Сите сме исти, а кога велам исти мислам на тоа по што
боледуваме и што сакаме. Сите низ животот истото го бараме, а тоа е почит,
љубов и својата сродна душа во облик на пријатели и партнер. Задоени од мали
нозе со тоа дека треба да си најдеме “прилика” која ќе ни овозможи среден живот, забораваме
дека животот не може никој да ни го среди, ако сами не се потрудиме за тоа.
Приликите кои според околината се достојни за нас, обично немаат врска со тоа
што ни треба за да бидеме среќни. Оти теоријата и праксата се најчесто премногу
различни. Теоретски, сите сонуваме за лагоден живот кој ќе ни донесе леснотија
во финансискиот дел, демек парите ќе ни ги решат сите проблеми со кои се
соочуваме. Вака обично им се зборува на женските деца, па после се чудиме зошто
жените имале подредена улога во општеството. Како женско дете, плус и едно
дете, татко ми од мала ме учеше дека она што го сакам треба сама да научам да
си го обезбедам. Дека школувањето и надградувањето се исклучиво моја обврска и
одговорност ако сакам да имам исполнет живот. Дека нема ништо поубаво од тоа да
можам сама да заработувам и да си приуштам задоволства, а не да барам од
партнерот џепарлак, небаре сум тинејџер и на 30+ години.
Е да, тоа е потешкиот начин оти јас не вложував во својот изглед, туку во умот. Капа симнувам на жените кои научија да си го користат умот и своите две раце за да бидат независни, без разлика дали се со партнер или не. И во сето тоа, прекрасно е кога ќе успееме да ја најдеме својата сродна душа, но само како надополнување на внатрешната потреба за партнер кој ќе ни го доразубави животот. Што и не мора да се случи, нели? Многу е тажно што мерилото за вредноста на жената е во голем дел и во тоа дали е мажена и има деца. Клучното е дека една жена вреди онолку колку што таа ќе се избори за себе. Мажот и децата се определба, а не императив за нашата вредност. Впрочем, не е секој кадарен да се снајде во брачна заедница или да има деца оти тоа така треба. Предрасудите од типот дека “жена која не родила и не е мајка” е промашена жена ме згрозуваат. Децата не се диплома, ниту парче накит кој треба да го покажуваме околу. Не секоја жена сонува за топол дом со чопор деца кои трчкаат наоколу, а тоа кај нас е еден од смртните гревови. Тие притисоци и осуди одат дотаму што многу жени и парови се одлучуваат на деца затоа што околината станува неподнослива со прашањата “кога дете?!”. Па како да ви кажам, ако не им се сака, никогаш!
Во зградата каде што живеат моите родители, како дете имав прилика да гледам еден прекрасен брачен пар кој од само на нив познати причини, никогаш немаа деца. Ама се имаа еден со друг и до своја длабока старост тврдам дека таква љубов, каква што гледав кај нив, ја има многу ретко. Никој од зградата не се прашуваше зошто немаа дете, никој не ни стасуваше да помисли на тоа, оти нивната појава беше појава на две души кои функционираа како една, едно срце во две тела. И беа посреќни, отколку многумина кои по сите наши непишани правила беа наводно совршени семејства. Децата не се ордени со кои се закитуваме, туку треба да се желба и плод на љубов. Децата не се последната можност да ги оствариме нашите промашени амбиции, туку индивидуи според кои треба ние да се брусиме, а не тие кон нас. Од наметнатите клишеа според кои се очекува од сите нас да го живееме животот, многумина се промашиле со својата сродна душа. А тврдам дека човек може да има прилично промашен и тежок живот ако живее по теркот на другите. Пронаоѓањето на сродната душа е еден неверојатен подвиг кој ретко кој ја имал таа привилегија да ја доживее. Со вистинските луѓе околу себе, човек процветува. Тука не мислам само на партнер, туку и на блиски пријатели. Да се пронајде човек со човек во ова лошо време за живеење е благослов. Затоа има многу лажни пријателства кои се базираат само на корист или тука сум кога ми требаш, а не и обратно. Моите неколкумина пријатели знаат дека покрај нив сум не само кога е убаво, туку и кога работите се изместени и тешки. Сеедно е дали ќе е тоа муабет или едноставно молчење, најважно ми е да знаат дека сум тука со цела јас. Чувството на спокој и сигурност дека во ниту една животна ситуација нема да бидете напуштени од пријателите е бесценето. Но, денес дури и пријателствата се базираат на одредена корист. Најважно е тој или таа да се некој и нешто во одредени кругови. Блуеници. На една рака можам да ги пребројам луѓето кои можам да ги наречам сродни, ама сродни од секој можен аспект. Некои од нив се тотални анонимуси, некои познати, ама за мене се сите луѓе без кои не можам да го замислам животот. Тоа се оние кои знаат како патам, какви болки и радости имам, какви недоумици ме мачат.
