Трпение спасение...но, не за токсични односи и луѓе
Голем проблем низ животот ми беше да ја научам, а уште поголем проблем ми беше да ја применам лекцијата на трпение-спасение. Не сум човек што го краси оваа особина. Повеќе сум ко децата што сакаат се’, сега, веднаш и одма. И не знам дали е тоа отсуство на трпение кај мене, или желба да се искуси се’ и тоа наеднаш. Нејсе, оваа особина која ми требаше многу време да ја поднаучам и ми успева да ја применам за одредени работи велат дека е клучот на успехот во животот. Ама па веројатно треба да си скроен за така и да можеш без да те јаде јанѕа да бидеш мудар и да го вклучиш трпението на најсилно. И да, им се восхитувам на оние кои можат да бидат мудри и да се водат по ова правило низ сите животни ситуации, иако да бидам искрена, не ги разбирам во потполност. Кај мене, ова функционирало само кога се работи за она што го пишувам и за ќерка ми.
Периодов, голема лекција ми беше короната. Научив дека не може да биде по моето “се’, веднаш и одма”. Научив да си ја скротам таа жичка во себе која си го бараше хедонизмот секојдневно и која почна ептен да се фрустрира дека не можев да си терам ко што ми се сака, оти веќе не ми се можеше. Сите некако периодов научивме да сме поспласнати, поумерени, поприбрани. Да, со сила, оти како беше светов тргнат, немаше памет да ни дојде. Овие лекции сега научени ми помогнаа малку да спласне онаа моја еуфорија и жед за да си правам што ќе ми дојде, кога ќе ми дојде. И како минува времето, се навикнувам, иако се’ уште тврдам дека нема никогаш да ми стане дел од табиетот. А, не дека не сум била стрплива. Сум била и тоа најмногу со луѓе, а многу помалку со оние работи кои на подолг рок ми носеле придобивки. И сега сфаќам колку ние луѓето се трошиме и си го трошиме и трпението и себе на токсични особи и односи, а колку малку сме имале енергија да бидеме навистина трпеливи за да постигнеме некоја цел која нам лично ќе ни донесе прогрес.
Колку пати ви се има случено да кренете раце од некој проект или работа за која требало да оставите време, да бидете истрајни? Колку пати ви се има случено да започнете нешто и да застанете на сред пат, откажувајќи се оти ви личело оти е само губење време? Мене многу! Кога ќе погледнам наназад, гледам дека да го имав она трпение кои и ден-денес (ама многу помалку) го имам за луѓето, можеби ќе бев уште посвоја, поуспешна....како и да е. И после доаѓа она прашање, а тоа е следново...зошто сме склони нашето време и трпение да го раздаваме на оние кои во принцип, најмалку го заслужуваат. Дали не’ прави себични ако грбот го вртиме побрзо на таквите луѓе и односи и се посветиме на себе?
Да се разбереме, не зборувам дека треба на првата грешка да се земе сатарот и да се прекинат сите односи со луѓето. Зборувам за навиката и кревањето раце во знак на помирување и дозволување на таквите луѓе да бидат центар на вашиот универзум. Сите сме биле вака или онака во токсични врски (љубовни, пријателски, сексуални) и сме си имале работа со токсични луѓе. Тоа се оние мали и ситни во душа луѓе кои имаат неверојатна дарба да ви направат хаос во животот. Се разбира, со ваша, со моја дозвола. Оти таквите се воедно и најдобрите глумци и глумици, кои точно знаат на кој начин да се пикнат под кожа и да роварат.
Колку пати сте имале такви особи во вашите животи. А се’ започнува идеално, нели? Со ветувања, верувања, додека не се опуштите а со тоа и дадете зелено светло да ви го загорчат животот.
Девојки кои кенкаат ако не им се оди по ќефот и кои, користејќи ја својата моќ која ја имаат врз момчето кое ги обожува, прават предмет за потсмев од него.
Жени кои не ретко и сексуалноста ја користат како начин за манипулација со мажот.
Мажи кои под превезот на витез заштитник полека прават роб од својата партнерка со забрани кои се вешто преправени во грижа, па полека жената престанува да носи кратко, па престанува да става шминка, па престанува и да се гледа со пријателките и на крај и самата себе не се препознава.
Мажи кои до тој степен ментално вршат насилство врз своите партнерки или сопруги што нивната пеобразба од амбициозна жена која стасува истовремено да биде и мајка, сопруга, љубовница и деловна жена во уплашена жена која половина ден размислува само дали ќе е погоден ручекот на неговото височество.
Жени кои до совршенство го довеле својот манипулантски однос, што дури и во ситуација да бидат фатени во експлицитна положба со друг маж, ќе изнајдат начин да се извлечат.
