Со ум да е...Велигден да е

Добивај вести на Viber

Ова е првиот Велигден кој поминува без гужви, без полни храмови, без преполни улици осветлени од запалени свеќи. Додуше, ова е и првиот Април кој го минуваме дома, затворени со денови, а не ретко, повозрасните се во превентивна изолација повеќе од 20 дена за да се заштитат од вирусот кој драстично ни ги смени животите на сите.

Она што го знаете за мене е дека не сум религиозна и дека религијата, сексуалната ориентација, националноста никогаш не ми биле ниту најмал фактор при комуникација со луѓето или бирањето пријатели. Луѓето кои со своето присуство го оплеменуваат мојот живот имаат една заедничка особина, а тоа е дека сите се ЛУЃЕ. А за мене, тоа значи дека дека се чесни, свои, искрени, полни љубов и топлина за сите околу себе. Луѓето на кои им се восхитувам се оние кои и во овие тешки времиња, не забораваат на другите и секогаш се тука за да помогнат во рамките на своите можности. И меѓу нив има христијани, има и муслимани. И кај едните и другите ја има чоештината која на светов му е (особено деновиве) потребна за да опстои.

Моите лични ставови отсекогаш биле дека народните маси најлесно се држат покорни кога ќе се осиромашат и кога ќе им се всади страв од Бог. Чуму страв?! Зарем немаат страв оние кои се побогати, па прават уште повеќе злодела за да си го зголемат имотот, богатството или моќта. Зарем сите оние кои се богатеа на грбот на народот и кои уште го прават тоа, немаат страв од Бог или нивниот Бог ќе им ги прости гревовите оти имаат пари за да платат 3 осветувања на домот и донација за црквата...а можеби и екстра молитви. Богобојазноста не е измислена за обичниот човек кој и онака не прави големи гревови, туку за оние кои мислат дека парата им дава можност да се пазарат и со горниот, небаре е ова уште еден бизнис дил.

А она што отсекогаш ме згрозувало е дека токму оние кои на некој начин народот ги гледа како медиум меѓу нив и Бог, се најголемите бизнисмени. Или, што би рекла Ина Многуфина “зошто нема и жени владики?! Па и ние жените знаеме да возиме џипови”. Е па, драги мои...суштината на она што го проповедате е скромноста и покорноста, која и сами не ја практикувате додека влегувате во бесните автомобили. А влегувате со мака, оти повеќето од вас пукаат од дебелина (чисто да си знаете дека еден фактор за зголемен коморбидитет од короната е токму дебелината, да не биде после не сам знајала).

Проповедате вредности во кои не верувате и самите, оти на дело не ви ги гледам. Прва работа која ве интересира за погреб, венчавка, крштевка е колку ќе наплатите. Зарем немате страв од Бог? Зарем не сте помислиле дека ако веќе сите одиме ваму или онаму, ќе бидете и вие подбрани за се’ што сте сториле во животот...или не сте сториле. Оти некогаш гревот не е само во она што е направено, туку и во ненаправеното.

И не можам а да не го спомнам и да останам имуна на тој излет со умот што го направивте кога не најдовте чаре за да ги причестите вашите верници, односно, да најдете начин ем да си го испочитуваат она што им налага верата и душата, ем да ги заштитите. На причест идат и деца, возрасни, идат луѓе со хронични болести кои можат скапо да ги чинат доколку се заразат. А не треба многу за зараза, доволно е само еден да е болен. И не ми проповедајте за моќта на христијанството, барем не сега кога умираат луѓе кои се верници, неверници, христијани, муслимани, будисти. Можевте во името на таа љубов која ја проповедате и за која зборувате, да најдете чаре за причестувањето, нели?

На социјалните мрежи прочитав само за едно наше свештено лице кое донираше маски за здравствените работници. Знаете кои се тие? Тоа се оние кои немаат можност да слават Велигден, оти се на дежурства, прегледуваат, се борат со реално зло кое е опипливо. Ги изумивте и армијата и полицијата кои не се прибираат дома и се изложени на ризик додека обезбедуваат целава работа да не излезе од контрола.

