“Спастри се, не ти личи на годините”

Добивај вести на Viber

Можеби не научивме да носиме маски, да седиме дома, да држиме дистанца и да не си дишеме во лице на секакви прослави периодов, ама она што го знаеме добро (на ранг на совршенство) е да судиме, осудуваме, да се потсмеваме и да јадеме гурабии за работи кои не не’ засегаат. Свеста ни е резервирана за туѓите животи и она што го прават луѓето дома и со својот живот, потполно игнорирајќи ги постапките кои не’ красат или гнасат. Па така, нашиот Итар Пејо менталитет цути во услови и време кога е тоа најмалку потребно. Први да ескивираме во обврските, први да смислиме начин како да “зае*еме” некого, а најмногу оние кои отпосле се справуваат со нашиот простотилак (читај, докторите). И додека многу лесно поминува во јавноста дрскоста на преполните трпези, распеаните и разиграните гости на полуматури, матури, свадби, веридби, крштевки итн. со попатни уште попогани поздрави кон лекарите од сурати собрани за да ја покажат својата бунтовност кон системот кој се обидува да не’ спаси сами од себе, никако не може да помине незабележано приватниот живот на луѓето.

Топ вести се младите невести на еден верски поглавар (бивши), за чија глупост во врска со коронава немам коментар и уште му се чудам и на еден доктор со чии теории ама баш ич не се согласувам, ниту ги применувам. Па сето тоа пропратено со фотографии, со коментари кои се колку гнасни, толку и неинвентивни. Веќе видена слика и прилика на нашиот менталитет. Веројатно ќе беа истите доколку некоја жена позната на јавноста се појавеше со партнер помлад од неа 20-тина и кусур години, или не, ќе беа уште попрости и повулгарни со досетките дека 20 и кусур два пати влегува во 40 и кусур. И секако, сите светци и светици кои виреат на ова парче земја се згрозија од тоа дека некој има сопруга (замислете, не е дури ни прва туку втора, трета или четврта) која е помлада 2 или 3 децении. Па оние прекрасни блуеници за потенцијата на дотичните господа, па дали им биле дедовци или спонзори. Ах, моја прекрасна Македонијо! До кога бе?

До кога ќе биде главна реченицата “спастри се, не ти личи на годините” во контекст кој не е воопшто важен. Зарем не ви е доста, зарем не ве уморува да чепкате во туѓите спални соби и кревети? Ај што не ми е јасно каков е тој воајеризам, туку уште помалку ми е јасно што добивате со тоа што ќе си го кажете вашето ценето мислење за жената или мажот на некој кој не го ни познавате.

Не знам колку пати досега сум го спомнала овој муабет и колку пати повторно и повторно сум шокирана од тоа дека не ни иде умот. Дали воопшто некој размислува дека терминот приватен живот е нешто што не е привилегија само на оние кои не се на телевизија или не носат некаква јавна функција. Можете да судите за одговорноста на луѓето кои ги кажуваат своите ставови, мислења или на било каков начин имаат влијание врз луѓето. Ама тука застанете побогу. На што личи сето ова? Тоа е исто како некој со камера да ви влезе дома и да ви го снима или слика семејството, па после и да објави, да се потсмева или да дава свое гледиште за тоа каков живот живеете и со кого.

Би дозволиле? Се сомневам. Седнати по кафулиња ќе коментирате за некоја над 40 дали носи кратко или не. Колку за информација, другарка ми Цеце со 50+ има поубави нозе од 20 годишни девојки. И да, носи мини оти и’ се може, а и и’ се сака. И изгледа прекрасно. Да, Биба има 40+ и сака кожни панталони кои ги носи ко некој што си ја носи сопствената кожа и изгледа секси. Да, јас со моите скоро 50 сакам долги фустани со гол грб и ги носам без прслук (прекрстете се). И да, многу жени кои ги знам и познавам, па и гледам на фејсбуков носат мини, имаат бесни фризури, сакаат помлади мажи, не сакаат брак, некои ниту деца. И? Каква врска има сето тоа со вашиот живот и вашите ставови за тоа што е добро, а што не е. Знаете, многу е лесно да се критикува нечиј изглед, однесување, избор. Така, може еден ден некој да ви се наврти и вам, па да го опне вашиот животен партнер со слика на својот фб ѕид и да коментира. Се надевам дека во таква ситуација ќе бидете исто толку широкогради за да не збеснете и како лавови си го браните домот и семејството.

