Стил профил со Јана Бурческа: Се случувало да бидам осудувана за комбинации во кои сум била целосно своја

Добивај вести на Viber

Фото: Сашо Доковски

Приоритет ѝ е да се чувствува природно и комотно, воопшто не сака да експериментира кога е во прашање косата, а идеалната модна комбинација за неа е спој кој денски може да се носи со мартинчи, а навечер со високи потпетици

Познатата пејачката и водителка Јана Бурческа специјално за „Женски магазин“ открива дел од својот гардеробер.


Кои се нејзините омилени парчиња облека и што за неа значи стилот, откријте во продолжение.

* Дефиниција за стил.

-  Естетски приказ на прифаќањето на својата автентичност.

*  А, Вие стилски се дефинирате како...

-  Своја во своето време.

*  Што е пресудно за добар стил?

-  Стилот е субјективна категорија, но сепак сметам дека доаѓа до израз кога модните парчиња се усогласени со духот и темпераментот на оној кој ги носи.

Комбинирате елегантно со спортско или сте камелеон во облекувањето?

-  Во секојдневието многу се радувам кога ќе успеам да спојам елегантно со спортско и тоа изгледа убаво, а кога станува збор за настани се трудам да сум камелеон односно во свој стил да се адаптирам на пригодата.

* Минимализам, хедонизам, авангарда?

-  Минимализам со авангарда. 

Гламур или класика?

-  К л а с и к а.

* Омилени нешта од Вашата облека?

-  Црни ролки, бели џемпери и еднобојни кроп-топс. 

* Дали практикувате брендирана облека или не Ви е пресудна етикетата?

-  Брендовите не ми се важни, сè додека гледам дел од себе во парчето облека. На оваа тема би додала дека секогаш избирам да поддржам македонски бренд/дизајнер наспроти „светските, познати брендови“. Така, во мојот гардеробер покрај „нормалните парчиња“,  имам облека од Митко Занов, Ателје Персемпре, Антонија Ристовска, Terziya, Ирина Тошева, Стефанија Насеска, Pinc…

*  Што сакате да постигнете со Вашиот стил?

-  Најискрено, приоритет ми е да се чуствувам комотно и природно. Се трудам да оставам впечаток со по некој детал, иако сликата е најчесто едноставна, еднобојна и  чиста.

* Дали ако сте автентична, тоа значи и осудување од нашава средина?

-  Доколку сме вистински автентични, не би се грижеле за тоа што ќе кажат другите – ова го кажувам само теоретски, бидејќи иако целам кон истото, сепак не сум целосно таму. Да, се случувало да бидам осудувана за комбинации во кои сум била целосно своја.

* На кој дизајнер би му дозволиле да Ви го преуреди гардероберот?

-  Во овој контекст повторно би издвоила македонски дизајнер, прво, затоа што е пореално сценарио, а второ затоа што силно верувам во неговиот потенцијал и работа – Митко Занов. Ќе се согласите дека неодамна сите не остави без зборови со последната колекција „Nocturnal“. 

* Што облекувате денски, а што навечер?

-  За мене идеалната комбинација преку ден изгледа супер во мартинки, а се трансформира во вечерна комбинација со промена на обувките – во штикли. 

Фото: Сашо Доковски

* Дали експериментирате со косата и шминката?

-  Кога станува збор за косата – прездодевна сум. За прв пат на 27 години ја скратив должината, на 28 години за прв (и последен) пат направив прамени, а годинава на 29 прв пат направив „curtain bangs“, доволно куси да се гледа дека се шишки и доволно долги да не се познаваат.  Дефинитивно повеќе експериментирам со шминката, но не сама, туку во соработка со професионалнци како што е мојата омилена Ивана Деловска.

Ваши трикови за брз, но ефектен изглед?

- Дотерајте се како сакате, по свои правила, слушнете ја омилената песна и освојте го светот со насмевка. 


*Д.Караташова Илиоска