“Треба да разговараме”

Добивај вести на Viber

Не постои реченица која буди повеќе уплав кај машкиот род од фамозната “Треба да разговараме”. Навестување на бура која е со тенденција да трае и трае и трае, оти ние жените не знаеме со една реченица да си кажеме што не’ мачи. Секоја од нас барем еднаш во животот настапила со “Треба да разговараме” и скоро никогаш тоа не завршило на арно. И прашањето е зошто таквите разговори, кои се мачни и за двајцата кои се во врска или брак секогаш се одвиваат со тензија? Ние жените сме од мали воспитувани да премолчуваме. Премолчувањето станало некако дел од нашата традиција. Веројатно затоа што порано мажот бил тој што носел леб во куќата и кој работел, па улогата на жената била да го испочитува домаќинот и да му олесни, со тоа што ќе се грижи за домот, семејството и најмалку за себе и своите потреби.

Со текот на времето улогата на жената во домот не е веќе пасивна. Таа работи, заработува некогаш дури и повеќе од сопругот, но обврските кон домот останале најчесто и во најголем дел на неа. Го знаете она...децата имаат милион прашања за мајките, а за татковците само едно “каде е мама”. И не велам дека е ова секаде и во секоја прилика, оти знам семејства во кои и двајцата родители се подеднакво и мама и тато, но факт е дека во средината во која живееме работите не се баш идилични.

Стана нормално жената да има повеќе улоги. Деловна жена која со актовка оди на работа и држи состаноци, а за време на пауза плаќа сметки. Мајка која трча на родителски и работи домашно со децата, сопруга која мажот го испраќа најаден, напиен, испеглан, љубовница која смислува како одново и одново да го заведе саканиот, домаќинка која пребарува на интернет нови рецепти за да ги изненади домашните, примерна снаа која нема да го заборави роденденот на свекрвата. Толку многу улоги за еден човек. Толку малку време за себе и за она што можеби сакаме да го правиме. Одењето на фризер не е хоби, козметичарот не е пасија, фитнесот не е храна за душата. Да, тоа го правиме за себе но повторно со цел која не е чист хедонизам. И годините минуваат, растргнатоста останува и се продлабочува и еден ден доаѓа на ред ТРЕБА ДА РАЗГОВАРАМЕ.

И не е проблем самиот разговор, колку што е проблем дека тој не се однесува за конкретна работа, туку се започнува со нешта кои се случиле уште од дедо Ное, а целата поента е во една, единствена реченица со која жената треба да соопшти дека не е среќна или дека и’ треба време и простор за себе. И скоро никогаш ваквите разговори не се одвиваат за да се среди конкретен и акутен проблем во семејството или врската, туку станува вистинско измачување оти незадоволството е нешто што се трупало со години наназад. Па тука имате едно бомбардирање од обвинувања како е тој себичен, не е посветен, како таа е роб на домот, на неговите потреби и на потребите на децата. Чуму сето ова? Зарем низ целиот наш (женски) раст и развој како рамноправни партнери во секој поглед во ова општество не научивме дека нештата се кажуваат кога се случуваат, а не отпосле. А најинтересно е што за повеќе од половина работи со кои ќе го соочиме партнерот, а се причина за нашето незадоволство, тој воопшто и не ги памети. Па нервозата уште повеќе расте кај жената кога ќе го примети оној поглед кај мажот кој недвосмислено вели “а за што зборуваме сега?!”. И верувајте, не го прават мажите тоа затоа што сакаат да не’ изнервираат или да ја намалат својата одговорност, туку затоа што навистина немаат поим за што зборувате. За нив, тоа е како главоболка. Ги боли главата, пијат апче и толку. Не сме од ист материјал направени. Ние анализираме, па мериме, кроиме, па пак се навраќаме на анализа и сето тоа може да трае со години. Затоа и незадоволството се напластува и се случува ерупција.

И во ерупцијата која следи, за жал се губи поентата и истата станува само една тирада која упорно и упорно ја вергламе во сите можни варијанти. И колку повеќе сакаме да се објасниме себе и да укажеме што е она што не’ унесреќува, толку повеќе се заплеткуваме во обвинувања. Прво, престанете да мислите оти ако сте со некој долго време, тој треба да ви ги чита мислите. Имате уста и кажете што сакате а што не. Кажете јасно и гласно дека сте уморни и дека денес нема ручек, туку ќе гледате филм или ќе одите на кафе, сами или со пријателка. Не, не се губат поени со тоа и никој нема да ви замери дека не сте домаќинка. Второ, во секој проблем за кој имате желба и порив да го обвинете партнерот, побарајте си ја сопствената вина. Да, да...не фрлајте веднаш со камења по мене. Секако дека имате и имам вина во тоа зошто сте или сум била незадоволна. Никој никого со сила не тера да биде затворен дома или да си го подреди животот на останатите во домот. Таа одлука била наша. Зошто? Проста причина, ние жените секогаш имаме потреба да сме поарни од сосетката.

