Твои деца, твоја одговорност
Сабота приквечер. Седам во кафуле со лаптопот на маса и полека се спремам да почнам да ја пишувам денешнава колумна. Ова време (некаде околу 19 часот) вообичаено е мирно и тивко, попатни минувачи и неколкумина седнати. Кафулето е со надворешен дел, дел кој што е покриен и внатрешен дел. Со оглед на тоа дека мојов лаптоп нема батерија, секогаш седам на маса која е блиску до штекер за да можам да работам. И таман си ја одбрав темата (не беше оваа за која ќе читате, а ќе видите и зошто), кога доаѓа релативно млад пар со две деца. Да им се живи и здрави, ама децава беа жив оган, темпераментни до бескрај. Нејсе, отсекогаш сум мислела дека децата не треба да бидат бубачки и дека треба да им се овозможи да си ја извадат енергијата на мегдан. Кога одев на трансакциона анализа, имаше два термини кои ги користеше психологот а кои гласеа дека има слободни и адаптирани деца. За да не навлегувам детално, отприлика самите називи ви кажуваат дека слободните деца се оние кои слободно ги изразуваат своите мисли, чувства и активности. За разлика од нив, адаптираните/прилагодените деца се адаптираат на очекувањата на родителите, кои се обично поткрепени со забрани. Како родител тврдам дека е многу тешко и бара многу труд и работа да се израсне слободно дете, но сепак да не премине во слободно-негативно дете (да, има и подтипови во кои сега нема да навлегувам).
Додека растеше Нина, имаше една интересна фаза како и сите деца што ја поминуваат, а која е прилично трауматична за поголем број родители. Тоа е моментот на шкртање по ѕидови...можам да се опкладам дека сите што сте израснале деца знаете за што зборувам. Па уште ако ви биле ѕидовите бели, милина. Тоа е шведска маса за децата кои ја откриваат магијата на тоа да го покажат својот талент за разни уметнички дела. Кај нас дома имаше ѕид кој го прогласивме за платно. Идејата ми беше ем да не го забранам слободното изразување на Нина, ем да се постигне ефектот на тоа дека сепак не е се’ дозволено. Дали сум грешела или не, оставам на психолозите. Мене ми беше важно детето да не израсне со едно големо НЕ над нејзината глава, а од друга страна да ги поставам границите за да знае дека и во дозволувањето да се искаже себеси преку цртање, сепак постојат одредени правила. Во нашето семејство тоа функционираше супер. Кога беше ѕидот изнашкртан, ќе поминев една рака боја и “платното” беше спремно за нова тура уметност. Така и таа научи да си го препознава и почитува нејзиниот простор во кој не се мешав (освен кога сакаше заедно да цртаме, што не беше реткост).
Наречете ме заостаната или строга, но не сум поборник на давање целосна слобода на децата. Пред се’, мислам дека до одредена возраст тие и немаат јасна претстава за тоа што да прават со таа слобода и некако како да преминува во деструктивност. Второ, некогаш слободата знае да биде и опасна по здравјето и животот (сега мајка ми нишка со главата и превртува со очи кога ќе и’ текне дека со мина од пенкало сакав да брцкам во штекерот). Ставањето рамки (не сум сигурна дека е соодветен изразов) не е според мене кратење на слободата, туку превенција од хаос кој потоа и се одразува на децата во подоцнежните години. Заради отсуство на рамките децата тргаат на училиште без развиено чувство дека училиштето и наставниците не се платени да замижуваат пред хировите кои им се дозволени дома, туку за да ги научат нешто. Секогаш тргав од тоа дека моето дете е само мое и дека никој не е должен да го воспитува наместо мене или да му ги толерира моментите на бес или енергија. Она што сум го дозволувала дома и муабетите дека заедно се договараме за се’, не важело кога во нашето окружување има и други луѓе. Да се почитува и сака сопствената слобода е супер, но само доколку детето знае дека треба да ја почитува и на оние околу себе.