Глејте си дома како ви е. Глејте да ви е трпезата доволно богата за да не гладувате, да ви се родителите и децата живи и здрави, да имате доволно за да си приуштите убав живот. Гледајте се себе малку, нурнете во она што сте вие и занимавајте се со тоа. Човек кој се бави со себе и својот живот нема време за туѓите. Имате вишок време? Најдете хоби, вклучете се во некоја хуманитарна организација, читајте, пишувајте, гледајте филмови, практикувајте спорт за да ви излезе лошотилакот. Оставете ги луѓето да дишат бре! Како сакаат, така ќе живеат и никому не должат објаснување. И да повториме, јавните личности не се тука за да мастурбирате врз нивните животи и семејството. Мастурбацијата оставете ја за во домашни услови. Наместо да се кикотите замислувајќи го сексот на мажите со своите помлади сопруги или партнерки, глејте си ги партнерките дома. Или дома не е интересно? Знаете, секогаш може работите да се гледаат од минимум две страни. Па, еве може и вака...дали сте несреќни дома? Дали ви е поинтересен сексуалниот живот на другите оти го немате дома или нешто имате проблем со потенцијата? Или за жените...фрустрирани сте оти мажот не ви обрнува внимание, оти не сте се почувствувале како жена со години? Оти можеби знаете дека има љубовница? Невкусно. И прво што ви доаѓа на ум е што ми е мене гајле за тоа како живеете, нели? Која сум јас да се мешам кај што не ми е место. Е па, исто е. Кои сте побогу вие да коментирате, да се изживувате врз оние кои не ги ни познавате.

Гледајте си чергата. Гледајте да ве служи здравјето и умот, оти малку треба за да не’ нема. Затнете устите и малку, барем малку бидете почовечни. Премногу ѓубре за толку мала земја. Не ве личи, утре децата ќе ви бидат на социјални мрежи и ќе се срамат од вас заради вашите коментари за некој или некоја. Утре децата можеби ќе ви бидат исмејувани од некого. А за дете најмногу боли, знаете и сами. Кармата е кучка и секогаш враќа онаму каде што болката ќе е најинтензивна. Не си играјте, сите оние за кои дробите имаат семејства, деца, родители. Сите оние за кои дрдорите се луѓе со чувства. И не заборавајте, какви ви се мислите и зборот, таков ви е животот, такви сте и вие.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Мери го зборот

Како штоф од кој облека ќе носиш

Мери го неколку пати

Оти што ќе исечеш и скроиш

Тоа за навек ќе си носиш

Та или стокмен убав чоек ќе бидиш

Или за потсмев ќе служиш

Мери го зборот

Мери го ко лек да е

Оти секој лек отпоќе даен

Знај и отров да биди

И наместо да излечи

Чоек в замја да го пикни

Мери го зборот

Мери го како состојки за јадење

За на трпеза ко ќе седниш

Со мерак да се сладиш

Оти преблаго ако е лошо ќе ти биди

Од пресолено гладен ќе останиш

Та ниту лезет ти ќе видиш

Ниту оние со кои на маса

Ќе сакаш да наздравиш

Мери го зборот

Онака како што се мери

Кога куќарка за птици градиш

Та отворот ако премал е

Пилето надвор в зима ќе измрзни

А голем ако е

Птица грабливка ќе можи да влези

Мери

Измери добро во срцето

И на уште еден кантар

На оној во душата зборот клај го

И пред да го изустиш

Во устата преврти го

За да видиш дали ќе ти горчи

Оти налет се’

Ако само го плукниш

И некого во збор лош удавиш

Оти малку на чоек му треба

За сила и крила да му дајш

Или в ковчег да го пикниш

Малку на секој од нас му треба

Да се удави во збор лош

Од немукает

Од злоба човечка

Затоа зборот се мери на кантари неколку

Оти ништо потешко на светов

Од збор поган нема

И ништо не сечи појќе

Од збор-сабја

Ништо поголем иљач не е

Од збор меден

Ете затоа зборот се мери

За да можеш чоек со него

Од мртвите да го вратиш

И насмев на усните да му ставиш

Оти малку треба

Многу малку треба

Од збор да се родиш

Или во зборот да умриш