ТЕЖИНАТА ИМА ДОСТОИНСТВО

Добивај вести на Viber

Не растеме кога работите се лесни. Растеме кога во животот сме соочени со предизвици.Тежината има достоинство! Од тука ќе почнам...

Пред неколку месеци бев на роденден кај една пријателка на кој бевме собрани само жени. Половина од нив речиси и да не ги познавам, некои ги знам само површно, а некои, пак, мислев дека ги знам добро, сè додека секоја поединечно не почна да ја раскажува својата животна сторија. Често имам скепса кон монохроматските дружби, еднополовите сеанси или, што би се рекло, „афеже-тимот“, што се собрал да ја билда женската еманципација, ама исклучиво низ патетика. Мојот дискурс е секогаш контра генерализациите дека сите мажи се исти.

И така, јас со една крената веѓа над окото, слушам разни женски приказни и ги ловам хиперболизациите на нечии искуства, синдромот на жртва и, се разбира, куп несвесни емотивни уцени. Тие раскажуваат, а јас во себе си мислам дека има многу поважни теми од тоа да се жалиме за партнерите... е, арно ама своите болки или своето камче во чевлите е најтешко, нели? Не може човек да се занимава со сè наоколу, ако не се прочисти однатре. Не можеш да бидеш општествено одговорен граѓанин, ако си себичен егоист! Или, како што велеше Ерих Фром: „Не постои здраво општество, без здрави поединци“.

Прашањето што си го поставувам додека во заднината како ехо ги слушам девојките кои раскажуваат – е како да излеземе од затворот на своето его? Арно ама, не ми е првпат да „фурам“ интелектуална скепса, наместо разбирање кон нечии слаби точки. Па, така, веднаш почнав да им реплицирам дека зборуваат многу субјективно, дека има и поважни работи од нашите интимни проблеми, дека работите никогаш не се црно-бели и дека човек секогаш треба да остави простор да го разбере другиот.

И додека зборувам занесена дека ќе ги убедам девојкиве оти опсесијата со нивниот љубовен двор во вакво време-невреме е како „селото гори, баба се чешла“, една малку повозрасна жена од мене, која тогаш првпат ја запознав, ме прекина со реченица што ден-денес ми ѕвони во ушите: „Ана, му се восхитувам на твојот ентузијазам и борбата за подобро општество, но очигледна е твојата необременетост со домашни и егзистенцијални проблеми“. Во првиот миг, ова ми звучеше малку грубо, како демек мене дома, во љубовта и во интимниот живот да ми цветат рози, па имам вишок време да се занимавам со општествено-политичките карикатури. Првата реакција, се разбира, ми беше одбрана! – „Како тоа мислиш? Зар јас немам секојдневни проблеми?“ - „Во никој случај не сакав да го кажам тоа“, ми вели. „Само сакам да ти посочам дека сите луѓе имаат различни животни патеки и дека мојата е веројатно различна од твојата“.

Не само што ме замисли, туку и ме погоди што жената ме доживеа како некоја што се оддалечила од емотивното, за сметка на општественото, но јас токму тие две работи гледам дека одат рака под рака. Луѓето без емоции, луѓето кои се празни од љубов, а полни со гнев, ги сметам за деструктивни, дури и кога нè убедуваат дека се на вистинскиот пат. Тогаш се прашав што е она кај мене што остави впечаток дека сум ја загубила емпатијата кон туѓите, обични, па макар и банални љубовни проблеми?! Никогаш горчината не била онаа што ме води во животот. Напротив, за мене љубовта како една поширока, возвишена, исконска енергија е силата-водилка.

И додека се преиспитував кои фацијални експресии и гримаси ги имав додека другите раскажуваа, жената ми ја прекина мислата и почна да раскажува: „Пред 11 години станав самохрана мајка. Не сум од оние жени на кои партнерот им го свртел грбот или ги напуштил за друга. Јас не ни имав партнер. Една вечер ми се случи она што популарно го нарекуваме ’one night stand‘ или сексуален однос со човек со кој не бев во официјална љубовна врска. Останав бремена. На 36 години тогаш, веќе имав загубено надеж дека ќе го најдам вистинскиот партнер во животот со кој би основала семејство, а сакав дете. Решив да го задржам. Не очекував ништо понатаму од човекот, ниту емотивно, ниту финансиски, па дури ни формално. Му кажав дека донесов одлука и дека не планирам да абортирам и се согласив дека не мора ниту да го признае како свое дете. Му олесна. Очигледно беше дека не е подготвен за ништо повеќе. Ми требаше храброст да се одлучам на ваков чекор, но мојата биологија забрзано си работеше и времето за чекање на идеалниот принц на бел коњ сè повеќе се скратуваше.

Знаев дека најголем дел од луѓето во општеството ќе ме обвинат дека детето сум го осудила да живее без еден родител, знаев и дека ќе има и такви што се полни со предрасуди и малограѓански морал и дека секогаш кога сама ќе излегувам од влез со стомакот до заби ќе ме гледаат попреку и ќе си шепотат оговарајќи ме, но сите тие работи ми беа помалку важни од мојата среќа дека ќе станам мајка. Некои луѓе можеби немаат таква потреба, но јас имав силен мајчински инстинкт за реализација. Денес, не се каам што донесов таква одлука, иако работам на две работни места, за да му овозможам на мојот син сè што му е потребно за достоинствен живот“, ми раскажа жената задржувајќи ги солзите на работ од окото.

Слушав и молчев. Како жена во брак, пред која нема вакви животни стапици и предизвици, се засрамив што понекогаш заборавам дека луѓето имаат различен тип на емотивни багажи со кои секојдневно се носат. Нејзината ситуација ме поттикна со денови да размислувам за одлуката на жените кои сакаат да станат мајки без партнер, односно со сперма од донатор. Дефинитивно ЗА! Тие новородени деца ако растат со љубов и грижа, ќе бидат поквалитетни луѓе од многу деца кои растат во дисфункционални семејства и кои заради латентната агресија меѓу родителите во бракот, прераснуваат во фрустрирани човечиња и тивки агресори.

И тогаш заклучив дека сите нишки во едно општество се испреплетени една со друга и дека не можеме изолирано да ги набљудуваме процесите без подлабока психолошка анализа на поединците. Затоа е важно да не престанеме да разговараме за навидум обичните нешта, во кои се кријат корењата на животот. И се разбира, да не заборавиме да сочувствуваме со другите, дури и во време на криза, здравствена, социјална, емотивна, политичка, сеедно.

Болката е најголемиот катализатор! Таа прочистува и раѓа нова смисла во животот што е поголема од дневно-мејнстримизирачката бркотница. Ете, затоа е важно да слушаш, наместо веднаш да судиш!

За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa,писателка и менторка за личен развој