И сега да се вратам погоре малку, кај децата на младиот брачен пар. Ај што трчаа како муви без глава и скокаа по скалите (мене душава лешник, кога ми поминуваа слики во глава на што ќе личи ако паднат на тоа скалите), ај што врескаа толку силно што музиката на моменти и не се слушаше иако не беше баш тивка, туку кулминација беше кога почнаа да одат по маси и да фаќаат се’ што ќе им дојдеше при рака. Таткото си седеше со кафето пред себе, цигарата и телефонот, додека мајката одеше по нив. И кога велам дека одеше по нив, буквално само одеше без збор. Пустата, веројатно таа слика на растрчани и гласни деца и’ беше секојдневие, што дури кај неа се забележуваше и една нишка на умор. И не дека не ја разбирам. Да се одгледа едно дете е тешко, а две кои се згора на се’ и од типот “вода стои, тие не стојат” е предизвик. Но, на сето мое разбирање и емпатија дека можеби се и тие двајцата (родителите) уморни и дека им се сака да се напијат едно кафе на раат, не можам да се сложам дека е ок да ги оставиш на сред кафуле да се однесуваат како да се дома. Тоа ми е како онаа појава кога ќе ви дојдат на гости пријатели со децата кои се со наполнета батерија до стотка, па мора да ја истрошат. И вечерта ја поминувате не во разговор, туку вие трчате по нивните деца, оти не сте баш во можност секоја недела да купувате нови украси или лампи, додека вашите пријатели се одмараат и мува не ги лази.
Ова однесување на родителите го сметам за недолично и да простите, за немање усул. Да, на родителите, не на децата. Децата одат дотаму до каде што ќе им се дозволи. Воспитувањето е процес кој бара работа и посветеност, а кога веќе сум се одлучила да имам дете и те како сум свесна дека голем дел од моето време ќе треба да го посветам токму на тоа. Мојот умор е моја работа, моето време е моја работа, моето дете е моја работа. Ако некој го окарактеризира моето дете како невоспитано оти демолира туѓ дом или оди по маси за да си прибере таблет или запалка за да си поигра, тоа не е навреда за детето. Не е ниту онаа флоскула дека “абе дека нема деца, не знае како е”. Тоа е одраз на невоспитани родители и ако Нина узурпира нечиј простор или прави штета, тоа е пораз за мене и мој пропуст.
Не сите сакаат деца, не сите кои сакаат деца се должни да ги трпат туѓите. Синчето на мама или принцезата на тато можат само дома да се однесуваат токму онака како што ќе им се дозволи, а ако се полни енергија има чаре и за тоа. Парк, игротека или целосно посветување дома. Децата се сунѓери, впиваат се’ што ќе им кажете и покажете, но и она што ќе го премолчите. Вашиот молк е само одобрување на нивните постапки, а да сме искрени, не баш дека сите постапки им се за одобрување или за машала. Но, пак ќе речам...дома може се’ да им се дозволи, секој со своето убедување и став.
Надвор, сепак има одредени правила кои колку и да не им чинат на децата, сепак се за нивно добро. Утре, ќе знаат дека не само што не треба да загрозуваат простор или приватни работи на други луѓе, туку дека не треба да дозволат и нивното време и простор да бидат загрозени.
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Страв ми е да не згрешам
да не ја утнам некаде работата
оти за љубов се работи
за онаа безусловната
за онаа каде што грешките болат
болат повеќе од сопствената несреќа
за ќерка ми
за неа ми е страв да не згрешам
расте
се зачоечува и своја станува
а мене уплав ме фаќа да не оплескам некаде
оти не знам каде е границата меѓу многу и малку
како да ја научам да се сака себеси
многу, за да не се загуби низ животот
и малку за себична да не биде
каде лежи таа пуста граница
кликот каде е, ете тоа ме мачи
оти после оправање нема
дал да се дава себеси
да се раздава со љубовта која од очите ѝ блика
или да е повоздржана срцето за да не ѝ венее
што ли среќна ќе ја направи?
каде е идеалната средина кантарот мирно за да стои
да не повлече ниту удолу ниту угоре
оти за љубов се работи, луѓе
за онаа која грешки не простува
и секоја една уште долго пред себе ќе ја гледам
и ќе боли
ќе ме боли болката нејзина
и уште појќе што ќе знам неа колку ќе ја јаде
и што нема да можам ништо да сторам
оти ум делење тогаш не помага
ете, знае тоа мајка ми
дека отпосле ум не доаѓа
како ќе те скројат
таков низ животот ќе врвиш
а ја гледам
ја гледам како расте и си велам
на толку песни напишани
барем еден прирачник да стокмев
еден прирачник за тоа како се штити дете
од сè
од болка и загуба
од падови и солзи
од самата себеси да се зачува
оти тоа ко ќе го знае
ќе знае и од другите како да се заштити
барем толку да можев
едно книжуле да чкртнев
како да го љубиш чедото
а да не го задушиш со љубовта своја
како да го чуваш
а да не создадеш обрач
како да си тука
а доволно далеку за да дише слободно
како твое да остане
ама секогаш свое да си биде
ете тоа не знам
и тоа ме дроби
оти растат брзо, премногу брзоа и ние што ги чуваме грешни сме
и плашливи
оти за љубов, за љубов се работи
луѓе мои, за љубов се работи