ТАА Е...Јасна Петков-Стојановиќ: “Жената е носител на животот кој раѓа живот!”

Добивај вести на Viber

Секоја жена во себе си носи убост. Никогаш не сум прифаќала дека има грди жени, туку секогаш велам дека има грди луѓе. Но, вистински благослов е да сте опкружени со жени кои не само што се убави однадвор, туку чија надворешна убавина е токму израз на она што го поседуваат однатре. Јасна не ја познавав лично, иако низ муабетот со неа имав впечаток како да е ова само продолжение на некој наш поранешен разговор. Топла, своја, сигурна и силна, на моменти прозвучува како да има во себе неколку животи збрано, за наеднаш да го видите детето во неа, со распуштена и немирна коса низ која само поминува со прстите.

Уште на прв поглед ќе останете фасцинирани од нејзините благо искосени очи полни животно искуство и мудрост. Потоа ќе ве плени насмевката која не ја штеди и од која целиот лик и’ блеснува, небаре во близина има рефлектори вперени директно во неа. И кога си велите “океј, дал Бог (Универзумот) се’”, ви следи уште поголемо изненадување. Таа е полна луцидност, хумор, зборува како да ви раскажува некој свој дамнешен сон, присутна со секој дел од себе во моментот кој го споделува со вас.

Истовремено е жена која со цврста рака го води својот бренд за кој имам напишано две колумни, а се’ со цел да ја разбиеме предрасудата за гласното говорење за менструацијата, но во неа ја има и онаа уметничка нишка која ја тера да ги става своите мисли на хартија.

И да не должам, бидејќи не знам ни дали ќе успеам достојно да ви ја претставам оваа жена-змеј-дете-заводничка преку зборување за неа. Која е Јасна, прочитајте сами.

Ladies and gentlemen, Јасна Петков-Стојановиќ!

ПО ПОТЕКЛО СИ ОД БЕЛГРАД. КАКО И КОГА ЗАВРШИ ВО МАКЕДОНИЈА?

Роденa сум во Белград, но потеклото ми е македонско. Секогаш кога сакав добра забава доаѓав во Скопје и бев топло и срдечно пречекувана од своите драгироднини и пријатели. Причината поради која завршив во Македонија беше љубовта, се омажив и немав проблем да се преселам, бидејќи за Скопје секогаш ме врзуваа само убави спомени. Моето доаѓање во Скопје беше во 1999 година, на петтиот ден по страшното  бомбардирање на Белград. Тоа беше најтешката одлука во мојот живот досега!

КОЛКУ ЧЕСТО ОДИШ ВО БЕЛГРАД? ШТО Е ОНА ШТО ТЕ ВРАЌА ТАМУ И АКО ТРЕБА ДА НАПРАВИШ ЛИСТА НА “ЗА” И “ПРОТИВ” ЖИВОТОТ ТАМУ ИЛИ ВО СКОПЈЕ КАКО БИ ИЗГЛЕДАЛА?

Во првите години од кога се преселив во Скопје, имав поголема потреба да го посетувам Белград и затоа создадов амбиент во кој го споив убавото со корисното и започнав деловна соработка со една белградска текстилна индустрија чии претставници бевме ние. Сега, по 24 години живот во Скопје во Белград ме враѓаат другарките со кои сме неразделни повеќе од 30 години, а со оглед на тоа дека сите сме расеани по светот (едната во Грција, другата во Белград, третата во Германија, а јас во Македонија), се споивме со кумство и кога ќе дојде момент да сме заедно во Белград, на среќата, евоцирањето спомени и новите лудории им нема крај. Едно морам да признаам, без да изгледа дека ќе генерализирам, белграѓани се неоптоварени со туѓи животи, слободоумни се, не судат, туку максимално си го живеат животот, не обрнувајќи внимание дали некој мисли да ли тие го живеат правилно или не. Белград има широчина и понуда во која можете безрезервно да ги живеете вашите предиспозиции и потреби. И уште нешто, во Белград кога сакате да опишете храбар човек, велите дека има срце, што ја опишува генезата на еден народ. Од друга страна, за Скопје ме врзуваат корените кои ги пуштив тука, иако и моето потекло е македонско, односно јас сум Македонка. Ме врзува и семејството, прекрасните пријатели, родители и брат ми кои од Белград ги преселив во Скопје и едно животно искуство што ми го даде оваа земја. Кога велам искуство, не мислам само позитивно, туку и негативно, но секако богато. За и против Белград vs Скопје, верувајте, би можела да напишам уште многу, но бидејќи просторот не ми дозволува, морам да изберам само неколку факти за или против Белград vs Скопје. Белград е мојата вечна дестинација каде што се чувствувам исполнета, слободна, искрена, мој вистински пријател и учител како да израснам во бестрашна жена која знае што сака во животот и дека без разлика каде се наоѓам, животот може да ми го даде тоа само ако умеам да го барам за себе тоа што ми припаѓа.

