Украсувам иста елка 28 години: Маријана Новачевска за Женски Магазин

НОВАГОДИНА И БОЖИК ЌЕ ГИ ДОЧЕКА НА СВОЕТО РАБОТНО МЕСТО – ВО БОЛНИЦА ВО МЕЛБУРН, СО ПАЦИЕНТИТЕ ВО СТОМАТОЛОШКОТО ОДДЕЛЕНИЕ, ВО УЛОГА НА МЕДИЦИНСКА СЕСТРА

Поранешната пејачка ѕвезда, Маријана Новачевска, која пееше во дует со својата сестра Росана Сариќ Тодоровска, речиси три децении живее во Мелбурн, Австралија. Вели дека има нормален живот, исполнет со мир и спокој. Посветена е на нејзините две деца и работата. Новогодишните празници за неа се многу повеќе тажни, отколку среќни.

- Причината за тоа е што не можам да ги прославам опкружена со моите најмили, кои живеат во Македонија. А и искушенијата во животот, со кои верувам сите на овој свет на кој било кој начин се соочуваме.Пoсветена сум на моите деца, коине се обврзани дa бидат  со својата мајка за дочекот на Нова година или за прославата на Божик. Ја имаат таа слобода сами да решаваат каде и со кого да бидат во одредени денови во годината – открива Маријана и дополнува.

-Нова година и Божик ќе ги дочекам таму каде што сум најпотребна. А тоа е на работното место, во болница со моите пациенти од стоматолошкото одделение, во улога на медицинска сестра. Чувството да помогнам некому кога му е најпотребно, комплетно ме исполнува- вели таа.

Секоја година украсува елка, а околу неа ги реди подароците наменети за своите најмили.

- Во мојот дом елката не е среде соба, но висока е „две- три педи“. Истата елка ја украсувам 28 години. Децата секоја година на шега ми велат ,,мамо дали знаеш дека се продаваат и поголеми елки“. Но, не можам да се откажам од неа. Многу си ја сакам, таква малечка, а и подароците околу неа изгледаат многу поголеми – открива Маријана.

Пред седум месеци ја доби внуката Ева и ужива во улогата на баба.

- Сега почнавме да се запознаваме со внуката. Поради пандемијата со корона вирусот, за жал не бевме во можност да се дружиме. Ева е весело бебе, многу се смее и сака да јаде. Таа и  две годишното внуче Ноах на сестра ми Росана , се нашата најголема радост. Двете уживаме во улогата на баби- посочува Новачевска.


Соња Алексоска Неделковска