УБАВАТА ЖЕНА Е ЗДРАВА ЖЕНА: „Борка“ и „Авон“ заедно на маршот „Напред розово“ во недела
Десеттиот по ред марш „Напред розово“ здружението „Борка“ го организира во недела, на 7 октомври од 11 часот, на Школка во Градскиот парк.
Јубилејната кампања на „Борка-за секој нов ден“ за подигање на свесноста против ракот на дојката, и овој пат ја поддржа компанијата „Авон“ како стратешки партнер.
„Над 1200 жени во Македонија се дијагностицирани со рак на дојка, што е двојно повеќе од лани. Ракот на дојка може да биде успешно излекуван ако се дијагностицира во ран стадиум. Ова е нашата заедничка борба, со членките на „Борка“ , со „Авон“ и со Американската амбасада кои ни се долгогодишни пријатели. Од 2008 година фукнкционира првата македонска СОС линија за подрршка на бројот 075228899. Нашите Борки и поддржувачи се жени од онаа страна на стравот“, изјави на денешната прес конференција Боба Додева, претседател на „Борка“.
„Од 1992 година, откако постои „Авон“, во фокусот ни е здравјето на жената. „Авон“ на светско ниво донирала 800 милиони долари, и едуцирала 180 милиони жени за оваа болест. Обезбедивме бесплатен скрининг на над 20 милиони жени, преку продажбата на прозиводите со розова панделка, кои станаа и наш заштитен знак. Убавата жена е здрава жена“, изјави Марина Цигарида, заменик национален менаџер за продажба во „Авон, Македонија.“
На прес конференцијата беше промовирано и видрото од кампањата „Допирај се розово“, во која учествуваат повеќе домашни јавни личности: Сашко Коцев, Каролина Гочева, Наташа Мешковска, Џијан Емин и Снежана Лупевска- Созен. Видовме и емотивно видео од жени и еден маж, членови на „Борка“, кои со нивна поддршка го победиле ракот.
М.Џаровска