Со хитот „Ти си тој“ отворив повеќе од 1000 свадби

Лидија Кочовска е активна на сцената три и пол децении. Во нејзиното богато музичко портфолио се запишани повеќе хитовски рефрени и фестивалски признанија. Ретко ја има на фестивалската сцена, но еден од најубавите моменти на кои се појавува е овековечувањето на една љубов, поточно на свадбите. На тие настани ја пее темата „Ти си тој“ , дело на Петар Димовски (музика и аранжман) и Огнен Неделковски (текст) која ја изведе на „Макфест“.

- Со хитот „Ти си тој“ пред Корона пандемијата отворив 1000 свадби. Бројката со текот на времето се зголеми и искрено веќе не бројам. Добивам покана да ја отпеам песната лично од младите, кои при изведбата имаат своја кореографија. Често се случува да ме повикаат кумот или старосватицата како изненадување за младите. Или пак младоженецот. Има различни комбинации. Искрено нема поубав миг за мене. Најчесто ја пеам за првиот танц на младите. Најлесно ми е кога имам покана од двајцата и нема криење до почетокот на свадбата. А, најтешко ми е кога невестата е бремена и морам да лажам дека на денот на свадбата не сум тука и имам ангажман, доколку е изненадување за неа. Правам сé за нивно добро. - открива Кочовска.

Периодов е посветена на својата работа во Македонската опера и балет. Планира да се активира и со настапи.

- Не бев активна три години, освен со настап на некоја свадба. Причина за тоа е актуелната семејна ситуација, која се поклопи со Корона пандемијата. Во тој период издувен вентил ми беше одењето на работа и враќањето дома. Но, се враќам полека во колосек. Веќе имам договорено свадби и настапи во престојниот период. Ми недостасуваа многу. Тие ми се празнење и полнење на батериите – дополнува пејачката.

С.А.Н.