Стопанска комора во работна посета на Млекара АД Битола

Добивај вести на Viber

Ѓорѓи Петрушев и Бранко Азески со заеднички став за унапредување на соработката и агрокомплексот

Денес, претставници на Стопанската комора на Македонија, како и Претседателот на Комората, г. Бранко Азески, беа во работна посета на еден од најголемите млекопроизводители во земјата, Млекара АД Битола.

Предмет на посетата, меѓу другото, беше и изнаоѓањето начини за унапредување на соработката помеѓу Млекара Битола и Стопанската комора, преку кои двете страни се надеваат дека ќе се унапреди и севкупното земјоделство, како и млечниот пазар во земјата.

Како активен член во Стопанската комора од самото постоење на млекарницата и со свои претставници во нејзините највисоки органи и тела, Бимилк континуирано ги застапува интересите за развој на севкупната млечна индустрија, со голем број иницијативи за нови политики. Истовремено, Бимилк е и претседавач на Групацијата на производство, откуп и преработка на млеко во рамките на Комората, каде што членуваат повеќе правни лица чија основна дејност е откуп, производство и пласман на млеко и млечни производи.

За време на посетата, изјави за медиумите дадоа г. Ѓорѓи Петрушев, генерален директор на Бимилк, како и Претседателот на Комората, г. Бранко Азески, кои имаа заеднички став и истакнаа дека е неопходно спроведување повеќе иницијативи, со цел унапредување на индустријата за млеко и млечни производи како еден од најважните сегменти од агроиндустрискиот комплекс.

„Како претседавач на Групацијата, Бимилк дава значаен придонес во креирањето предлози за политиките во агрокомплексот. Радува фактот што преку Комората успеваме да ги артикулираме нашите иницијативи, а и натаму ќе дејствуваме во насока на зголемување на интензитетот на работење на Групацијата. Меѓу другото, еден од начините за унапредување на нашата соработка се и иницијативите за партнерства со трети страни со цел унапредување на земјоделството, но и предложување нови политики што ќе придонесат за зголемување на сточниот фонд, преработувачките капацитети и, секако, за отворање нови можности“, изјави Ѓорѓи Петрушев, генерален директор на Бимилк.

„Една од темите на нашиот разговор се и многубројните предизвици со кои се соочува млечниот пазар, меѓутоа убеден сум дека со помош на иницијативите на Бимилк и на Групацијата ќе успееме заедно да се избориме со неповолните состојби во млекопроизводството. Големите производни потенцијали на Млекара Битола, добриот имиџ и изградената доверба кај македонските потрошувачи се и повеќе од доволен показател за способноста на компанијата да се носи со предизвиците“, изјави Бранко Азески, Претседател на Стопанската комора на Македонија.

Инаку, како дел од можностите за унапредување на соработката беа истакнати и континуираните заеднички заложби за застапување на интересите на пазарот пред надлежните институции и органи, отворањето соработка со трети страни и сродни компании од земјата и регионот, иницијативите за заедничка набавка на суровини и репроматеријали за процесот на производство, приспособувањето кон регулативите на ЕУ итн.