Скопје и Македонија се мојот дом. За жал се прашувам дали ќе бидеме мудри, храбри и достоинствени да ги сочуваме. Претстојат големи предизвици пред нас Македонците. Не смееме да дозволиме да ни се отсечат корените и да исчезнеме од мапата на светот. Ние Мкадонците и нашата Македонија сме лулката на цивилизација, писменоста, археолошки дизниленд, етно музеј. Сето ова во мене развива уште посилен патриотизам, но потоа одеднаш се прашувам што направи оваа држава за својот народ и веднаш сфаќам дека почнувам да личам на патетичен демагог, но за жал вистината не ме боли само мене, туку убедена сум секого од нас вистинските Македонци.

ОСНОВАЧ СИ НА FIXIE PERIOD PANTIES, СПЕЦИЈАЛИЗИРАНИТЕ ГАЌИЧКИ ЗА МЕНСТРУАЦИЈА. ОД КАДЕ ИДЕЈАТА ЗА ДИЗАЈНИРАЊЕ ТОКМУ НА ВАКВИ ГАЌИЧКИ КОИ (ЗНАМ ОД ЛИЧНО ИСКУСТВО) СЕ ОД ГОЛЕМА ПОЛЗА ЗА ДЕВОЈКИТЕ/ЖЕНИТЕ КОГА СЕ ВО “ОНИЕ ДЕНОВИ”?

И додека го читам прашањето, омилен ми е делот каде што го опишувате вашето лично искуство додека користите FIXIE. Оваа иновација беше создадена исклучиво поради естетски момент, односно женската потреба да се чувствувам поубаво и поженствено. Имено, за време на менструалниот циклус секогаш користев хигиенски влошки. Без разлика какви гаќички ќе облечев кога ќе ја ставев влошката во нив и ќе ги залепев крилцата однадвор и ќе го погледнев своето меѓуножје, ми изгледаше во најмала рака невкусно, неестетски и да не кажам лошо. Имав потреба тие крилца да не се гледаат и идејата се роди. Џеб во кој се кријат крилцата и естетиката беше стопроцентно задоволена. Меѓутоа, тогаш сфатив уште еден поважен момент кој го решава проблемот на женскиот пол во текот на циклусот, а тоа е стравот од протекување на течноста за време на менструација поради недоволно фиксирање на влошката, а со тоа и чувството на непријатност. Во гаќичките FIXIE, кои го добиja името токму поради тој клучен момент, влошката е фиксирана за гаќите бидејќи нејзините крилца се вметнати во џебот на самите гаќички. Тие во голема мера им помагаат на спортистките, како и на младите девојки да се чувствуваат удобно уште при првите менструации, но одлични се за сите возрасти, бидејќи можат да ги користат и зрели дами кои имаат проблем со неконтролирани уринарни потреби. И најважно, FIXIE не се за една употреба, туку можете удобно да ги носите и кога немате циклус, бидејќи во основа се како и сите други гаќички, само имаат дополнителна вредност.

СОРАБОТУВАВМЕ ЗА РУШЕЊЕ НА ПРЕДРАСУДИТЕ ДА СЕ ГОВОРИ ГЛАСНО ЗА МЕНСТРУАЦИЈАТА (ЗА ЧИТАТЕЛИТЕ, ВО ПРИЛОГ СЕ ЛИНКОВИТЕ ДО ТЕКСТОВИТЕ). ШТО МИСЛИШ, ДАЛИ ПОЛЕКА СЕ НАДМИНУВА ОВАА ТАБУ ТЕМА КОЈА ЗА ЖАЛ СЕ’ УШТЕ Е ТЕМА ЗА КОЈА СЕ ШЕПОТИ, ОСОБЕНО ВО РУРАЛНИТЕ СРЕДИНИ?

