Социјалните мрежи го уништија социјалниот живот
Ич не сакам недефинирани работи. Ме замараат, ме тераат да си
го арчам времето мислејќи што сакал некој да ми каже или дали има кажаното
некаква позадина. Го сметам за манипулација неодредениот начин на муабетење,
демек сме на натпревар кој понејасно ќе се изрази. Секогаш се обидувам да сум
прецизна и јасна во она што го говорам. Мислата си ја срочувам во умот и ја
кажувам токму онака како што се чувствувам. Што би се рекло, ако сакам да
договорам нешто со некого, не го правам тоа со милион затскриени загатки кои ќе
остават простор за другиот да мозга 2 дена што сум сакала да кажам.
Од недефинираните работи кои многу ме фрустрираат се оние поврзани со меѓучовечки односи, а особено ако имаат емотивна нишка. Правев муабет со една блиска пријателка која веќе извесно време се допишуваше со еден човек, за кој имаше само убави зборови. Па колку бил елоквентен, па како се надополнувале во мислите, па имале исти вредности во животот. И се’ е тоа супер кога тера извесно време, што му доаѓа како некоја предигра после која логично би било да се сретнат на кафе и очи во очи да разговараат. Сепак, буквите оставаат впечаток и создаваат некаква слика за соговорникот, но знаат да направат и големи белји. Една погрешна запирка, точка, извичник или не дај Боже вклучен caps, може тотално да го сврти муабетот. Се’ е полесно кога се гледа соговорникот, изразот на лицето, гестикулациите, тонот. И доаѓаме до точка каде што нивната совршена преписка траеше повеќе месеци, а никако некој од нив да потегне прашање за кафе, чај, вино, шодае. И го приметив моментот на измачување кај другарка ми, која беше се’ повеќе со прашалници дали всушност допишувањето со дотичниот е само тепање време или ќе има некаков след на настаните. Не, не станува збор дека нејзините очекувања беа дека тие двајца се создадени еден за друг, оти средбата може да биде и една добра подлога за убаво пријателство (не верувам во тоа дека маж и жена не можат да бидат само пријатели и ништо повеќе).
И додека муабетевме колку социјалните мрежи уствари ни го усложнија социјалниот живот, ја прашав зошто едноставно таа не го покани на пијачка, се разбира ако веќе работите и блискоста отишла дотаму за да има простор за едно седнување на кафе. Отпрво ме погледна како да сум кажала дека сум видела зелен слон кај што шета со ушите врзани со ластиче, или во превод, па зошто нему не му текне да ја повика неа. Па следеше уште еден долг разговор дека ова е 21 век, дека и жените ако пројават иницијатива за средба не значи дека себе се гледаат во бел фустан и чопор деца со дотичниот.
И да, баш така и мислам. Сепак сме доволно возрасни за да не забегуваме како тинејџери кога се другите луѓе во прашање, а особено оние од спротивниот пол. Што порано се видиме кој сме и што сме, толку поубаво и за двајцата. Нема полошо од создавање илузии за некого, па макар сакале и само пријателство. И да сме на чисто, секој од нас кога е зад мониторот, на тастатура може да биде совршен. Друга е приказната кога ќе се помине време заедно, па навистина да видиме дали разговараме со измислена слика што некој сакал да ни ја прикаже или се’ што сме имале можност да прочитаме е вистина.
И откако заклучивме дека е сосем бенигно да се пие кафе, ма макар таа го поканила него, другарка ми сосем непретенциозно низ муабет го праша дали и кога е ТОЈ слободен за да седнат денски на пијачка. Претпоставувате дека не одеше подмачкано, нели? Излишно е да кажувам дека првичната реакција беше “еј, супер ај ќе ти кажам неделава”. После неколку недели, но со секојдневна комуникација, на мојава другарка полека и’ стана јасно дека се соочува со ситуација во која кафето не само што нема да биде испиено, оти е тој презафатен со работа (а е online цело време со неа), туку дека работите се поставија така што веќе беше и незгодно да се прашува уште еднаш.
