Среќа по “терк”

Добивај вести на Viber

На овие години научив дека две работи се најважни во животот, се разбира освен тоа да сте живи и здрави вие и вашите блиски. Првата е дека не постои универзална формула за среќа и втората, дека е од огромно значење да имате луѓе околу себе кои ќе знаат да ве туркаат напред или кои ќе ве подзастанат ако сте кинисале онаму каде што не треба (читајте, сте забегале). Ова што го зборувам е од лично мое искуство, кое секако не мора да е и ваше искуство или сознание.

Ако прашате болен човек што е среќа, без размислување ќе ви каже дека е здравјето. За некој друг среќа е да си најде животен партнер, за трети тоа се пари, семејство, деца, патувања. Сите сме различни, но она што ни е заедничко е токму тоа дека сите (без исклучок) си ја бараме среќата, онаа што ќе не’ исполни и која што ќе е според нашата дефиниција или терк. Грешиме во оној момент кога ги прифаќаме туѓите начела за тоа што е среќа и се обидуваме да си ги вградиме во нашата слика за идеален живот. Секогаш, ама секогаш кога сум се обидувала да бидам среќна според нечии други видувања, сум завршувала со депресија и анксиозност. Чуму желбата или потребата да се вклопуваме во рамките или калапот на вредностите од мнозинството? Дали е тоа порив да се биде прифатен или е страв од осуда?

Долго време не сакав дете, мислев дека мајчинството не е за мене, барем не до мојата скоро 35-та година. За временскиот период од 25-35 години бев под притисок кога ќе се омажам или кога ќе родам. Нималку не ми одеше во прилог тоа дека бев бомбардирана со тоа оти биолошкиот часовник ми отчукува или дека ќе бидам премногу стара, па можеби и нема да можам да родам. Ниту еден не слушнав да ми каже “терај си го животот, имај дете кога ќе бидеш спремна и кога ќе сакаш”. Среќа е што сум по природа своеглава и што имав одлучено дека ќе постапам онака како што ми бара душата. Среќа е што имав бременост кога јас сакав, што се одвиваше добро и што епилогот е тинејџерка која наскоро ќе наполни 17 години. Ако ме прашате дали ми беше баш сосем сеедно, мора да сум искрена и да ви кажам дека многу ме оптеретуваа муабетите за дете. Не еднаш се прашав дали грешам и дали навистина се сите околу мене во право. Знаев дека исто како со мажачката, ќе одам против себе ако направам нешто на што не сум подготвена да го истерам. Но, околината знае да биде прилично напорна кога правите нешто што отстапува од вообичаеното. Тоа е исто како на времето со разводите. Ако се разведеш, веднаш си анатемисана и оквалификувана како распуштеница. Работава, трпи ако не си среќна оти брука е да си сама или да не сакаш брак и дете.

Среќата нема дефиниција, барем не општа. Не, не мора да мислите оти среќа е равенство на имање брак, дете, партнер. И не, не треба да се чувствувате лошо или да мислите дека нешто не е во ред со вас ако не сте среќни дури и да го имате сето тоа. Имате потполно право да барате да сте задоволни на начин кој вам ќе ви чини и ќе ви биде убаво.

Да се биде среќен е нешто што треба секој од нас да си го заработи, исто како и платата на работа. Од мали не’ учат на некои стандарди кои би било супер да важат за сите, ама ако бевме сите клонирани. Имав другарка која беше среќно мажена (и се’ уште е) и која обожуваше деца. Шокот за неа беше дека откако и’ се роди детето кое го посакуваше најмногу на светот, ја фати постпородилна депресија. Чувството на малодушност, неможноста да се поврзе со детето, башка имаше проблем со градите и не можеше да дои, беа нешто што не го сонуваше ниту во најголемите кошмари. Пеколниот период ја држеше повеќе од половина година и со голема поддршка од сопругот и помош од психијатар, успеа да ја надмине депресијата. За тоа време не комуницираше со никого и среќа беше што нејзиниот партнер/сопругот имаше не само разбирање, туку и не дозволи блиските да ја напнуваат со муабети дека треба вака или онака. Има правило дека она што не си го доживеал на своја кожа, не смееш да го коментираш или да делиш ум околу тоа (во превод, не ги носиш чевлите на другиот).

