Уриваме рекорди со аерозагадувањето, но дали поголемата населеност води кон позагаден воздух?
Македонија повторно зимава урива рекорди со загаден воздух. Скопје повторно се најде меѓу 10-те најзагадени градови во светот, во друштво на градови од Индија, Кина, Пакистан, Монголија кои пак имаат милионско население.
Скопје котираше на високото 3-то место, а претходните години состојбата не беше ништо подобра. Бројот на жители е еден од факторите кои влијаат на загаденоста на воздухот, но тој не е единствен, туку важни се и навиките на граѓаните и општо колкава е грижата за заштита на животната средина.
„Населеноста влијае ако се земе предвид дека има зголемени градежни активности и повеќе моторизација (автомобили) во наше Скопје, кое и онака е загушено од планините околу и се наоѓа во котлина. Општо неодржливото урбано живеење го нарушува балансот во животната средина и резултат се разни загадувања (воздух, вода, почва, светло, звук...). Постојат неколку студии за загадувањето во Скопје и во сите наведени се индустријата, градежништвото, домаќинствата што се греат на цврсти горива (што палат од дрва до пластики) и транспортот на крај како причинители“, вели Мила Јовановска, од организацијата „Биди зелен“.