Табу теми (или како се ограничуваме)
Како народ кој има познавања од се’ и кој веднаш дава
свое мислење дури и тогаш кога не сме прашани, малку е чудно што табу теми имаме
на претек. И тоа оти најлесно ни е да осудиме, ставиме етикета на нешто,
поплукаме или во најдобар случај, упатиме прекорен поглед. Како жена која не
баш многу има перде на јазикот кога се во прашање скокотливи теми, веднаш да ви
кажам оти за мене табу теми не постојат. Особено не кога разговарам со ќерка ми
која неодамна наполни 14 години. Знаете, тоа се оние бунтовни години кога на
тапет се секакви прашања кои не дека некогаш не ме оставаат подзината, ама се
трудам секогаш да дадам точен одговор на истите. А најлесно ми е да кажам дека
штркот ги носи децата или дека е се’ секогаш розово. Ама знам дека не е и се
обидувам да ја спремам за животот без да има илузии за било што, особено што
има нежна душа и сакам да е подготвена.
Прва тема која ни беше на тапет беше темата за мензисот. За Хаштаг (кој е портал за деца-тинејџери) имав напишано колумна токму за ова, со голема внимателност дека отворам тема која е чувствителна за тинејџерките и гадлива за тинејџерите. Се обидов да објаснам дека мензисот е сосем природна работа, впрочем како и останатите функции кои ги има телото, дека нашите телесни течности во било кој облик не се срамота и дека е нормално да се зборува за тоа. Ме фрапираше фактот дека децата многу малку зборуваат со своите родители за работи кои се многу важни за нивниот развој. Демек, треба да се скрие фактот дека девојчињата на свои 11 години веќе добиваат менструација или дека тоа е нечиста и бљак работа. Ви се молам! Поголема глупост не сум слушнала. Што поскоро децата имаат сознанија за себе и како им функционира телото, толку побрзо ќе знаат да се справат со темите за кои и ние сме растеле со зборовите “шшшшшшш, не се зборува за тоа”. Впрочем, многу е важна едукацијата и на машката популација која треба да сфати дека машкоста не се губи ако појдете во продавница и за женските членови од семејството купите влошки.
Истото беше и за мастурбацијата. Табу тема која според мене е многу опасно да остане табу, од аспект на тоа дека секој човек мора (МОРА) да си го познава телото и да знае што му прија, а што не. Главните фрустрации во сексуалниот живот кои се одразуваат на многу други полиња е токму избегнувањето да се зборува за мастурбацијата како нормален чин. Уште паметам некои изјави од мои пријатели кои фатени во тој интимен чин биле осудени од родителите, небаре биле фатени како се дрогираат. Изјавите од типот дека е тоа срамота или дека “ќе ти се исуши половиот орган” ми биле трагикомични. Наметнатата фрустрација и чувството на срам од тоа повлекува понатаму и други фрустрации и чувство на вина. После се чудиме зошто имаме незадоволни и несреќни деца кои се плашат да разговараат со нас за било што. Оти еднаш кога ќе ја затворите вратата на довербата пред носот на вашето дете, никогаш нема повторно да тропне на истата.
И во 21 век табу тема е разводот (иако го има на секој чекор), а особено темата за еднородителските семејства (самохраните родители). На овие простори е многу понормално да се лаже, краде, манипулира со се’ и сешто, отколку да се прифати фактот дека постои разводот, дека има самохрани мајки и татковци, дека има парови кои се истополови, дека жената може да одбере да има дете а да не се омажи или дека може да одбере воопшто да нема деца. Воспитувани во духот дека се’ нешто оквалификуваме како “пупупу, скраја да е”, растеме генерации кои се преполни со предрасуди и кои само ја продолжуваат традицијата на негирање на одредени теми кои се ставаат под тепих.
Ќерка ми израсна со сознанието дека нејзините родители се разведени и дека татко и’ има сопруга и син. Израсна неоптеретена од тоа дека со татко и’ не сме заедно, само затоа што беше опсипана со љубов и искреност. Никогаш немав двојба да ги кажам причините за разводот и да ја научам дека еден однос доколку не ја прави среќна или исполнета, треба да се расчисти. Само поради тоа што со татко и’ не бегавме во илузии и замижување пред проблемите, успеавме и после разводот да функционираме нормално, како двајца кои секогаш ќе бидат врзани со детето кое сме го создале од и во љубов. Дури имаше и случка во која кога децата од нејзиното одделение дознаа дека сме разведени, некои се вознемириле толку што плачеле од жал, додека таа ги тешела дека ние уствари функционираме многу ок.
