Сржта на националниот идентитет и неговото губење се создава или не, во најмалата возраст: Сашо Ливрински за случајот „Жена од султана“

Звуците на српската турбо -фолк песна „Жена од султана“ се слушаа од една детска детска градинка. Овој факт предизвика негативни реакции и полемика во јавноста, бидејќи станува збор за  нумера која не само музички туку и текстуално  не прилега на возраста на децата. Од градинката појаснија дека во нивната рекреативна игра „ Желботека“ децата сами бирале на која песна ќе пеат и танцуваат. 

Сашо Ливрински, музичар, автор и музички педагог вели дека единствено објаснување за оваа случка наоѓа, пред се кај родителите кои му создале погрешен вкус на детето.

-Втората причина ја наоѓам кај наставниот кадар од градинката, кој за волја на вистината и нема национална програма по предметот Музичко образование. Сржта на националниот идентитет и неговото губење се создава или не се создава во најмалата возраст – посочува Ливрински.
Музичкото образование им носи на децата голема корист , без разлика дали се тие талентирани или не. Истражувањата покажале дека познавањето на нотите може да им помогне на најмладите да напредуваат интелектуално.

-Психологијата покажала дека не само познавањето на нотите, туку и било какво свирење на музички инструмент од сите дејства единствено го активира мозокот 100%. Сметам дека една од реформите во образованието која би ја вовел е задолжително свирење на еден музички инструмент – дополнува авторот. Деведесеттите беа години на вознес на македонизмот, поттикнат од независноста на државата. Главен сегмент на тој вознес беше музиката и таа се сакаше безусловно.

-Тоа се должи на моментот кога безусловното сакање на своето, преминува во длабок субјективизам. Објективното сакање на своето подразбира негово создавање со екстремно висок квалитет. Коњот инвалид во трката може да го сакаш до бескрај затоа што е твој, но тој нема да победи. Екстремниот квалитет е реално достижен единствено со задоволување на синтагмата „секој човек на вистинското место и во вистинско време-вели тој.

Музиката е дел од идентитетот, а тој се чува и со национална стратегија.

-Потребно е под итно создавање на национална стратегија во која првенствено ќе влезе фолклорот како задолжителен предмет. Енормно зголемување на домашната музика во домашниот етер и поттикнување на производство на домашни образовни, едукативни и музички програми – нагласува Ливрински .

С.А.Н

Фото: Фб