Понатаму, се разбира дека нивната комуникација се разводни до степен да полека сама си одумре, со повремени пишувања и прашања како си, шо има ново, леле коронава што ни направи и толку. Чуму сето тоа? Дали преписките станаа само пополнување на времето додека чмаеме по дома или навистина сме се затвориле толку многу во себе што ни е страв да излеземе од дувлото во кое се криеме.
Разочараноста на другарка ми не беше дека ја пропушти можноста да се “вдоми” или да го најде својот принц на бел коњ, туку дека беше навредена и повредена како човечко битие. Никој никому не служи за да не се чувствуваме осамени, или за да ни е интересно. Односот меѓу двајца возрасни луѓе најмалку треба да биде “важи, ама.....”. Ама што?
И ова не е единствен пример. Знам многу луѓе (мажи и жени) кои едноставно вака функционираат. Како да не’ напуштила самодовербата дека вредиме како луѓе и дека некому ќе се допаднеме комплетно, не само со сликичето кое вешто сме го одбрале да не’ прикаже во најубавото светло.
Одродувањето стана нормално, исто како што стана нормално да се криеме и да бегаме едни од други. Не сум социјален тип на човек, ама ако веќе имам редовна комуникација со одредени личности, сакам да бидам со нив, но не само преку куцкање, туку и да можам да им ја видам искрата во очите, топлината која извира од нив како луѓе. Не сме исти како она што секој од нас го има како слика за било кој од допишување или читање статуси. Сум сретнала луѓе кои на фб се вечни мрчатори и опонираат на се’ и сешто, а во живо се богатство кое се чува, вистински пријатели на кои можам да се потпрам за се’. Ова го пишувам не за да ви продавам ум, туку и за да се потсетам и себе дека оние со кои контактирам преку маил, инстаграм или месинџер заслужуваат да ја видат вистинската Ана, па и по цена да не им се допадне. Пробајте, излезете од сопствените рамки. Некогаш ќе се изненадите пријатно, некогаш едвај ќе чекате да го допиете кафето жешко за да си заминете. Ама вреди да се отворите и да се отворам малку повеќе, сепак никој од нас не е создаден за да самува. Сродните души се околу нас, пријатели или партнери, сеедно. Дајте им шанса и дајте си шанса да ви го доразубават животот.
Да сте ми живи и здрави и не создавајте лажни слики и илузии за никого. Ако сте кликнале со некого, нека е тоа вистински, а не преку лајкови и срценца.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Се одродија душите човечки
Та се сокривме зад букви
Кои наши најмалку се
Украдени мисли од писатели
Чии книги не сме ги читале
Зад музика од некој за кој сме чуле
Ама никојпат не сме го слушале
Глумиме нешто што не сме
Како искусни актери
Во петпарачки филмови
И само огледалото не’ сепнува
Дека слабости и грешки имаме
Та и нив со чаршафи ги покривме
За со себе да не муабетиме
Се одродија срцата
И не ја бараат топлината
На отчукувањето на оној карши нас
Катанци сме им ставиле
И клучевите во кутивчиња сме ги спастриле
А нив ко сеништа
Под кревети сме ги сокриле
Чоек со чоек се одроди
Затскриени зад лажни насмевки
И сомилост која милост не е
Толку совршено и извежбано
Што и сами во неа не веруваме
Тажни времиња се оние
Во кои љубовта за потсмев е
И во кои лагата доблест станала
Та ниту среќата не ја распознаваме
Оти таа бега од оние
Чиј живот станал пародија
И кои ја вагаат убоста
За евтино да ја продадат
Велат дека чоек старее
Кога тага по дамнешнината го фаќа
Та си велам оти староста затоа боли
Оти знаеш дека заминало нешто
Во кое уште веруваш
И душата ти го бара
За никогаш да не се врати
Дури ниту во спомените
Во кои чоек со чоек близок бил
И очи во очи си пулел
За себе да се види
За него да го види
За чоештината да не се заборави
Во ова време во кое
Секој со секого се одроди