ТРИКАФТА – КОГА И ЗА КОГО? За некои од пациентите може да биде и предоцна
Долгите процедури за набавка на лекот Трикафта кој значи нормален живот на луѓето со реткото заболување цистична фиброза ги става во тешка агонија и единствено што им останува на пациентите е да се надеваат дека во скоро време нивните бели дробови ќе бидат ослободени од „стегите“ што им ги создава болеста. Благојче Илиевски од Битола, кој 90 отсто од секојдневието го минува со кислородна поддршка и кој е меѓу оние кои се во најтешка состојба, за Фактор вели дека иако здравствените власти ја најавија набавката на „Трикафта“, се додека не го види лекот в раце не верува во ветувањата.
-Веста секако не израдува, и јас верувам дека сум во онаа група од осум пациенти кои сме во најтешка здравствена состојба и дека први би го добиле, но образложението дека процедурата ќе биде подолга додека се случи набавката, некако нè обесхрабри. Од последниот пат кога разговаравме, а тоа беше кон крајот не ноември, јас уште еднаш бев хоспитализиран. Повторно 12 дена на Клиниката за пулмологија, го чистат белодробието до секретот, но верувајте состојбата не ми се подобрува, и сега ме слушате како едвај дишам, како не можам да искашлам...Ми останува навистина само да се надевам дека ќе дочекам да почнам терапија со „Трикафта“.