Со кого си, таков си
Роднините и семејството не можеме да си ги
бираме, какви се-такви се, тие се. Некогаш сме црната овца во тие односи,
некогаш сме слеани со нив. На фамилијарните свечености, настани, слави има луѓе
кои се снаоѓаат како риби во вода, па течат муабети, смеење, шеги. Ги има и
оние малку ко мене што се (или јас како нив), па не баш дека многу се
воодушевени од таквите собиранки. Додуше, за мене не може да се каже дека сум
пресреќна со било кој вид на поголеми собирања, ама тоа е друга тема. Муабетот
ми е дека она што можеме да го одбереме се пријателите и партнерите. Изборот
кој го правиме е наша одлука за која отпосле не можеме да обвиниме некој друг.
Најчесто ги бираме оние кои се слични на нас, по ставови, убедувања, желби.
Одамна расчистив со она дека спротивностите се привлекуваат, оти животот ме
разубедил во тоа. Да, има некој предизвик во сето тоа, но најчесто било со
краток рок. Обично, биле партнери за кои отпосле се потврдило дека токму
разликите кои на почетокот биле слатки и шармантни, станале камен од кој сме се
сопнувале и двајцата, па разделбата била неизбежна.
Кога сме веќе кај разделбите, тие се посебна приказна. Ретки се оние разделби (за жал) во кои разумот преовладува и се мирни, пријателски, со разбирање. Како жена која има поминато развод, мислам дека сум во оние малкумина кои немале и немаат огорченост кон бившиот сопружник. Не одело, сме седнале како возрасни луѓе да разговараме, сме увиделе дека сме тргнале секој по различен пат и сме си кажале чао. Притоа, во кажаното чао секогаш паметиме дека имаме дете, кое за да расте и се развива без трауми, треба да е заштитено и поштедено од пикантерии. Разводот или разделувањето е секако потрес во кој се засегнати двете страни. Тука се навиките да се функционира во пар, па семејствата да се информираат и секако, да се изведе тоа на што е можно побезболен начин. Истурањето на бесот и семејните проблеми пред јавноста не е никогаш начин да се истурка разделбата. Е да, во кругот на најблиските пријатели може секако да си ја олесните душата и да кажете дека “тој волот немаше разбирање” или дека “глупачата е ваква или онаква”. Но, јавноста не ви е пријател, никогаш. Луѓето се секогаш желни за скандали во туѓите семејства, небаре дома живеат во идила во која нема проблеми. Бегството од сопствените проблеми е бавење со туѓите животи. Интимата е нешто што не се простира ко алишта на балкон, за сите да ги видат. Токму затоа и се нарекува интима, без да се изложува на сечиј поглед и без да се коментира за истата.
Посебно, многу треба внимавање кога се инволвирани и децата тука. Секој погрден збор за другиот родител ги погодува на повеќе нивоа. После се чудиме зошто децата имаат психолошки проблеми за време на развод. И не само што се чудиме, туку и памет не ни доаѓа, па за тоа ја обвинуваме другата страна. А во суштина, само се соочуваме со последиците од нашиот избор за кој своевремено сме го направиле со убедување дека е најисправен и најдобар. Повреденоста не се лечи, ниту се залекува со навреди. Тоа само ја поврдува немоќта за да се справи човек на цивилизиран начин. Дали некој го сакал или не мојот поранешен сопруг, негова работа. Пред мене, никој не смее да каже лош збор за таткото на моето дете. Пред некое време, имав коментар на една моја песна дека сум се’ уште огорчена од разводот. Веројатно, напишаното ги асоцира луѓето дека она што сум го пишувала било наменето за човекот со кого бев во брак. Па, да објаснам еднаш засекогаш и да ја затвориме таа тема. Разводот ми се случи пред 13 години, во мирна атмосфера, со разбирање. Немаше скандали, немаше трети лица, едноставно се случи. Од тој момент, мојот бивш сопруг не стана табу тема. Напротив, ние комуницираме многу често, не само со него туку и со неговата сопруга. Побогу, возрасни луѓе сме и разумни. Секогаш велам дека при разделбата е многу важно двете страни да си го најдат својот пат и мир. Негативните емоции се провлекуваат ако луѓето во принцип се негативни, или ако имало малтретирање, па дури и физички пресметки. Тоа е веќе друга категорија и е во рангот на семејно насилство кое секако дека мора да се разреши.