Обидувајќи се да ги заштитиме децата од се’ што се случува околу нас, правиме фиктивен штит околу нив, нанесувајќи штета. Како беше она “патот до пеколот е поплочен со добри намери”. Храброста да се кажуваат работите и да се зборува за нив е тешка работа, но е најисправната. Впрочем, децата растат и сакале ние или не, ќе се соочат со се’ од што се обидуваме да ги заштитиме. Да, некои ќе речат дека со тоа правиме да е нормално да има разводи, семејства со 1 родител, истополови врски. Не дебатирам за тоа што е нормално, а што не оти секој од нас има сопствен морален кантар кој никогаш не е ист со останатите кантари. Но, факт е дека сето тоа го има околу нас. Факт е дека како и да ги воспитувате децата, дури и најстрого и со истенчен вкус за тоа што е морал (според вас), тие ќе израснат во свои луѓе и ќе живеат по свое.
Мојата улога како жена, човек, мајка е да ја ставам вистината на маса и да ја сервирам со минимален прилог. Сакам да го научам детето да има јак желудник да ги минува сите животни ситуации смирено и со разум, а сепак да го направи она што и’ го кажува срцето. Мојата улога како мајка е да изградам однос полн доверба во кој детето и на свои 30 ќе има желба да седне карши мене за да ми каже дека нешто ја мачи и да побара мое мислење. Не е улогата на мајка или татко да создаде копија на своите убедувања. Тоа е само желба да се наметнеме како авторитети кои нема да се почитувани оти сме лажеле.
Да се спреми дете за светот во кој ќе живее е макотрпна работа полна предизвици и сопки. Најлесно е да се извади оној поглед на неодобрување, да се каже дека тоа не е тема за која се зборува јасно и гласно и да се замолчи детето. Затоа имаме проблем да се разбереме дури и со возрасни луѓе, кои одбегнуваат да разговараат за проблеми. Сакаш нешто? Побарај го.
Имаш мислење? Кажи го.
Несреќна си? Избори се за себе.
Табу темите постојат за да се демистифицираат и да се сведат на нормалност во ова ненормално време. Впрочем, желбата на секој од нас е да живее во мир со себе и да изгледа поколение кое ќе е ослободено од стегите на лажни вредности и лажен морал. Колку ќе успееме во тоа, зависи само од нас и од нашата храброст да излеземе од чаурата во која не’ пикнале дури и нашите родители. Да сте ми живи и здрави и памтете...среќен човек се создава од мали нозе.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Поголем товар и олеснување од вистината нема
Без да ја виткаш во светликава хартија
Без да и’ тураш прав шеќер озгора
Без да ја заблажиш или да ја омекниш
Оти на дете вистина се кажува
Колку и да е болна
Колку во неа трње да има
Да го научиш розите да ги бара
На пилето што од утроба ти излегло
И за кое душата ти пее и плаче
Крилата да му ги рашириш мораш
И да го пуштиш слободно да лета
Оти во златен кафез
Или во свет застаклен
Никојпат воздухот на слобода не мириса
И небото исто не е
Како кога надвор ќе го пуштиш
Да ги рашири крилата
За да може кај тебе да се врати
Секогаш кога умор ќе го навјаса
Од дете вистината не се крие
Ниту од неа треба да го учиш да се плаши
Туку да ја живее и зборува
Да ја џвака како вкусен залак
Да ја пие како свежа вода
Да ја почитува како животот
Кој со полни гради треба да го живее
Без илузии
Без двоумење
Без да чекори наназад
Туку само напред патот да си го гледа
Оти дете ко ќе излажиш
Една врата меѓу вас
Секогаш затворена останува
И бравата не се отклучува
Та еден ден веќе врата отворена не ќе остани
И странци со својата крв ќе бидете
Како да не минале години
Кога под твојата сенка растело
На дете
На дете му се дава вистината в рака
Како редок цвет
Како скапоцен накит во наследство
Оти од дете што ќе стане и остане
На твојата душа ќе се залепи
Или спокоен ќе бидиш
Или сиот живот тежина ќе носиш
Оти децата ако за живот не ги спремиш
Ниту ќе знаат да го живеат
Ниту пак ти живот тогаш ќе имаш
Оти не е само да го родиш
Ниту е да го изгледаш да порасни
Туку да му дадеш мудрост и сила
Храброст за да се бори
И љубов
Онолку љубов за да може љубов да биде