Менструација vs цивилизација, светот и луѓето постојат поради менструацијата, да ја немавме немаше да постоиме. Природата така наредила. Сепак, ова е машки свет, сакале да признаеме или не и се додека го водат мажи, колку и да се трудиме да ги скршиме табуата околу неа, мислам дека нема да можеме целосно да ја искорениме оваа лоша навика на перцепција за менструацијата, особено во одредени заедници кои се обоени со верски и етнички култури. Во секој случај, современиот свет налага да се живее слободно и без предрасуди и табуа. Затоа, FIXIE ја продолжува својата борба за разбивање на табуата за менструацијата, зборувајќи гласно за неа и дека менструалната хигиена треба и мора да биде достапна и евтина за секоја жена на оваа планета, за да не се наруши нејзиното достоинство. Никогаш не сум била феминистка, но сметам дека потребите на жените за еднаквост меѓу половите не се правилно сфатени. Кога бараме еднаквост, не мислиме дека треба да креваме иста тежина како мажите во теретаните, туку дека машките мускули не треба да бидат главен адут за водење и освојување на светот, туку интелектуалниот, духовниот и суштинскиот на сите полиња на постоењето. Жена претседател наспроти маж претседател, верувам дека светот тогаш би бил многу поубаво место за живеење, без крвопролевања, војни, материјализам, потреба за моќ, преку владеење со бизнисот и политиката.

И за крај, иако можеби изгледам поекстремно со овој одговор, верувајте ми, причината е што кога ги прочитав податоците за менструалната сиромаштија која владее на глобално ниво и ја видов статистиката дека во руралните средини 75 до 95 проценти од девојчињата не одат во училиште за време на менструалниот циклус, бев ужасната од вистината. Би сакала сите светски богати компании за менструални производи да ја имаат истата мисија како нашата FIXIE.

ЗНАМ ДЕКА ИМА МНОГУ КОРИСНИЧКИ НА “МАГИЧНИТЕ ГАЌИЧКИ” КОИ ГИ ОЛЕСНУВААТ МЕНСТРУАЛНИТЕ ДЕНОВИ. ДАЛИ НА ПОВИДОК Е НЕШТО ДРУГО, СЕКАКО ВО ПОЛЗА НА ЖЕНСКАТА ПОПУЛАЦИЈА?

Секако, FIXIE ќе има нови модели, спортски, елегантни, секси, тинејџерски, а ќе добие и костим за капење како навистина извонредно решение за плажа.

ВАЖИШ ЗА ЖЕНА СО ИСКЛУЧИТЕЛНО ВЕДАР ДУХ, ШИРОКА НАСМЕВКА И СЕКОГАШ РАСПОЛОЖЕНА ЗА РАЗГОВОР. ТЕ КРАСИ ПРИРОДНА УБАВИНА КОЈА ИМА СТАВЕНО ЗНАК СТОП ПРЕД ЕСТЕТСКИТЕ КОРЕКЦИИ. ОНА ШТО ГО ЗАБЕЛЕЖАВ Е ДЕКА НЕ СЕ ОБИДУВАШ ДУРИ НИТУ ДА ГИ ПРИКРИЕШ БЕЛИТЕ ВЛАКНА ВО КОСАТА. ИМАЈЌИ ПРЕДВИД ДЕКА ОПШТЕСТВОТО ЗНАЕ ДА БИДЕ СУРОВО КОН ЖЕНИТЕ КОИ НЕ ГИ ИСПОЛНУВААТ СТАНДАРДИТЕ КОИ СЕ ОДНЕСУВААТ НА ТОА КАКО “ТРЕБА” ДА ИЗГЛЕДА ЕДНА ЖЕНА, ДАЛИ СЕ СУДИРАШ СО СУГЕСТИИ ИЛИ СОВЕТИ ЗА ТОА “БАРЕМ ДА СЕ ИСФАРБАШ”?

