Со моето шестмесечно бебе одев на работа: Министерката Мила Царовска раскажа лична приказна

Интересна лична приказна раскажа министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, пред неполн месец на конференција за жени претприемачи во „Аликас ивент центар“. Царовска го отвори настанот и одржа говор кој ги мотивираше жените.

„Сношти бев на слава кај едни мои блиски луѓе. Седејќи во друштво, едно помладо момче ми рече: „Да ти кажам една приказна од твојот ресор. Едни мои пријатели се разведуваат. Знаеш ли зошто? Жената е психопат. Пет месеци откако го родила детето се вратила на работа од породилно“, раскажа Царовска.

„Тогаш, му реков на пријателот, и јас сум психопат. Јас се вратив на работното место кога моето бебе имаше шест месеци. Го носев на работа со мене, спиеше кај мене во канцеларија“, продолжи министерката. Таа нагласи дека е многу важна меѓусебната женска солидарност. „Ние имаме дури и повеќе обврски од мажите. Кај жените постојат бариери во работата, како да не се дел од масата. Но, во поново време, женските тимови успеваат“, рече Царовска. 

Конференцијата се одржа неколку дена пред почетокот на кампањата „Слушни ја - 16 дена активизам против насилство врз жени и девојчиња“. Министерката додаде дека дури и моќните жени не можат да му кажат не на насилството. 

„Мажите понекогаш не сопнуваат. Затоа е важна женската солидарност“, нагласи таа.

М.Џаровска