Трио фантастико: Одбрана песната со која Тамара ќе нѐ претставува на „Евросонг“
Со песната со работен наслов „Proud“, Тамара Тодевска ќе ја претставува Македонија на годинашниот Избор за песна на Евровизија во Тел Авив, Израел. Ова било одлучено од консултативното тело на МРТ по иницијатива на поп-ѕвездата на завчерашното преслушување на песните што неколкумина наши автори ги доставија до националниот сервис по соопштувањето на изборот за наш годинашен евровизиски претставник.
Песната е заедничко дело на нашите најплодни и најангажирани автори и продуценти Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветкоски. Од МРТ соопштија дека во моментов се работи на продукциското оформување на финалната верзија на песната која наскоро ќе ѝ биде претставена на јавноста. Годинашниот евровизиски тим на МРТ го сочинуваат одговорниот уредник на МТВ 1, Анета Андонова, уредникот на Културно-уметничката програма на МТВ1, Мери Попова, уредникот на Културно-уметничката програма на МТВ 2, Авни Ќаили и уредникот на Културната програма на МРА 1, Тони Цифровски. Македонија својот евровизиски настап на сцената во Тел Авив ќе го има во рамките на втората полуфинална вечер на 16 мај.
- Се надевам дека ќе го задржам имиџот кој го изградив на домашните фестивали, секогаш втора. Ако од „Макфест“ и од „Скопскиот фестивал“ сум си одела со освоени втори места, со песни кои станале големи хитови, сигурно дека од мене се очекува и на „Евровизија“ да бидам втора, хахаха. Но, кој знае, можеби ќе ја изненадам публиката и ќе победам. Овој пат, место втора, можеби ќе бидам прва“ - изјави Тамара за „Женски Магазин“ на 25 јануари кога МРТ соопшти дека токму таа ќе не претставува на годинашниот „Евросонг“.