Тело за плажа се прави сега: Пет совети за пролетно вежбање и слабеење
Слабеењето и губењето на килограмите најчесто предизвикува стрес, анксиозност и чести циклуси на губење и повторно качување на килограмите. За една промена да биде долготрајна и одржлива, можеби треба да се применат малку понежни, но ефективни совети, кои не се фокусираат на инстант решенија, туку на долгорочни резултати.
Намалете ги порциите
Место да се изгладнувате и да се ограничувате само на одреден тип храна, фокусирајте се на контрола на порциите со помош на користење помали чинии или со мерење на големината на порциите.
Има многу бесплатни апликации за телефон, кои можете да ги користите за да дознаете колку калории има секој ваш оброк. Секако, најважно е да се решите за таа техника што вам ви одговара најмногу. Ако постојаното мерење на калориите, мерењето на вашата тежина и бркањето на калорискиот дефицит ви создава анксиозност, тогаш само решете се да ги намалите оброците и полека почнете да внесувате повеќе протеин и зеленчук.
Ако не се храните здраво долг период, ќе ви биде тешко наеднаш да направите драстични промени со исхраната. Големите ограничувања може да доведат до јојо-ефект или да ја намалите тежината, а потоа по завршувањето на диетата, веднаш да ја вратите. Малите промени можат да дадат големи резултати со текот на времето. Треба само да бидете стрпливи, упорни и решителни да направите генерална промена во вашиот однос кон храната и негата на вашето тело.
Носете шише вода со вас каде и да одите
Ова е здодевен совет, кој сте го слушнале милион пати, но навистина може да ви помогне со регулирање на телесната тежина. Мора да пиете доволно вода за бубрезите да функционираат оптимално и преку водата да ги исфрлат токсините од телото. Ова е особено важно доколку консумирате некој од одличните додатоци во исхраната достапни на пазарот.
Кога пиете доволно вода, нема да чувствувате голем апетит и нема да ги мешате жедта и гладот. Ако почнете секој ден да пиете два литра вода, ќе се чувствувате заситени дури и кога јадете помали оброци.
Внесувањето доволно вода, исто така, ќе ви даде повеќе енергија и ќе ви помогне да имате подобри резултати на тренинзите. Ако заборавате да пиете вода редовно, можете да си инсталирате апликација што ќе ве потсетува за тоа, да ставите неколку аларми во текот на денот или, едноставно, да си купите едно од многуте интересни шишенца, кое ќе ви биде мерак да го носите секаде со вас.
Почнете уште денес
Не одложувајте, почнете уште денес. Излезете на кратка прошетка низ вашето маало или облечете ги вашите омилени тренерки и пуштете видео со вежби на YouTube.
Ако имате јаже за скокање, земете го веднаш в рака и дури и само десетина минути вежбање значи дека веќе сте направиле некаква промена. Скокањето со јаже е одлична кардиовежба, која ќе го активира секој мускул во вашето тело.
Доколку имате непријатно чувство кога вежбате во теретана или, едноставно, не ви се допаѓа атмосферата на групните тренинзи, можете да вежбате дома и да направите мал простор што ќе ви служи како домашна теретана.
Можете да нарачате тегови онлајн и да пуштите видеа како правилно да ги изведувате вежбите. Вежбите со тежина се многу добри и се препорачува да се прават трипати неделно. Тие можат да бидат многу ефективни бидејќи го активираат метаболизмот и тој продолжува да согорува калории дури и откако ќе завршите со вежбање, што ќе доведе до долгорочни резултати за губење на тежината.
Најдете забавен начин да останете фит
Ако немате навика да вежбате редовно, а сакате навистина да го промените тоа, нема да постигнете резултати доколку се форсирате и се препуштите на мотивацијата. Можеби ќе бидете една недела силно мотивирани и ќе отидете на сите тренинзи во теретана, но веќе следната недела ќе имате некаков проблем на работа, расположението ќе ви опадне, а во теретана нема да ви се стапнува.
Затоа е важно вежбањето да престанете да го поврзувате со дисциплина и со мотивација и во вашата свест да почнете да го претставувате како забавна активност во која уживате и за која не мора да се форсирате. Можете да направите домашна теретана, која нуди различни опции во сопствениот дом.
Треба да пронајдете задоволство во движењето. Почнете со мали промени и полека движењето направете го дневна рутина во вашиот живот. Тоа може да биде мала промена од типот лежерна прошетка со пријатели до градскиот парк или сесија на јога во вашата дневна соба. Најлесно ќе останете доследни на промената ако почнете искрено да уживате во вежбањето.
Не потпирајте се строго на онлајн советите на инфлуенсерите што форсираат еден тип вежбање. Има многу различни начини на кои можете да го активирате вашето тело и треба да го најдете тоа што најдобро одговара на вашиот карактер. Затоа експериментирајте – запишете се на пилатес, на онлајн јога или зачленете се во теретана.
Ако не ви оди и не ви се допаѓа атмосферата, откажете се од таа програма и почнете нешто ново. Кога ќе откриете кој спорт навистина ви се допаѓа, многу помалку ќе пропуштате тренинзи.
Побарајте поддршка од пријател
Кога сакаме да направиме некаква промена, важно е да имаме некого со кого можеме да го споделиме нашиот прогрес, успеси и потфрлувања. Најдобро е да одберете пријател, кој, исто така, сака да направи промена во своите спортски навики и со кој ќе можете да ги споделувате вашите искуства.
Можете да се запишете заедно на некоја спортска активност, па тие денови кога едниот нема да биде мотивиран, другиот ќе може да повлече поголема иницијатива. На овој начин ќе имате некој да ве охрабри, а споделувањето на вашите успеси и неуспеси ќе внесе елемент на забава и социјализација за време на тренинзите.
Ако другата личност има желба да оди во теретана, а вие сакате да одите на зумба, ова не значи дека не можете да си бидете поддршка. Среќавајте се двапати месечно и разговарајте за тоа како напредувате со вашиот план. Преземањето на ваквата обврска ќе ви помогне да останете одговорни пред себе и кон својата одлука да вежбате редовно.