СОСТОЈБАТА СО СТРУЈАТА Е АЛАРМАНТНА, ЦЕНИТЕ ЗГОЛЕМЕНИ ЗА ПЕТ ДО СЕДУМ ПАТИ - комората бара државата да го зголеми домашното производство

Состојбата со снабдување со електрична енергија за компаниите во земјава е алармантна, информираше на денешната пресконференција Антони Пешев, извршен директор на Стопанската комора на Македонија.

„Цените на електричната енергија на светските берзи пораснаа до 250 евра за мегаватчас, што е раст за пет до седум пати, а уште поалармантно е тоа што нема ни најави дека оваа цена ќе се намали во догледно време. Цената на фјучерсите расте. А, зимата уште не ни дошла како што треба, што не значи дека нема да биде долга“, објаснува Пешев.

Тој вели дека компаниите членки на комората уште на стартот на октомври почнале да соопштуваат загрижувачки информации дека трговците им ги прекинуваат договорите за снабдување и им нудат нови договори со драстично повисоки цени и пократки рокови. Набргу потоа речиси сите компании се јавиле со такви жалби, дека договорите им се прекинуваат, а им се нудат нови со три пати, четири пати, па дури и пет пати повисоки цени.

„На 8 октомври свикавме итен состанок во комората со сите чинители, односно ЕСМ, МЕПСО, Регулаторна комисија за енергетика, и од нив слушнавме многу загрижувачки информации. Регулаторот ни кажа дека нема механизам со кој може да се натераат трговците да им ги продолжат договорите на фирмите, и дека единствено што може да се направи е да им се одземат дозволите за увоз, што е неприфатливо, бидејќи ќе треба да се набавува струја од слободниот пазар, а таму цените се сосема непредвидливи, но и малите фирми не можат ни да настапат на тој пазар, односно таму ќе бидат сосерма незабележителни. За трговците кои не ги исполнуваат договорите, компаниите од регулаторот беа упатени на судски процеси, што за нив е сосема неприфатливо бидејќи тие процеси се многу бавни, а состојбата е ургентна“, објасни Пешев. Повеќе прочитајте на Фактор.мк