УЧИЛИШТАТА СЕ ПРАЗНАТ, АМБУЛАНТИТЕ СЕ ПОЛНАТ: Децата боледуваат од грипот, РСВ вирусот и бактериските инфекции
Сезоната на респираторни заболувања кај децата веќе го зема својот замав. Во голем дел од училиштата, одделенијата речиси и се преполовени. Амбулантските прегледи се значително зголемени, но има голем број деца кои мора да се хоспитализираат.
Според педијатрите, нешто кое и најчесто се јавува во овој период на годината поготово кај децата кои се и во училиштата и градинките e грипот, односно инфлуенцата.
-Таа е акутна, многу заразна болест предизвикана од вируси на грип, при која доминираат симптоми на воспаление во форма на температура, интензивна главоболка, болки во мускулите и зглобовите, анорексија, повраќање, додека респираторните симптоми како кивање, болки грло, кашлица, се појавуваат подоцна. Вирусот се резмножува на мукозната мембрана на горните и средните делови на респираторниот тракт, особено на душникот, предизвикувајќи хиперемија и некроза на епителот, губење на цилијарната активност. Во тешки случаи, се јавува хеморагично воспаление. За сето тоа време вирусот не поминува во крвта. Сите симптоми на болеста се резултат на инфламација . Токсинот на вирусот покажува тропизам кон нервната супстанција и кардиоваскуларниот систем, што ја објаснува постојаната главоболка и склоноста кон хипотензија и кардиоваскуларен колапс. Поради изразена некроза на мукозната мембрана, овозможена е суперинфекција со бактерии, така што инфекцијата со вирусот на инфлуенца може патогенетски да се подели во две фази; првиот, примарен вирусен, кој трае 3-5 дена, и вториот, секундарен, бактериски, кој понекогаш е истовремено, појаснува д-р Ангелчо Андоновски, специјалист педијатар.