Услов да останам во Јапонија со Давид беше да се венчаме: Катарина Бабунски за Женски магазин

Добивај вести на Viber

Катарина Бабунски е сопруга на младиот македонскиот фудбалски репрезентативец Давид Бабунски. Двајцата се горди родители на две момчиња, а веќе во април нивното семејство ќе биде побогато за уште еден член, односно девојче.

Се запознале преку заеднички пријатели во 2016-та, набрзо почнале да живеат заедно, а веќе во 2017 година биле во Јапонија каде правилата се малку поинакви и морале да се венчаат доколку Катерина сакала да остане таму со него.

„Ни беше важно да останеме заедно и се покажа дека не погрешивме, бидејќи од тој брак создадовме семејство“ – ни откри Катарина.


*Катарина, како и кога се запознавте со Давид?

-Давид и јас се запознавме во Белград, преку заеднички пријатели, во 2016 година кога тој играше во Звезда. Многу брзо почнавме да живееме заедно, така што веќе во 2017 бевме во Јапонија. Таму правилата се малку поинакви, па единствен начин да останам таму беше условот да се венчаме. Иако во тој момент не планиравме брак, не ни беше проблем да се венчаме бидејќи љубовта и почитта беа присутни од самиот почеток. Ни беше важно да останеме заедно и се покажа дека не погрешивме, бидејќи од тој брак создадовме семејство.


*Круна на вашата љубов се две дечиња, на пат е вашата трета среќа, како се викаат и колкави се момчињата?

-Се викаат Елисеи и Лиам. Елисеи е постар, во мај ќе полни 5 години, а помалиот Лиам, има полни 3. Девојчето ќе ни пристигне во април.

*Кој ти помага околу децата или правиш се сама?

- Воглавно правиме се сами. Давид е многу посветен татко и имаме добра организација во домот. Кога тој не е тука, тогаш правам сѐ сама. Мала е разликата меѓу нив, па беше доста напорно на почетокот, меѓутоа тие сега одат во градинка, па и грижата околу нив е помалку напорна од претходно. Кога ни треба помош, тука се мојата и неговата мајка.

*Каде живеете сега, за кој клуб настапува Давид?

-Моментално базата ни е во Белград. Давид живее во Унгарија и игра за клубот Месоковесд. Често се посетуваме бидејќи сме оддалечени 4-5 часа возење. После породувањето, планираме да се преселиме таму, или каде ќе игра тој.


*Активна си на Инстаграм, таму споделуваш како ти поминуваат деновите. Тоа го правиш од забава или посериозно се занимаваш со таа социјална мрежа?

-Она што ми недостасуваше често од кога станав мајка и почнав да патувам е да имам нешто свое. Тоа успеав да го пронајдам на Инстаграм, засега мојата активност таму е само како хоби. Уживам да зборувам и да споделувам со другите работи кои ме исполнуваат, како што е родителството, модата и убавината, здравата исхрана и здравиот живот. Мислам дека со тоа можам и на другите да им допринесам, па тој факт дополнително ме инспирира сето ова да го работам.

*Неминовно е прашањето, како е да се биде сопруга на фудбалер?

-Како е да се биде сопруга на фудбалер, тоа зависи многу од тоа каков маж имате, како и колку сте ментално подготвени за таков живот. Немаат сите фудбалери иста кариера, но воглавно секој од нив мора многу напорно да работи за да би можел воопшто да напредува. Така да се тоа влијае на жената и на квалитетот на живот на целото семејство.

Ние заедно поминавме низ различни услови и опкружувања и сфативме дека ни е важно секогаш да го извлечеме максимумот од секоја ситуација во која се наоѓаме. Јас на старт го прифатив неговиот начин на живот и поради тоа помалку се стресирам околу работите кои не можам да ги променам. Моментално најтешко ми паѓаат честите селидби, децата веќе стекнуваат пријатели и засакаат некое место па жал ми паѓа кога сето тоа мора да го остават. Јас лично сум возбудена за секоја промена и сакам да запознавам нови култури и да ја променам државата. Свесна сум дека неговата кариера не може да трае засекогаш и тоа ме инспирира да најдам некоја позитивна перспектива кога ми е потребна. Би рекла дека неодостатоци се тоа што ја запоставив сопствената кариера, но верувам дека се тоа може да се избалансира во некои случаи.


*Наскоро ќе бидете родители на трето дете. Девојче. Дали смисливте име, како ти поминува бременоста за разлика од првите две?

-Уште не сме одлучиле за име, но имаме неколку фаворити. Оваа бременост, засега ми е најлесна од сите. Доста зајакнав психички и бидејќи веќе имам искуство знам што ми е потребно и како да се носам со тешкотиите.

Тешко ми паѓа кога ноќно време не можам да спијам, а преку ден морам да бидам со децата. Искуството е различно, бидејќи во првата бременост бев сама и се грижев само за себе, во втората веќе имав бебе од 6-7 месеци, а сега имам две деца. Во секоја бременост имав поинакви предизвици и обврски.


*Колку покрај обврските со децата, имаш време за себе? Како се негуваш, колку имаш време за дружба и кафе со пријатели?

-Со оглед дека моментално сум во Белград и дека децата одат во градинка, имам доолно време за се што ќе посакам.

Отсекогаш сакав да се негувам и тоа продолжив да го правам и кога станав мајка. Сега во бременоста значајно ги намалив бројот на третмани на кои одам, но да речеме еднаш во месецот правам третман на лице, одам на фенирање секоја недела и секогаш имам средени нокти.

Масажата ја практикувам почесто сега отколку порано и таа многу ми помага да се опуштам и ми ги отстранува болките кои ги имам. Покрај тоа, се негувам и дома сама. Моментално фокус ми е и моето ментално здравје. Во секоја бременост медитирав, така да тоа повремено го правам и сега, многу шетам и се занимавам со работи кои ме прават среќна. Имам малку пријатели и со нив нив не се гледам секој ден, но кога и да се видиме уживаме во квалитетно поминато време.

*Која е твојата професија?

-Јас сум Архитектонски техничар, ја прекинав работата и студиите со заминувањето во Јапонија.


*Доаѓате ли често во Македонија?

-Доаѓаме неколку пати годишно. Тоа често зависи и од тоа каде живееме и колку слободно време имаме.


*Каде имате живеено досега, која земја ви остави најубав впечаток?

-Од кога почнавме да живееме заедно, живеевме во Србија, Јапонија 3 години, Романија година и пол, и потоа во Унгарија скоро 2 години.

Во сите овие држави ги менувавме градовите и имавме различно искуство, но Јапонија дефинитивно ми остави најубав печат. Таму ги поминавме најубавите моменти и таму се роди нашиот прв син Елисеи. Поради тоа културата и народот се поинакви па и нашиот живот беше скроз поинаков, ако споредиме се друго што веќе е слично на нас и местата на кои растевме.


*Кога би требало да изберете, каде би живееле засекогаш?

-Засега планот ни е да живееме во Шпанија, кога Давид ќе ја заврши кариерата и кога ќе можеме да останеме на едно место. Тој порасна во Барселона, а мене и децата многу ни се допаѓа градот.


Ирена Ставрова