Ништо на светов не е потешко да се изговори од “благодарам”, ”прости”, ”те молам” и ”те љубам”. Зошто те љубам, а не “те сакам”? Оти те сакам се’ повеќе ми звучи како поседување нешто или некого, а низ годиниве научив дека поседувам само она што е во мене, мислата и чувствата. Затоа повеќе го љубам зборот ЉУБАМ, кој (барем за мене) не создава тежина ниту кај мене кога го кажувам, ниту создава обврска на оној за кого е наменет. А да, ние луѓето сме сорта која сака да поседува. Впрочем, институционализираме нешто што треба да се негува како цвеќе. Бракот, на пример е една од тие работи. Имаше еден филм со мојата омилена актерка Мишел Фајфер, во кој таа е новинарка која на човекот со кој што е, му вели “ајде да се земеме”. На тоа добива одговор дека тој и онака е секое утро покрај неа, на што таа вели “да, ама сакам да знам дека си законски обврзан да го правиш тоа”. Е сега, да се разбереме дека во филмот е тоа во сосем друг контекст прикажано, но муабетот ми е дека сигурноста која ни ја нуди парчето хартија станува преценето.
Сум била во брак. Емоцијата која човек ја има кон друго битие е најмалку врзана со потписот кој го ставате на хартија, кој ете, го ставате и на пресудата за развод. Љубењето е слобода, барем за мене. Слобода која нема никаква врска со прељуба или си праам шо си сакам, без да водам сметка за другиот и за неговите чувства. Напротив, слобода да одберам дека токму тој, еден единствен човек е оној кому ќе се посветам. Кога некому кажувам дека го љубам, го мислам од петици. Да, знам дека малку е смешно ова, ама така функционирам. Кога велам дека љубам, тоа значи дека ти ги љубам и доблестите и оние неубави, бљак нешта кои ме вадат од кожа. Љубењето некого не се пеперутките во стомакот, туку крокодилите кои некогаш и не се баш лесни и пријатни за поднесување. Кога љубам, свесна сум за нечии недостатоци и колку и да ме вадат од такт, наоѓам начин да се справам со тоа. Од друга страна, интересно е како луѓето знаат после многу кусо време да кажат дека некого сакаат. И повторно, не џабе е сега употребен зборот САКАМ. Сакањето како термин стана премногу употребуван. Не можеш бре да ме сакаш или љубиш ако не ме познаваш. Па колку што јас знам да сум терсене, тоа не е нормално! Самотник сум, инаетлива, имам промени во расположението. Аман, не ме гледај низ призмата на љубовни стихови. Да, тие се дел од мене и тоа сум јас, ама таа комплексност на луѓето е многу поголема од она што го вадиме на површина. И како стареам, се фаќам себе дека да живеам со некој ко мене, би излудела, освен ако не сум спремна на големи компромиси. Баш разговарав со една прекрасна млада дама која е пишувач и дојдовме до заклучок дека сите кои имаат внатрешен свет кој го дишат и живеат преку пишан збор, или било каква уметност се посебно терсене. Потребата од тоа да си сам за да канализираш емоција е тешка за поднесување. Како на оној до мене да му објаснам дека не е дека не го љубам или дека не сакам да разговарам со него, туку дека тишината ми е лек и начин да стасам до себе за да сум среќна.
Сите односи се комплицирани. Маж-жена, родител-дете, пријатели... и секој од нив бара трпение, разбирање, компромиси. Не сакам да ме сакаат, не сакам да сакам. Сакам љубење со почит кон сите разлики кои ги имаме, со оставање простор на оној другиот и меѓусебна доверба. Знам, знам, затоа сум сама. Колку и да звучи како иронија, тоа е вистината. А самотијата е избор, особено кога си свој и не си спремен да се пазариш со себе. Она што можеби и најмногу ме фрустрира е потребата да се ставаме во рамки за се’ и сешто. Кој рекол дека солидна врска мора да заврши со брак? Кој рекол дека логичен след на настаните е да се има деца? Кој рекол дека постои рамка во разликата во години? Чуму сите тие правила, кои патем речено ем се непишани, ем се најсилни. Стана срамота да каже човек дека е во врска веќе 10 години во која и двајцата се среќни, ама не планираат да се земат, ниту да се размножуваат. Сите тие шеги од типот сама е, ене ја со мачките се чиста предрасуда. Ако имате помлад партнер, тогаш е неумесно. И не е важно дали сте среќни со него или со неа, не е во ред ако жената е постара. Па после не е во ред ако маминиот син е со разведена жена (ѓоа има колера), па уште и дете ако има тогаш тоа е крај на светот. Па јас познавам луѓе кои се заедно и еден од нив имал брак зад себе, со деца и функционираат прекрасно.