Ах, колку шармантно прашање, исто како моите шармантни седи влакна хахаха. Така е, понекогаш некои пријателки ме прашуваат зошто не ја фарбам косата, меѓутоа многу поголем е бројот на луѓе на кои, како и Вам, сум им интересна токму поради мојата неоптовареност со естетска хирургија и непотребата да ја фарбам косата. Јас 100 проценти не сум поддржувач на корекции на моето тело. Со текот на годините човекот созрева и ја стекнува својата надградена димензија, жаргонски кажано патина, и едноставно не можам да објаснам зошто, но токму вака се чувствувам најженствено и највистински Јас. Најголемиот предизвик што го краси човекот е неговата слобода, мислам дека естетските зафати и фарбањето на косата би ме заробиле и би морала да им слугувам, а има ли нешто поубаво, помагично од целосна слобода во која не си роб на ништо. Единствено што сметам дека е неопходно да се корегира е неправилно или лошо израснат некој дел од вашето тело, како што се носот, можеби и градите, ушите. Во тој случај дефинитивно е потребен хируршко естетски зафат. Ги подржувам новите трендови за женската убавина, се до моментот додека тоа не премине во вулгарност. Вулгарноста и женственоста се две спротиставени нешта кои ја карактеризираат жената. Не можам да ја разберам генезата на вулгарноста. Овој еуфоричен феномен, според мене, е доминација на материјализмот над духовноста во секоја смисла.

ОД КАДЕ ЈА ЦРПИШ ЕНЕРГИЈАТА КОЈА ТИ ИЗВИРА ОД СЕКОЈА ПОРА? ШТО Е ОНА ШТО ТИ ГИ ПОЛНИ БАТЕРИИТЕ ЗА ДА ИМАШ СИЛА И МОТИВ СЕКОЈ ДЕН ДА ТИ Е ИСПОЛНЕТ?

Прекрасно е чувството кога дознавате каков впечаток оставате на другите луѓе, особено ако е вака убав и позитивен. Тоа едноставно сум јас. Тоа е мојата личност и се што ми дала природата. Многупати чувствувам дека енергијата ми се акумулира и буквално тоа чувство ми е сосема природно. Се акумулирам сама, а црпам од се што ме инспирира, љубов, страст за убави нешта, ја црпам од моите хедонистички моменти, од моите мали бегства во мојот свет, од луѓе кои ме прават среќна поради нивната исполнетост во животот. Сепак, сите ние имаме свои музи кои уште повеќе не инспирираат и водат до врвот на нашата позитивна енергија што ја шириме. Не можам да замислам ден без да се смеам, и кога треба, а понекогаш дури и кога не треба. Не можам да замислам ден без позитивна енергија, па дури и кога сум тажна знам да кажам дека тоа е мој перформанс на уметноста во која ги создавам најубавите напишани дела.

АВТОР СИ НА ФБ СТРАНИЦАТА “Ne pipaj, intimno je”. ПОСЛЕДНО ШТО ИМАШ ОБЈАВЕНО НА ТАА СТРАНИЦА Е СЛЕДНОВО (МАЛ ИЗВАДОК):

Bespomoćan je pred njienim otkopčanim dugmetom...

Bespomoćan je pred njenim zakopčanim dugmetom.

Toliko iščekivanja pred jednim malim dugmetom...

Toliko tajni...

Toliko izazova…

Toliko maštanja…

Da li možete zamisliti o kom dugmetu je reč?

O dugmetu koje vam otkriva; njenu mekost i čvrstinu, nežnost i maznost,

toplinu oblina po kojoj su i univerzum i sunce i zemljina kugla dobili oblik.

Raskoš žene je u njenim zanosnim pokretima, blagim njišajima...

Raškoš žene je u njenim grudima!

ШТО ПРЕТСТАВУВА ЗА ТЕБЕ ОВАА СТРАНИЦА?

Ова место е местото на мојот ХЕДОНИЗАМ. Ритуалот е следниот: црвено вино, мојата фотелја во која пишувам, поглед на градот и тука е исткаен целиот универзум на моите размисли, потребата да оставам трага на ова човештво и неговата архива, но и да разбудам нови погледи и потреби кај луѓето кога животот носи предизвици пред нив. Дали е ова авангарда и ако е, тогаш јас сум многу среќна и горда.

КОЛКУ КНИГИ ИМАШ ИЗДАДЕНО, КАДЕ МОЖАТ ДА СЕ НАЈДАТ И ШТО Е ОНА ШТО ТИ Е “КЛИК” ЗА ДА ПИШУВАШ?