Но, користење на децата кога нештата не одат како што треба или при развод е најниска работа што може еден човек да ја направи. Си одбрал, си бил со тој или таа, завршило, продолжи понатаму. Секако дека не е лесно, секако дека е болно од повеќе аспекти, ама не е невозможно. Сум се изнагледала, изнаслушала и изнапрочитала еден куп гадости со кои луѓето им сервираат на сите евтина забава. Па оздола еден куп коментари од некои кои не ги ни познаваат двајцата, кои не само што немаат врска каков им бил животот дур биле заедно, туку се и со навивачки дух кој изобилува со простотилак.
А во суштина, едноставно е...со кого си, таков си. Изборот бил само твој и секако дека треба да си стоиш зад него, дури и тогаш кога колата ќе тргне удолу, а нема сопирачки. И сега некој ќе рече дека сами си го барале, дека ги имало во јавниот живот, дека се експонирале. Да, првата грешка е веројатно дека кога сме среќни имаме потреба да го споделуваме тоа со сите. Ама со усул малку, не мора некој рандом лик да знае со кого делам постела, дали сум била на патување, дали сум се разделила или не.
Приватниот живот се држи под контрола луѓе. Потребата да се боде очи со среќата и еуфоријата е малку безвезе кога тоа има крај и кога толпата жедно ги чека ножевите на маса извадени. А не дека некој нема проблем во врска или брак! Па да сме идентични едни со други, пак ќе се искараме некогаш, пак ќе имаме несогласувања.
Дозирајте!
Дозирајте до каде ќе ја пуштите публиката да ви ѕирне во животот. Дозирањето е едноставна работа. Само помислете дека сте ја оставиле ширум вратата отворена од тоалетот додека сте седнале на шољата за 2, а пред тоалетот поминуваат сите. Знам дека звучи смешно, ама па некако најдобро ми дојде таа споредба.
Бидете достоинствени дури и тогаш кога сте повредени. Бидете достоинствени дури и тогаш кога ви иде цел свет да знае дека тој или таа отспротива бил/а ваков/ваква или онаков/онаква. Оти луѓето ќе имаат забава ден, два, три...па ќе излезе нешто ново што ќе ги забавува следните 3 дена. Ама децата ќе памтат цел живот. Оној кој сте го величале на времето, не го мачкајте со фекалии кога ќе се разделите. Сепак, тие луѓе биле значаен дел од вашите животи и што е најважно, засекогаш ќе останат родители на вашите деца. Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Големите луѓе се со душа ко небо
Та во нив еден цел свет болскоти
И милост во себе носат
Дури и тогаш кога згазени биле
Големите луѓе се меки и питоми
Со отворени срца и без стравови
Со затворени муцки за пцости
Дури и тогаш кога јазикот им гори
Големите луѓе за прошка знаат
И да ја побараат умеат
Без горделивост која ги јаде
И после која ништо не останува
Големите луѓе мирисаат на чисто
И со тој мирис другите ги лечат
Без да знаат и да се перчат
Големината своја ко украс ја носат
Во ова лудо време
Големите луѓе реткост се
Некогаш и за потсмев служат
Некогаш се плукани од толпата
Некогаш осудени сами да бидат
А некогаш пак
За нив велат дека будали биле
Ама јас знам дека тие
Дека тие големи луѓе
На душава ко иљач ми идат
И вербата во убоста ми ја враќаат
Дека со нив светов некако помил се гледа
Големите луѓе се како ѕуница
Та греат и очите ти ги полнат
И не се надмени
Ниту пак се дујат ко пауни
Тивки се и кротки
И во кроткоста своја те думкаат
Ко мајка чедото ко си го заспива
И во својот свет полека те внесуваат
А внатре шаренила и убајни
Топло и меко ко во сон
За да се одмориш во нивната големина
Големите луѓе знаат да љубат
И да сочуваат чоек од зло
Оти нема големина
Ако во неа душа нема
За во добро и во зло
Со љубов да те нагости