Истото е и во љубовта. Вистинскиот партнер не е оној со кој кога ќе застанете пред огледало ќе се восхитувате колку сте лични еден до друг, или дека се облекувате слично, па изгледате складно. Партнерот може да ви биде на изглед и принц од бајките, ама вие во себе да си го носите товарот на незадоволството. А може и да е сосем неугледен, ама со него да ја имате сета среќа на овој свет. Кога ќе ме прашаат како ја замислувам мојата сродна душа со која ќе сакам да го минам животот (ќе речев да остарам, па ми текна оти не сум баш во цветот на младоста!), најмалку размислувам за неговиот физички изглед. Сеедно ми е дали ќе има коса до раменици, или ќе е ќелав, дали имал тетоважи или ќе е костумосан, дали очите би му биле зелени, сини или црни. Мојата сродна душа треба прво да има душа широка ко небо, да е без предрасуди и да може и знае да ме прифати таква каква што сум. Навидум едноставно, ама ич не е така. Сродноста за мене е во безусловноста да се каже овој е мојот човек и со сите мани и доблести, го љубам до небо. Човек со кој ќе сакам не само да легнувам и да се будам, туку и да функционирам во текот на денот. Некој кој ќе ја љуби мојата несовршеност со истата жар и страст како што ќе ми ја љуби и едноставноста дека баш ме заболе каква физичка појава ќе имам. Некој кој ќе ми ја сака староста на телото, исто како што ќе ми ја љуби младоста на духот.
Барајте си ги сродните души, не е дека ги нема или дека е тоа само мит. Постојат, знам дека постојат, сум видела примери и таа слика на складност која свети ми е врежана во умот. Не се летајте по луѓе кои се слаткоречиви или само убави, не се летајте по оние кои се расфрлаат со моќ. Чувајте ги оние кои во вас ќе будат мир, топлина и страст. Чувајте ги оние кои нема да ја здувнат кога работите ќе бидат тешки или ќе имате проблеми. Чувајте ги оние за кои внатре во вас ќе знаете оти и на старост ќе ви ја бараат раката за да ви ја бакнат и да ја стиснат во својата.
Да сте ми живи и здрави...љубете со сето срце, без страв и без срам.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Велат
Уште при раѓање
Душата чоечка се дели на две
Та затоа рожбите со плач заживуваат
Оти едната полојна кај еден оди
Другата кај некој друг се вгнездува
И секој од нас сиот живот
Си ја бара својата поделена душа
Без која цел не е
Ама ете живее
Диши и се смее
Иако внатре во него
Срцето изгубеното си го повикува
Та сиот чоечки век
Чоек со чоек се бара
За да можи едно да се стори
А тогаш
Ех, тогаш живеачката друга е
И рози цутат во умот
Ликот се менува и болскоти
Небаре ѕвезди под кожа ни светат
И окото побистро станува
Сите нешта се појасни и поубај
Како кога оној што не гледа
Очила на себе ќе клај
И телото друг облик поприма
Чекорот е лесен и свој
А утобата полна љубовни сокови
Кога две души
Кои разделени од раѓање биле
Имале среќа да се сретнат
Та да се залепат една за друга
Тогаш и небото се расчистува
А облаците лековити дождови носат
Од кои земјата раѓа
И мириса на слобода
Туку тешко на оние
Чија сродна душа замината е
Или затскриена позади други ликови
Та сиот живот со сенката на другиот живеат
И знаат оти нешто недостасува
Оти и насмевката напола им е
И сенката како откината
Со рабови од кои и асфалтот напукнува
И таа болка која болка не е
Ами загуба која тлее и поболува
Низ животот нагризува и подјадува
Оти ништо поубаво нема
Кога од две души едно сонце изгрева
И месечина полна ко погача
И ништо пострашно нема
Кога душата ти пека
По нешто што знае дека нејзино е
Ама до себе го нема
Оти низ светов
Многу тажни половинки шетаат
Чија љубов никогаш доволна не е
Како онаа во која чоек своето огледало ќе го најди
Кое е некогаш чисто
Некогаш матно
Ама секогаш тука