Свадбата на сестра ми се одложи поради смртта на вујко ми: Интервју со Огнен Здравковски
Музиката е неговата најголема љубов, потекнува од музичко семејство, и се има испробано во повеќе музички правци. Од класична музика која ја пее како вработен во хорот на Операта, до старите македонски народни песни и песните кои ги создал неговиот дедо Наско Џорлев, преку учеството во „Ѕвездите на Гранд“. Огнен Здравковски деновиве ја промовираше новата песна „Душа“, а и самиот неколку пати има кажано дека неговата душа е на половина откако го загуби својот вујко, маестро Зоран Џорлев. Огнен искрено раскажува за својот живот, љубовта и своите неостварени соништа во кои силно верува.
* Со новата песна, „Душа“, најавуваш поголема присутност на српскиот музички пазар, работиш со познати музичари, раскажи ни детали за екипата соработници.
- Оваа песна решив да ја изработам во Белград со српски тим. Композиторот на песната е Сашко Николиќ, а текстот го напиша Мира Мијатовиќ. Инаку со Сашко ме спои мојата менторка од „Ѕвездите на Гранд“, Марија Шерифовиќ, тој е композитор и на нејзините песни.
* Какви спомени носиш од натпреварот „Ѕвездите на Гранд",мислиш ли дека можеше да постигнеш повеќе?
- Тоа е нешто кое ќе го паметам цел мој живот.. Прекрасно искуство и прекрасни спомени! Па, искрено секогаш може подобро и повеќе, но и до таму каде што стигнав за мене беше преголем успех.
* Ти пречеше ли пеењето во „Гранд" во твојата редовна работа во Операта, имаше ли можеби негативни коментари?
- Искрено не ми пречеше. Гледав да си ги распоредам обврските за да можам да постигнам и во Операта и таму во Белград, а за негативни коментари имаше малку, но тоа е нормално, секогаш ќе ги има, тоа не ме разочарува.
* Искрено зборуваш за загубата на вујко ти маестро Зоран Џорлев, која е најважната животна лекција која ја научи од него?
- Да работам многу, да се вложувам максимално во својата кариера, да останам скромен и да бидам секогаш свој..
* Твојата мајка беше многу поврзана со својот брат, како е таа сега?
- Добра е.. Загубата на вујко ми ја погоди премногу, но животот оди понатаму, мора да се држи, а вујко ми ќе живее вечно со нас и во нас!
* Свадбата на твојата сестра Оле која сега која е исто така виолинист беше закажана пред загубата на вујко ти. Дали ја одложивте оваа семејна веселба?
- Свадбата се одложи за сега во септември. Нема да правиме голема свадба.. Ќе направиме прослава со најблиските луѓе.. и уште сега можам да кажам дека ќе ни биде тешко на цела фамилија.
* За твојот љубовен живот малку се знае, те поврзуваа со Лина Пејовска, која е вистината, дали си вљубен и емотивно исполнет?
- Ха ха ха.. сите медиуми и новинари па и многу останати луѓе мислат дека сме во врска, и се зборуваше и се пишуваше за тоа. Јас и Лина сме блиски другари, колеги и соработници, нема ништо повеќе од тоа. Секој од нас е вљубен.. Сега засега прва љубов ми е пеењето и со тоа сум најисполнет..
* Близок пријател си со Александар Тарабунов и со уште неколку пејачи од домашната естрада, ќе ни раскажеш ли некоја ваша интересна анегдота?
- Со Тара сме ептен блиски пријатели. Се дружиме и приватно, а и заедно работиме во Македонската опера и балет. Интересни анегдоти имаме премногу, можам да кажам дека со него и секој ден ни се случува нешто интересно. Ете ,ќе го спомнам пак вујко ми, една вечер седевме кај мене со Тара, ми беше дојден на гости во двор и вујко ми не виде, дојде седна со нас и земавме гитара, пеевме свиревме и си поминавме најубаво.. И Тара баш пред некое време ми спомна за оваа случка дека тоа ни oстана прекрасен спомен со него, што ќе го памтиме цел живот.
* Кој ти е неостварен музички сон, и во поп и во класичната музика?
- За поп музиката неостварен сон ми е да направам балканска кариера, барем половина од што ја имаше направено Тоше… а за класичната сакам понатака, да имам еден свој соло концерт со оперски арии.
Милица Џаровска
Фото: Приватна архива