Поубава торта да направиме, домот да ни свети, да нема ниту зрно прашина на комодата или телевизорот. Сами стануваме робови на работите кои треба да ни бидат задоволство и прибежиште. Наместо викендите да ги минуваме со семејството и да одиме некаде, ние ќе ги испратиме партнерите да шетаат деца, додека се гушиме во звукот од правосмукалката. Па вечерта, кога веќе сме преморени за било што друго освен за кревет, почнува да ни вергла во главата мислата дека “ете, тие си шетаа денес, а јас цел ден го изгубив во чистење”. Потем оди мислата во насока дека ТОЈ, тој ништо не ви помага. Па еве, да расчистиме. Помагаме таму кај што сме повикани или ако сме на гости. Во домот сите имаме права, ама и одговорност која се дели без еден да се чувствува дека се жртвува, а другиот да се велича дека измил садови. Или можеби и сами некогаш ги третираме партнерите дека се гости во сопствениот дом.

За почеток, научете да зборувате и да кажувате што не ви се допаѓа. Не само дома, туку и на работа, со пријатели. Научете дека најбрзиот и најлесниот начин да избегнете кавги и проблеми кои се со голем багаж, е да ги кажете работите во истиот момент кога се случуваат. Не глумете и не ја повторувајте онаа досадна реченица “ништо не ми е”, кога незадоволството вреска од вас. Не бидете фрустрирани дека никој не ве разбира, оти и јас (иако сум жена) не знам и не сакам да се обидувам да читам мисли. Она што ве мачи, ставете го на астал и зборувајте. Но, не забегувајте во минатото. Она што се случило и не било кажано со време, не е сега за кажување. Научете ја лекцијата дека ако сами не се изборите за својот мир и среќа, никој нема на тацна да ви ги принесе. Научете дека од вас зависи колку и како ќе сте среќни или несреќни и дека сето тоа е ваша лична заслуга и одговорност.

Да сте ми живи и здрави и олеснете си го животот, оти еден е и тој ви е.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Јас па и неќам силна да сум
Ниту да ми е душава ко бунар
Та фрлај се’ внатре демек бери
Оти и бунарот крај има
Полни, полни и ќе прелее
Исто ко и чоечката душа
Та после си отишол чоекот
Ама арен беше со здравјето
Шо така наеднаш горнион го земал?!
Е не бил!
Само молчел и во себе збирал
Голтал и се давел во чемер
И се с’клетисувал за ова и за она
Дур не му пукнало срцето
И болести го навјасале
Неќам
Еве јас да се прашувам
Сосем поинаква би била
Би пуштала солзи за секоја болка
Би ја исплакала секоја неправда
Море би се удајла во сопствениот плач
За се’ што сум одмолчила
И за се’ за што сум се насмевнала
А ми идело да вриштам
И не
Појќе не мислам оти е сила
Очите суви со децении да ти бидат
Дур еден ден не ти пресушат како езера во жега
И не
Не мислам оти да си ја чуваш болката е храброст
Оти чоек треба да вика
Ама до небо да се слуша ко не му е арно
Да се изнавика и изнапцуе
И ништо во себе да не држи
Да плукне и на силата
Да плукне на божемното достоинство
Врескај!
Врескај колку гласот те држи
Дур не ти попукаат гласните жици
Дур не засипниш та до деној после збор да не прогоориш
Ама врескај ко мака ти е
Ко те боли душата
Ко ти крвари срцето небаре некој за вечера ти го спрема
Та со ножот парче по парче откинува за да го зготви на пареа
Викај чоек!
Викај толку силно шо ќе се вџашат комшиите
И ич гајле да не бериш
Тие и онака те озборуваат за нешто
Викај за да не ти се наталожи пелин во тебе
За да не изрти во болест
Да не ти метастазира до умот
Да не биди после оти “арен беше, ама ете така си отиде”
Оти најбрзо си одат тие кои молчат
И кои тагата во себе ја чуваат
Во срцето
Во душата
Во телото
Во тој музеј на тага