Токму заради нив излезете и кажете му на народот дека се важи дека се и причестени и ослободени од гревовите и од вторник натаму. Кажете им и покажете им на оние кои рацете ви ги бакнуваат дека се грижите за нив и дека ги љубите, оти нели така тоа одеше во молитвите! Излезете и кажете им на вашите верници да ги одложат доаѓањата в црква за некои подобри времиња, во кои нема да се плашиме за сопственото здравје и за здравјето на нашите најмили. Мантиите кои ги носите, покажете дека сте достојни да ги облечете. Бог не е во објектот со крст, не е во иконите, не е во причеста. Бог е во секој еден единствен човек на планетава. Некаде се вика Исус, некаде Алах, некаде Кришна, некаде Универзум, но секаде е ЉУБОВ.

Во мојот свет, Универзумот е тој во кој верувам...и не ви се мешам во религијата, ниту во верувањата. Ви ги почитувам сите определби во животот, додека се со чисто срце и добрина, без ниту една сенка на зло кон било кого и било што.

И не можам, а да не го кажам и ова. Драга Влада на нашава земја (да, намерно не го ставам името, оти ќе ми избегате од темата...а и на едните и на другите, оваа ви е Владата), кога велите дека ни гори под нозете, кога еден куп луѓе затворија бизниси, кога децата ни стануваат се’ повеќе и повеќе бледи, кога родителите ни се од пусти страв затворени дома, кога сме со ограничена слобода на движење заради повисоки цели...следен пат очекувам да тропнете со рака на масата и да кажете остро дека не е дозволиво причестување. Кога се низ светов цркви затворени, не ми излегувајте со анемични изјави дека не можете да се мешате. Оти морате! Морате да ставите рампа на секој можен извор на продолжување на агонијава која и онака е тешка за трпење. И не се плашете од гневот на народот и дали ќе гласа за вас, оти не отишле в црква на Велигден. Ќе дојде денот кога ќе ви кажат фала за тоа. И вие што ја имате власта во рацете, а и вие кои сте на другата страна...сега не е ниту време ниту место да си ги мерите силите и да се правите паметни на сметка на оној другиот. Заштитете си го народот, ама по ист терк сите, без исклучоци заради оваа или онаа причина. Оти мене ми е смачено некои секогаш да се поеднакви од другите.

А вам ви посакувам честит Велигден, за многу години да е денов. Душите да ви се спокојни, а срцата полни љубов. Да сте ми живи и здрави!

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Пред дете

Пред дете на колена понизна сум

Оти невиноста во очите на детето

Е слика на она што светот треба да е

Ослободен од суети и злоба

Полн смеа која гргори од стомакот

Светнат и шарен ко Велигденски јајца

Со мирис на слобода и спокој

Пред старец

Пред старец на колена понизна сум

Оти мудроста велат со староста иди

И во погледот на младоста што изврвила

Се мијам како во вода осветена

За мудроста и мене да ми трае

Да ме покрие кога душава ме боли

За утеха која ко прекривка грее

Пред љубовта

Пред љубовта на колена понизна сум

Оти толку малку чини

Само срцето на чоек отворено да е

И со секој удар милост да дава

Без да се пазари дал ќе ја добие назад

Оти љубовта во која кантарот мери

Никогаш не тежи појќе од слепилото на осамата

Пред животот

Пред животот на колена понизна сум

Од првиот здив кој убости носи

Во боја која окото со нежности го бои

Та го живееш денот ко секој еден прв да е

Го дишеш силно за пилето внатре да ти запее

И пееш небаре пилето од кафез излетало

За да ја славиш неговата големина

Пред смртта

Пред смртта на колена понизна сум

Оти и таа голема колку животот е

Та и треба да се слави ко свадба или крштевка

Оти на крајот сите се враќаме во утробата на земјата

Во таа Мајка која милиони во себе чува

И за секој од нас рацете ги шири

Во себе коските наши да ги прими

Научив понизна да бидам

Не пред икони и светци

Туку пред луѓето

Пред животот и смртта

Пред сето она што прави да сме тука

Сега и овде

Дур секому од нас времето не му дојде

За да си замини

Со љубов во себе

Со љубов испратени

И со љубов некаде

На некое друго место дочекани

Научив

Научив на колена да бидам

Та крвареле ил не

Насмев на усните да имам

Оти чоечката понизност се мери само тогаш

Кога чоек ќе научи оти на светов сам не е

И оти треба ближниот ко себе да го љуби

Од првиот до последниот здив