе го завртите грбот и пак ќе ве сомеле денот кој мора да се истурка. Нервираат до мигот кога сфаќате дека сте исти кога се работи за вашето дете. Но, како помлади и посовремени, алатката за укинување на некои предрасуди се во ваши раце. Свекрвата не е само мајката на вашиот сопруг. Имате најдобар другар? Мајка му ве сака како свое дете? Токму таа „тетка Х”, односно мајката на вашиот другар која ја сакате како да ви е вам мајка и сте и’ се доверувале, е исто така свекрва (или ќе биде). Вашата најдобра другарка која има два сина и за која рака ќе си пресечете, е потенцијална свекрва. Од кај знаете дека следното дете кое можеби во моментов го зачнувате нема да ве направи утре вие да сте свекрва?

Од друга страна, посочете им на жените кои имаат синови дека и тие еднаш биле во чевлите на снаите. Животот не ни е даден за да се реваншираме на судбината (ако ни била мизерна) на оние кои немаат никаква врска со тоа. Посочете им на жените кои имаат синови но и ќерки, дека утре нивните принцези ќе се „лошите снаи”.

Не треба многу за мир меѓу двете страни, кои и не е дека немаат ништо заедничко.

Потребно е малку свесност дека сите сме различни, со свои табиети, дека некогаш тешко ни е да се разбереме дури и со оние кои сме ги родиле или нѐ родиле, а не па со нечии родители. Потребно е малку трпение едни за други и толеранција дека секој ги прави нештата на начин кој го знае најдобро, а кој ич не мора да е наш или да го практикуваме.

И љубов....многу љубов. Тој...тој е љубовта на нејзиниот живот, а таа му е мајка. Вие сте љубовта на неговиот живот и сте му сопруга, девојка, партнерка. Вие две сте жени кои го сакаат, секоја на свој начин и од свој аспект. Тоа е вашата прва заедничка точка, а останатото се гради, полека и со ум.

Сум била снаа, свекрва никогаш нема да бидам (отиде возот за таа работа). Ама утре ќе бидам тешта и ќе ми е најважно дали човекот кој ќе е со мојата ќерка ќе ја сака и усреќува. Исто како што на неговата мајка ќе ѝ биде најважно дали моево дете ќе го сака или усреќува нејзиниот син. Во суштина, сите сме исти и сите сакаме и пекаме за исти нешта. Веројатно ќе сме посреќни и поспокојни кога ќе го увидиме тоа на начин кој нема да е компетитивен или непријателски.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Порано машко дете ко ќе се родело

Тапани до зори биеле и куќите од гости крцкале

Та наречници се ределе

Која поубави думи да кажи

Оти јунак на светов дошол

Тој

Што името татково ќе го продолжи

И куќата празна не ќе ја остави

На старост за мајка си и татка си ќе се грижи

И пак домот со дечиња ќе го наполни

Порано

Ама не толку одамна

Женско дете ко ќе се родело в куќи

Како болест да ги навјасала сите

И молк

Мува да помини, зуењето да ѝ се слушни

Оти женското дете од домот ќе летни

И нечие туѓо презиме ќе носи

И ниту мајка, ниту татко ќе гледа

Та веселби не се праеле

Дури и некој пат комшиите се прекрстувале

За да не ги снајди клетвата ко кај оној од карши

Кој три пати по ред чупиња изгледал

А кај мене пак во фамилија

Ете само женски се раѓаат

Јас

Една на мајка и татко

И ќерка и син

А и од мене чупенце излезе

Та да ми е да си поживеам подолго

И да видам дали ќерка ми

Со ќерка благословена ќе е

Оти ете

Кај мене женското од Господ е дар

И знам некој пат на шега татко ми да го чепнам

Дали наместо Ана, Андреј сакаше да бидам

За да можи и тој во гради да се тупни гордо

И со синот наоколу да се фали

А татко ми пак

Само малку ќе се поднасмее, сосем малку

(Оти троа отпоќе сериозен е

Или мајка ми шо би рекла „табиетлија си е чоекот”

Тако ми е лута вели оти семката прилепска ми е)

И само ќе ме праша

Во што сум од маж поинаква

Освен шо на чупе личам

И некој пат инает ко жена во ПМС терам

И ко ќе помислам поубо

И  навистина некоја разлика нема

Освен во умот на луѓето

Ама па тој да го смениш неможиш

И не џабе се рекло дете ко ќе се роди

Само живо и здраво да е

Да биди к’сметлија во животот

И многу мака да не види

Да му е патот широк и рамен

Со по некое камче ваму-таму

За малку да се препнува

Колку да не заборави оти не е сѐ мед и млеко

Та машко или женско било

Чесно и арно да биди

Образот сиот живот бел да му свети

И устата да не си ја погани

Оти секоја лоша мисла умот го труе

И секое лошо дело со лошо се враќа

И за машко

И за женско

Оти дете е дете

И чоек е чоек