Досега имам објавено две книги во едицијата ИНТИМНИ ГРАФИТИ, првата со наслов „Ne pipaj intimno je“, а втората со наслов „39 priča poslednje prave princeze“. Завршена е и мојата трета книга, „7.000.000.000-ti pokušaj“, но не е објавена. Книгите може да се најдат и нарачаат преку мојата ФБ страница. Клик за пишување се моите музи. Сметам дека се наоѓаат секаде околу нас кои се препуштаме на уметноста и ја создаваме. Музите се во љубовта, животот, вселената, природата, а во мојот случај најчесто се во искуствата, понекогаш ми се случува својата напишана мудрост да ја проживеам дури откако сум ја напишала и се сеќавам на неа во моментите кога ја доживувам. Во училиште секогаш добивав награди на натпревари за литература, моите состави секогаш се читаа на разглас како најубави, но не бев свесна за мојата предиспозиција, а и моите родители не ја препознаваа за да ме упатат кон тој правец на образование. Ќе ви го раскажам моментот како почнав да пишувам и го имав првиот клик дека сега е вистинскиот момент за тоа. Отидов во кино со син ми еден ден во 2010 година. Гледавме анимиран филм за Александар Македонски. Во еден момент Филип, таткото на Александар, му рекол на синот, НАЈМОЌЕН Е ОНОЈ КОЈ ПРОСТУВА. Во тој момент ми се случија низа сопствени реченици кои сакам да ги нарекувам мудрости и едвај чекав да стигнам дома за да ги запишам, бидејќи не сакав да ги заборавам. Од тој момент не престанав да пишувам. Секако, сфатив и во која форма сакам да пишувам најмногу. Денес имам напишано преку три илјади мудрости, а пишувам и раскази, поезија, додека мојата трета книга е една целина. Рецензент на моите дела е Ферид Мухиќ.

ВЕЛИШ “КОГА НАСТАПУВА ЖЕНАТА, НАСТАПУВА СПЕКТАКЛ” (ТУКА ИМАВ ДИЛЕМА ДАЛИ Е ПОДОБРО ДА ГО ПРЕВЕДАМ “КОГА СЕ СЛУЧУВА ЖЕНА, СЕ СЛУЧУВА СПЕКТАКЛ”). ШТО ЗА ТЕБЕ ПРЕТСТАВУВА ПОИМОТ ЖЕНА?

Токму таа комбинација што ја наведовме двете, односно одлично се надополнивме. Жената настапува, се случува и вие доживувате и живеете спектакл. Жената е олицетворение на нежност и цврстина во исто време. Жената е носител на животот кој раѓа живот, зарем тоа не е спектакуларно? Природата со жената го направи светот поисполнет со љубов, грижа, естетика, потреба за убавина околу себе, уредност, сјај и се што може да го направи светот поубаво место за живеење. Во историјата на човештвото без жените не би постоеле спектаклите.

ИСТО ТАКА, НА ЕДНО МЕСТО КАЈ ТЕБЕ НА ФБ ПРОЧИТАВ “АКО НЕКОМУ НЕ ПРОСТУВАТЕ, СЕТЕТЕ СЕ ДЕКА НЕ СИ ПРОСТУВАТЕ НИ СЕБЕ”. МИСЛИШ ДЕКА ЖИВЕЕМЕ ВО ВРЕМЕ КОГА ЛУЃЕТО ЗНААТ ДА ПРОСТАТ ИЛИ ЗЛОПАМТЕЊЕТО Е ПОВЕЌЕ ЗАСТАПЕНО?

Светот во кој живееме сепак е разновиден. Сметам дека самите ги одредуваме нашите патишта по кои ќе се среќаваме со луѓе кои се склони да простуваат или со оние кои се одмаздољубиви. Отсекогаш сум сакала да кажам дека кога не го знаеш одговорот на нешто за себе, врати се во детството и ќе го најдеш. Со ова сакам да кажам дека нашите потреби се раѓале и се развивале со нашето домашно воспитување и на тој начин во животот сме избирале со кои луѓе ќе бидеме опкружени. Светот во кој моментално живееме не е светот што го бирам да биде нашиот пат кон понатамошното човештво, бидејќи е исполнет со војни, материјализам, моќни политики, глобализација. Новиот светски поредок мора да ја врати духовноста на луѓето и вистинските вредности на живеење. И во Библијата проштевањето е запишано како свет момент кои треба да се практикува на денот кои се вика Прочка. Одмаздата е нема во вечните книги.