Колку жени знаете кои не сакаат да се мажат, кои не сакаат деца или кои сакаат деца ама не сакаат брак или партнер? Јас многу. И колку и да е секоја од нив приказна за себе, заедничко им е што често пати немаат разбирање од најблиските, а да не зборувам за остатокот од луѓето. Имајќи го во себе синдромот на “дежурни полицајци за морал и етика”, воопшто не им го олеснуваме животот на тие жени. И не мора којзнае што да правиме, доволно е само да не мудруваме и да не лепиме етикети. Кога ќе слушнам дека жена не е жена ако не се реализира како сопруга и мајка, ми се крева косата на глава. По кој критериум е тоа? На крајот од денот, ако веќе зборуваме за среќа, кои сме ние да ја вкалапуваме? Не е ли почесно да немаат брак и деца, ако знаат дека нема да се среќни или ако се убедени дека нема да се вложат како сопруги и мајки? Ама не, мора да им се загорчи животот со приказните дека “нема да знаеш што е љубов додека не родиш”.

Се помирив со тоа дека сум интровертна и дека ми е убаво сама. Можеби не ми е идеално, но тоа е она што го сакам. Да ја прашате мајка ми, како и секоја мајка ќе ви каже дека таа ќе е спокојна и најсреќна ако сум јас со партнер за да не бидам сама. Но, двете сме свесни дека тоа ќе ја направи нејзе среќна, додека за мене е веќе дискутабилно. Среќа е што и мајка ми знае дека не е поентата да биде таа среќна со мојот живот, туку јас. Истото важи и за Нина, на која стално и’ велам дека е најважно таа да е среќна со своите одлуки без оглед дали ќе мисли оти тоа мене ќе ме усреќи или не. На секое нејзино прашање дали сум јас среќна кога нешто ќе направи, и’ одговарам со прашање “дали си ти среќна?”. Впрочем, ако се научи дека треба мене да ме усреќува не гледајќи се себе, ќе го тера тоа и со другите. А првиот чекор кон унесреќување себе е безглавото итање да ги усреќите другите, не водејќи сметка за своите желби.

Да си го слушате срцето и да ви е душата спокојна, без оглед што велат или мислат другите. Да си ја најдете својата лична формула за среќа, оти само во математиката важи правилото оти 2+2=4. Во животот, таквата математика можеби и ќе функционира одредено време, зависно од тоа колку сте моќни да се залажете себеси, ама епилогот е секогаш ист. И да не се чувствувате виновни пред никого ако одберете свој пат, оти имате право да бидете свои, што и да значи тоа. За себе, своите постапки и личната среќа одговорни сте само пред себе и пред никој друг.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Кој ли те толку среќно несреќна прави
Та очите ти светат ко ѕвезди во нив да збираш
А под нив темни кругови ко небо во квечерина
Кој ли те пиле со љубов и нељубов храни
Та од една страна душата ти пее ко биљбиљ
А од друга страна молк ти се всадил во срцето
Кој ли те пои со нектар и отров од иста чаша
Та со секоја голтка или расцветуваш
Или околу усните побелуваш
Пиле
Кој умот ти го мати
И мирно да спиеш не ти дава
Та личиш ко со чекорот две педи над земја да си
Ама никако да летниш
Ко синџири од тага удолу да те влечат
Како во жива песок да си
И колку повеќе преташ
Толку побрзо тонеш
Чупе убо
Кој ли те така совршено унесреќува
Та ниту за да останиш до него си
Ама ниту ти се дава да заминиш
И се смееш со тага во очите
Разговараш со молк во душата
Пееш со пелин во грлото
Ах бе душо
Оттаму кај шо си кинисала тешко назад се враќа
Таму луѓето ко свеќи се топат
Снагата им се тенчи
А пусто убај се!
Еве чудо да видиш
Се’ поубај и поубај стануваат
Ко сопствената одлука да се уништат
Некоја убост им дава
И како да ти речам оти таму сум била
И дека ништо арно не сум видела
Дека патот за назад е потежок од оној за таму
И дека не
Не се останува некаде оти си вљубена во љубовта
И не
Не се останува со чоек шо не знај како да те љуби
Оти налет љубовта ако не знај како
Ами секој од нас ист не е
Ако не знај како да те љуби за убо да ти е
За умот и срцето мирни да ти се
Бегај пиле
Оти таму сум била
И освен црни сенки кои од срцето ти грабаат, друго нема
Крени ја глата угоре
Симни ја тагата удолу
Пушти му ја раката 
Оти твојата за во неговата не е
И замини
Дур можиш
Дур уште се крепиш
Подалеку од чоек кој наместо неесовршено да те сака
Совршено несреќна ќе те прави
Пиле мое
Кој ли те само љуби така што бол ти носи
А ти ко млада вдојца со поглед кроток
Вечераш од болката без збор да речиш
И пиеш горчини демек од љубов
Кој ли те така во ликот смени
Та и мајка не те препознава
А и ти ко се гледаш ко странец да пулиш
Пиле кротко
Пиле мило
Кој ли на срце со железни стапала ти стапнал
И кој ли на рацете наместо прстени окови ти реди
Пиле мое
За кого ли венееш 
Наместо надвор пролетта да ја мирисаш?