Да, сите ние вака или онака сме биле жртви на токсични луѓе, сме биле затворени како во кафез во токсични врски. И најголемата трагедија е што тоа ни станувало начин на живот и веќе не сме ни препознавале во што ни се претворил животот. И ова важи и за мажи и за жени, ете тука нема никаква поделба. Знам прекрасни мажи со сите нишани кои годините и младоста си ги губеле покрај жени кои не заслужуваат ниту да замислат таков маж покрај себе, а не па да имаат.
Знам прекрасни жени кои да ти е мерак да ги гледаш. Убави, образовани, емпатични, жени кои за своето семејство, пријатели, роднини се грижат со големо внимание, кои стасуваат да бидат се’ во едно и повторно да се шиканирани, лажени, изневерувани.
Знам луѓе, мажи и жени кои се паметни за се’, освен да ги отворат очите и да прогледаат во каква мизерија живеат и да си ги соберат парталите и да заминат. Знам мажи и жени кои со своето трпение-спасение и чекање на некои подобри времиња, си го изарчиле животот на особи кои не се (што би рекла баба ми) за да фрлиш ни мрсул на нив.
Сум била таму. Да, сум била таму каде што никогаш нема да се вратам па макар и по цена да скапам сама (не, не зборувам за бракот, оти бракот сам по себе не е по дифолт нешто што прави некого несреќен). Сум била таму каде што некој успеал да стори од мене едно несреќно, уплашено, несигурно во себе створење. Сум била таму каде што сум се сомневала во мојот здрав разум и дали сум токму. Сум била таму каде што ден-денес кога ќе видам некоја жена дека е, ми доаѓа да ја фатам за рамениците и да и’ свикам...ЖЕНО, БЕГАЈ ОД ТАМУ!
Сум била таму и знам колку е тешко да се измолкне човек од сопствениот кафез во кој се ставил себе, а во име на љубов и посветеност. Знам колку е тешко да си заминете од некој токсичен човек и од токсична врска, оти човекот наспроти вас нема туку така да ве остави да си заминете. Ќе вика, ќе се заканува, ќе плаче, ќе клечи и на колена дури. И никогаш тоа да не ве враќа назад, никогаш! Оти единствените колена кои ќе крварат, ќе бидат вашите кога еден ден ќе треба да отползите назад и да го почнете животот одново.
Сум била таму и не сте сами, сеедно дали сте маж или жена. Не си го губете времето и животот на флоскули како трпение-спасение, за сметка на вашиот мир и вашата среќа. Трпение- спасение не се однесува на тоа да ја виткате кичмата додека не заборавите како се одеше исправен. И да знаете, сум била таму и многумина биле, не сте сами. И токму затоа што ми требаше време за да зацелам и голема храброст за да си заминам, ќе ви кажам дека МОЖЕТЕ, само ако САКАТЕ. Да сте ми живи и здрави, свои и трпеливи само за она што ќе ви донесе благодет и квалитетно живеење. Ве љубам.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Ми
недостасува она време
Кога луѓето еден крај друг со насмев минуваа
Како со години да се познавале
И многу лаф муабети меѓу нив поминале
Кога плочниците полни детски џагор беа
Без да се плашиме од лошите чичковци
За кои раскажувавме измислени приказни
Кога во ниедно време низ улици сме шетале
Со леснотија и мир во градите
Без да заобиколуваме темни ќошиња
Ми недостасува воздух
Оној порано кој го жед го голтавме
И слободата која во умовите ја имавме
Без грижа што ќе донесе новиот ден
И без тескоба од ноќта што доаѓа
Веројатно стареам
Барем баба ми така велеше
Дека штом почнува да ти фали минатото
Годините веќе те навјасале
Та си бараш утеха во нештата кои минале
И кои веќе нема да се вратат
Ех, ми недостасуваат луѓето
Оние кои повеќе ги нема
Кои заминале во некоја друга димензија
Кои веќе живи не се
А и оние кои патот далеку од мене ги однел
Та сега само буквите си ги гледаме, наместо
очите
Ми недостасува мирот
Кој младоста со себе го носи
Иако од годините не се плашам
Ама некако ме разжалостуваат и осамена ме прават
Ми недостасува искреноста во муабетите
Без меркање под око и брза проценка
Кога беше сеедно кој од каде е
Дур има душа во себе, дур чоек е
И колку повеќе му се мислам
Толку повеќе сфаќам дека ми недостасува
Ох
Ми недостасуваат луѓе на кои сево ова им
недостасува
Па да седнеме на чаша вино
Да се расприкажеме и поднапиеме
Да се смееме на минати случки
И да живееме нови, со секој изминат ден
Да пееме до зори и од следниот ден да сме ко што
сме биле
Да се смешкаме на непознати по улици
Да ги поздравуваме и да посакуваме убав ден
секому
Без лоша мисла во главите
И без товар на суетите
Да се родиме одново
Или да се вратиме назад
Па повторно да дишеме ко првпат да ни е
И поинаку да замирисаме
На чисто
На убо
На нов почеток
На себе