КАКО БИ СЕ ОПИШАЛА СЕБЕ ПРЕКУ ПЕСНА ИЛИ ОМИЛЕН СТИХ?

ЖЕНАТА

Само жената му дава

димензија на животот,

со својата мекота и цврстина,

со својата мазност,

со својот свилен допир,

пофин од допирот на нејзината свилена облека со своите брановити движења,

да си помисли човекот

дека е исполнeт со смисла

и дека се гушка со бескрајот…

Блаже Конески

КОГА СИ ПЛАЧЕЛА ПОСЛЕДЕН ПАТ И ЗОШТО? ВЕРУВАШ ЛИ ВО ТОА ДЕКА ПРЕКУ СОЛЗИТЕ СЕ ИЗМИВА ДУШАТА?

Последен пат плачев пред две ноќи поради недоразбирање со една од најмилите личности во мојот живот.

HRABRO UPLAKANA

Da li je suza odraz slabosti ili odraz hrabrosti?

Da li bi ste je mogli isplakati, ako za nju ne treba hrabrost? Da li bi slabošću suza imala

hrabrosti doživeti svoj početak i kraj? Da li bi imala hrabrosti osuditi se postojati, znajući

kojom joj se brzinom približava kraj? Da li bi imala hrabrosti biti svesna za tako brzi kraj,

ali ipak toliko jasno postojenje, i da li baš zbog toga treba hrabro plakati? Da li je bolje

postojati kratko i jasno, ili dugo i neprepoznatljivo, i da li su ustvari u pitanju i hrabrost i

slabost, ili je u pitanju ipak samo hrabrost! Pa zar slabosti nisu izazov hrabrima, a svako

postojanje vredno poštovanja!

(овој расказ го изоставува постоењето на оние кои бескрупулозно користат лажни солзи, не сфаќајќи ја нивната вистинска вредност, вистинската вредност на постоењето)

И ЗА КРАЈ, ИМА ЛИ НЕШТО ШТО НЕ ТЕ ПРАШАВ, А САКАШ ДА НИ КАЖЕШ?

Вашата перцепција за мене е оваа, сакам да Ви кажам дека ќе продолжам да се надградувам за да имаме уште многу нови убави теми за разговор. Животот го сфаќам како поле за мојата лична надградба. Чувствувам глад да спознаам повеќе околу себе и за самата себе како би можела да му дадам уште посилна и побогата димензија на животот кој еднаш го живееме.

И кога сме веќе за перцепциите и за тоа како јас ја доживувам Јасна, нека биде вака:

во умот сум ти

удобно навалена

со пуштена коса

и боса

гола

со испишани зборови

на телото навезени

ете таму ти седам

и те опседнувам

мислите ти ги земам

низ прстиве ги вртам

како старец бројаница

во збрчканата рака

во умот сум ти

зад сите врати

затворени

и заклучени

а клучот го запретувам

и од главата

не ти излегувам

ете таму ќе ти бидам

веква луда и обична

каква што сум

и каква што секогаш ќе бидам

сонот ти го крадам

во утрата те пречекувам

како мирис од жешко кафе

низ умот ти вртам

и те скокоткам

безобразно и дрско те задевам

оти така ми се сака

а и ми се може

во тебе да се вгнездам

и инаетливо да одбијам

да си одам

и понекогаш и сонот ти го кршам

среде ноќ те будам

и немир ти носам

дур од умот надолу полека ти се спуштам

и кај градите те чепкам

кај срцето те боцкам

за да не заборавиш

дури ниту случајно да не изумиш

дека тука сум ти

а потем на раат те оставам

и пак во умот ти се враќам

навалена и подзамижана

времето не го бројам

туку само се смешкам

оти така ми се сака

оти така ми се може

https://zenskimagazin.mk/kazi-glasno-menstruacija-edna-poinakva-prikazna-na-ana-bunteska?fbclid=IwAR1lNsARv5YEvXqfoY6uUVZI3HKAEA3G739AD64oefx6woXJhtFbqe6G8wM

https://hashtag.mk/mamo-dobiv-ana-bunteska-majka-na-tinejdzerka-koja-ne-se-srami-od-svojata-menstruacija?fbclid=IwAR330VpP3vQOsrP-qASs0X_zkdVMIhGNoL9gsplkFxN9nFTpTGKgDVw12H4