Љубовта и љубењето не одат рака под рака со предрасудите. Едноставно така е тоа. Колку поголеми предрасуди, толку поголема затвореност во емоциите. Затворот е во секој од нас и сами бираме дали ќе бидеме затвореници на сопствениот ум. Никогаш не ме интересирало дали оние со кои комуницирам се помлади или повозрасни, какви им се верските, сексуалните или политичките определби. Ама никогаш! Ме интересирало дали имаме муабет, дали душите ни се љубат на ниво да можеме да размениме мисла, искуство, доверба. Коса (и она малку што остана на главава) ми се исправа кога слушам како предуслов за нечија дружба е статус во општеството, па дали е за оваа или онаа партија, па дали е верник или атеист, па (недајбоже) геј или стрејт. Дај ми да видам што имаш зад изгледот. Дај ми да видам колку ти крепи умот и дали си чесен, емпатичен, добар чоек. Не ми го кажувај за себе она што можам со еден поглед да го проценам. Ме заболе лев глужд дали гардеробата ти е од странство, што кола возиш и кого знаеш од “јавните фаци”. Кажи ми од што се плашиш, што е она што ти го полни срцето со радост или тага. Дај ми да те ВИДАМ.
Не САКАМ, нема ни да сакам и не сакам да ме сакате. Љубете ме, ама љубете ме и тогаш кога сум долу, кога не знам што со себе, кога душата ме боли и кога и сама себе не се трпам. Љубете ме оти се гледате себе во мене, оти се пронаоѓате. Љубете се себе, за да можете и оние околу вас. И не поседувајте, не посакувајте да поседувате оти тоа е болест која ќе ве убие, психички.
На овој свет доаѓаме без ништо и си одиме од него повторно без ништо. Дали ќе си одиме со срцата полни љубов или со горчина оти не сме поседувале нешто или некого, зависи од нас. Да сте ми живи и здрави, ве љубам.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Ми го одземаш зборот
Онака од ќеф
Оти ти се може
А на ликот ти гледам и дека ти се сака
Ете молкум зборот ми го земаш
И не
Не го крадеш
Туку оставаш да видам
Знаејќи дека нема со прст да мрднам
Ниту војна со тебе да водам
Оти за тебе е само збор
Кој никакво значење нема
А за мене
Ах душо моја
За мене зборот е ко светлина
Ко бистра вода за жеден чоек
Ко да си ми ја отсекол раката
Или здробил прстите
За мене зборот е дом
Во кој се кријам и тихувам
И во тишината утеха си наоѓам
Ми го одземаш зборот
Не
Ми го одземаш начинот за да те исплачам
Да те убијам и закопам
Да можам да те заборавам
И своја повторно да бидам
Ми земаш или одземаш иљач
Игла и конец за да се закрпам
И срцево да го подврзам
За да се прелажам дека ќе ми мине
Или дека ќе ми минеш еден ден
Ми го одземаш зборот
За да го ставиш во кутивче
И озгора панделка да врзеш
Да го дариш на некоја друга
Некоја која нема да сум јас
А мене
Мене сите други ќе ми останат
И со нив песни повторно ќе пишувам
Страдни и оскудни за само еден збор
Оној во кој тебе до себе те сместив
А себе до тебе дувло си најдов
И сега се думам
Некој друг да најдам
Да измислам
Со кој еден ден кога ќе те одболедувам
Некому да можам
Со светнати очи и смирен глас
Да му шепнам
Да му кажам
Те љубам....те љубам